03 Јуни, 2020
0.0421

Детски игри

Објавено во: Колумни 17 Мај, 2020

Се израдував како мало дете кога деновиве ја забележав мојата мала внукичка како на сред соба си игра една игра  што некогаш беше топ женска занимација,односно игра на девојчињата од наше време.Можеби некој ќе погоди за што станува збор,а за другите- тое е играта школица.Останува уште да ни се врати скокањето преку јаже и хула хопот. Не сум,баш,оптимист, но се надевам......

Со право се згрозуваме и сме загрижени поради фактот што сегашниве деца се воспитуваат и едноставно растат со компјутерски игри,филмови и телевизиски серии полни со насилство,крв и бруталност, што оставаат трајни последици врз нивната психа.Се чини дека малку кој води грижа што тие еден ден ќе станат возрасни и врз нивни плеќи ќе падне се ова што денес го создаваат нивните родители и дедовци.А тие, пак,во трката за секојдневен опстанок и профит во овие транзициски времиња имаат се помалку време за нив,оставајќи ги на милост и немилост на плеј-стејшн,на тв-програмите и на законите на кафулињата.

Ламентирајќи, пак, одново и одново на вакви теми, како да заборавивме како  растевме ние машките.....Играјќи се по дебармаалските  чистинки наоѓавме неиспукани парчиња муниција од којзнае која војна и милувавме во вечерните огнови да ги фрламе во разгорениот пламен несвесни што може да ни се случи.Кога ќе го исцрпевме арсеналот од игри од типот долга магарица,народна,камај,нека бие,пипни- стој,криенка-миженка,партизани и каубојци,челик,џамлии,фанта и......ќе ни текнеше на „кутија“.

Се прави кнап отвор во земја колку што е празната конзерва од кило и се прави дупка со шајка на дното,во земјениот отвор се истура вода и во него се става карбид.Се поклопува со конзервата што се запретува со остатокот од земјата и најхрабриот со подолг стап на врвот со запалена хартија приоѓа кон отворот на кутијата...по извесно време со силен тресок-да не речам експлозија, кутијата лета високо во воздухот придружувана со восхитени извици.Подзинати слушавме дека еднаш кутијата ѓоамити погодила орел во лет кој треснал на земја.Неретко кутијата завршуваше во главата на храбриот детонатор со трајни или само моментални последици во вид на џумки и расекотини.Од кај имавме карбид никогаш не дознававме,секогаш некој од некаде го набавуваше(читај крадеше).Не размислувавме за хемиската реакција што доведуваше до мала детонација,важно несвесни за последиците  игравме и тепавме време.

Не помалку опасна занимација беше клучот со шупливо тело во кој го роневме фосфорот од неколку чкорчиња кибрит,го затворавме со шајка врзана на едниот крај од клучот и под главата на простата градежна направа.Така подготвени влегувавме по влезовите на малкуте објекти за колективно живеење  удиравме силно врз ѕидот со главата од шајката која се забиваше во полнењето и ете ти силен тресок што ги избезумуваше социјалистичките трудбеници желни за попладневен одмор.Неретко телото на клучот под силниот притисок на фосфорот леташе во парчиња(многу често во рацете и главата на малиот ракувач).Играта знаеше да зврши и со итна интервенција во болница со трајни последици за цел живот.

Металните пачки од жица  беа муниција за чаталчињата со ластик со кои се пресметувавме во своевидните војни со врсниците од  другата улица.Пачките завршуваа болно во непокриените делови од телото, но и во несакани цели.Триумфот од победата во битката беше најважен,никој не размислуваше за она што може да се случи,но и што се случуваше....

За блиска борба користевме  топчести семки од липа и цевчиња од трска:топчињата во уста, силно дување во цевчето и ете ти проектил-безболен и без последици.

Некој ќе рече младост лудост или секое време си носи свои специфики,но што е многу многу е,па макар и да станува збор за  деца од сосема други генерациии ! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Хоби или бегање од секојдневјето?

Хоби или бегање од секојдневјето?

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Наркоманска лицемерна нација!

Наркоманска лицемерна нација!

Трамп го затвора отвореното небо!

Трамп го затвора отвореното небо!

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Денот на младоста

Денот на младоста