19 Април, 2024
0.0260

Детство во Чаир

Објавено во: Колумни 03 Март, 2019

Добивај вести на Viber

„Шут,гол....не е гол драги слушатели“.Ова е заштитиниот  знак на долгогодишниот радио-репортер на Македонското радио Ивко Панговски.Мој долгогодишен колега,сега пензионер, подалечен сосед во Тафталиџе,а пред се еден од моите новинарски учители.Се согласи без поговор и со задоволство на разговор за неговото детство и младоста во Чаир,едно од најстарите скопски маала.

Поентата што провејуваше низ целиот разговор,што континуирано протече без пауза дури и за кафето што го испивме работно,што би се рекло,беше:во Чаир се живееше скромно,работно,сложно,без никакви проблеми,иако населението отсекогаш било со мешан карактер.Македонци,турци.албанци,роми,евреи живееле како еден-се помагале,се дружеле,се веселеле и тагувале,спортувале и пееле заедно,еден до друг,а не еден покрај друг.

Кажува со восхит и со некаков сјај во очите,без тага по минатото,за своите детски денови по чаирските улици и полјани,каде што играл фудбал(топка од партали),ашици и  водел детски  војни со прачки и камења на Гази Баба,за симид погачите и бурекот од многубројните чаирски фурни во кои постарите носеле катадневно леб и турли-тави на печење,за зрелите и сочни чаирски патлиџани што ги кинеле од бавчите што ги имало насекаде,околу секоја куќа,што со парамен леб биле основната храна во летните посети на плажите на Вардар(преку Француски гробиште),но и на Мала и Голема Серава и на Чаирска Река што носеле  бистра и свежа вода од Скопска Црна Гора се до вливањето во реката што го дели Скопје со векови на два дела.

Ја слушнав од Гале и песната-химна на култното скопско маало која дословно ја цитирам (иако сме ја слушале во друга верзија испеана од Влатко Стефановски)-„Чаир мала није шала,ќор Томчета опљачкала....“.Томче е вистинит лик од неговото детство со хендикеп, од чија градина љубеле да крадат овошје и зеленчук на пат за на плажа,а Томче тоа не го гледал но го чувствувал и викал по нив:„Ќе ви ибам све,само ако ве фатам,ќе ве утепам од ќутек.....

Од секојдневните дружби со врсниците Ивко научил повеќе јазици,но и тие го научиле убаво македонскиот,без предрасуди и со мерак и ќеф.Јаделе ашуре и пелте,бурек, пити, колачиња и безгрижно растеле,славеле слави,оделе по цркви џамии,одбележувале Бајрам и Рамазан,Свети Ѓорѓија,летен и зимски, и не мислеле на ништо друго.Им било убаво и безгрижно..

  Со отворени очи го сонува својот чаирски сон мојот соговорник .Галичанецот со постојан четири децениски престој во ова скопско маало,кој како штотуку проодено дете директно од познатото мијачко гнездо со семејството се доселил во пространата низина во северозападно Скопје што се простира се до Скопска Црна Гора.

Во мислите и сеќавањата се враќа назад и стои на мостот кај Битпазар на улицата Цветан Димов што во негово време ја викале, како поинаку, ако не „главна улица“.Од левата страна гордо се издига минарето на Јаја Паша,голема турска џамија,но ги нема куќите околу неа.За нив вели дека требало да останат и да сведочат за едно време,овие сегашниве не му се вклопуваат во идиличната слика.Ја нема ни фурната на чичко Манас,каде што во секое време имало вкусен геврек и симидпогача.

Улицата Цветан Димов го добила името по овој чаирчанец-народен херој кој во 42-та по ѕверско мачење бил фрлен од прозорец на  бугарската полициска управа во август,а потоа неговото тело со најтроги мерки на безбедност,во присуство на голем број жандарми и агенти било погребано на гробиштата во близина начаирско Циган маало.Цветан,како и повеќето членови на семејството Димови бил шнајдер,а меѓу комшиите бил познат и како голем песнопоец,впрочем такво било и целото опкружување,вредно и сиромашно,но чесно и весело.Го има формирано и фудбалскиот клуб „Балкан“ на кој кралот Александар Караѓорѓевиќ во дваесеттите години му го подарил просторот, каде шти ден денешен се наоѓа стадионот во Чаир,во близина на месното пазарче.„Балкан“ се натпреварувал во тогашната Југословенска лига зашто се уште не бил формиран „скопски ,односно јужнобановински потсавез“.Чаир е  гнездо на македонскиот  фудбал-уште пред многу години добил и женски фудбалски тим.Ни останаа и други теми за сеќавање на Ивко,но имаме време и за нив....

