ДИК закомпликува: Нема да одлучува за барањето на Чулев
Објавено во: Македонија 14 Јануари, 2020
Државната изборна комисија нема да одлучува по барањето на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за мислење во врска со одлуката за назначувањето на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје затоа што немала овластувања за оценување на поединечни акти.
Одлуката беше едногласно усвоена од членовите на Државната изборна комисија, откако претходно овој акт не беше потпишан од дополнителната заменик-министерка во МВР Славјанка Петровска.
„ДИК нема овластувања да дава оценки за поединечни акти, тоа е надлежност на судот, надлежностите на министрите не е на ДИК туку на Закон за Влада, што треба да ги почитува, наместо да се наоѓаме во ситуација ДИК да одлучува… сметам дека ваквото барање не преставува конкретен акт поврзан со изборите“, изјави Борис Кондарко на денешната седница на ДИК.
За одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада потребни се два потписа, односно тие имаат врзани потписи, во согласност со Законот за Влада.
ДИК беше должна во рок од 24 часа да донесе одлука и да ја проследи до односното министерство во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите. Одлуката на ДИК е конечна.