Добивај вести на Viber
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска јавно упати благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, како и до другите институции, а даночната акција во Струмица ја прогласи за успешна. Сознанијата се дека акцијата се одвивала главно на територијата на Струмица, а детали нема, бидејќи станува збор за предистражна постапка која според закон е тајна.
„Сакам да искажам огромна благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, а особено до колегите од Струмица и другите градови кои денес заедно со мене цел ден неуморно работеа во спроведување на акцијата во Струмица. Дел од нив директно со мене во Струмица, а дел и низ други градови на Македонија.
Исто така, огромна благодарност до Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Царинската управа кои беа огромна поддршка на колегите од УЈП. Денес покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ. Продолжуваме посветено и одговорно за доброто на сите!“,порача министерката на социјалните мрежи.
По доставено известување од страна на МВР за сознанија до кои дошла УЈП, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“ по член 279 „даночна измама“ по член 279-а и „перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 од Кривичниот законик на група субјекти, соопшти попладнево ОЈО ГОКК.