Иако длабоко навлезен во 9-та деценија од животот чаирчанецот и легенда на спортското радио-новинарство Ивко Панговски  живо и скоро документаристички се сеќава на далечното минато на ова култно скопско маало.Откако испивме по едно кафе и каснавме колаче проговори за уште неколку собитија од животот на Чаир.

Во близина на Јаја Паша џамијата имало гимназија во бугарско време „Борис Дрангов“во која наставата се изведувала под строга контрола на властите и војската.На секој час присуствувал по некој од нив за да се увери дека наставата се изведува на бугарски.Се сети и на Славе Трнски убаво момче со прекрасен глас ,кој за време на окупацијата влегол во четничката организација и кога бугарите се повлекле по капитулацијата заминал со нив во нивната земја.Таму преминал на страната на антифашистите,станал советски тенкист  кој на Страцин направил и херојско дело спасувајќи многу црвеноармејци од загинување.По војната Трнски доаѓа дома и веднаш бил затворен и осуден на смрт поради соработката со окупаторите.Мајка им пишала до Сталин и маршал Толбухин,а „хазјанинот“ му се обратил на Тито со барање за ослободување и така песнопоецот бил помилуван и ослободен.

Властите во 20-те години од минатиот век претставени од градоначалникот Јосиф Михајловиќ од Тресонче и од кметот Блаже покажувале посебна грижа за населението.Изграден е паркот со детско игралиште и домот за стари лица со донација на кралицата Марија Караѓорѓевиќ,како и заводот за хигиенска заштита во борбата со болестите што го погаѓале сиромашното население.Туберкулозата косела,а тогаш постоело уверување дека до колку се престојува во трлата на падините на Скопска Црна Гора тоа ѓоамити многу помага за лекување на болеста што косела во тоа време.

Хигиенета чаирчани ја одржувеле бањајќи се во јавните купатила употребувајќи глина-ума што се копала на два локалитета кај Шарковци и кај гробиштата.Впечаток остава и уредениот сточен пазар(„сточна пијаца“) со добра хигиене и ред и поредок при продавањето на стоката,но и со сточна вага на која се мерела заедно со запрегата.

Од Чаир потекнуваат неколку музички имиња семејствата Шуплевски и Димчевски,Александар Сариевски,Васка Илиевска и Петранка Костадиновска.Музичкиот живот бил организиран во друштвото „отец Пајсиј“,а диригент повремено бил,покрај татко му на Драган Шуплевски и поп Боро од Цркавата „Свети Ѓорѓија, чаирска знаменитост што постои и денес,инаку татко на Дади и Диди Ангеловски.

Ивко се сети и на Надире, која во Синѓелиќ теќето се грижела за забите на сограѓаните.Таа вадела заби само на деца и жени,но за време на војната под закана и на окупациски војници.Заб се вади- се знае како:се врзува со сиџимче, а другиот крај за кваката од вратата и оп кога ќе се потегне вратата отиде и болното запче.Фудбалот бил и останува главната нишка-покрај „Балкан“ и Мето Спасовски и браќата,тука е и Душко Поповски првиот македонски судија со положен судиски испит.Торетскиот дел го полжил на средбата со Белградските фудбалери што завршила катастрофално со 10 спрема два,а во 26-та, четири години подоцна судејќи ја „утакмицата“ со истиот противник 4 спрема два го положил и практичниот испит за „човек во црно“.

Со години меѓу нас се велеше –„чаирчани контраши“.Демек за нив Вардар течел обратно од Егејот кон Вруток.Никогаш не се уверив во ова тврдење за своите сограѓани,а при следната средба со Ивко Панговски во млечниот ресторан во „Веро“ во Тафталиџе каде што секојдневно се дружи со видни скопјани ,ќа го прашам и за оваа  урбана ујдурма.   

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок