28 Март, 2024
0.0387

Денко Малески: Визија за иднината на Македонија е повеќе да личиме на Европејци од север

Објавено во: Интервјуа 08 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Со првиот министер за надворешни работи Денко Малески направивме обид за паралели меѓу општетствените и политичките прилики во 1991 кога создадовме со сопствена волја и заложби независна држава и денес кога имаме состојба на недоверба во политичкиот систем и разочараност од практицирањето на државата. Според професорот Малески независноста е резултат на разумна политика и заложбата да се избегне било каков воен судир, но потоа градењето на Македонија е обележано од тоа што никогаш претходно не сме имале демократско искуство, а се повеќе политичките елити се карактеризираат со источните авторитарни системи.

Фактор: Што значеше да се создаде незaвисна држава, каква беше енергијата на луѓето, како тогашните политички елити го пребродија издвојувањето од Југославија. Имаше ли стравови од ескалација на воените дејствија и што беше постулат на државноста?

Малески: Независна држава значеше дотогашната југословенска република Македонија самата да заплови во немирното море на светската политика со која владее начелото на „самопомош“. Умните луѓе, секаде во федерацијата, знаеjа дека, е надобро да се сочува еден степен на единство и соработка меѓу идните суверени држави, а сложените проблеми на мултиетничката федерација да се решаваат на конференциската маса. Зашто, со подемот на демократијата која произведе различни политички содржини во шесте републики, нужно беше да се редефинираат односите меѓу народите, а заедничката држава да се трансформира во лабав сојуз на суверени држави. Тоа беше нашата позиција во Македонија. Националистите, пак, имаа друга агенда. Тие зборуваа за рушење на Југославија, што неминвно значеше воени судири меѓу народите, проследени со смрт и разорувања. Ваквото бестијално поведение на националистите во републиките ги потпали огновите на етничките војни. Луѓе, политичари, неспособни за елементарен дијалог и за компромис, зафатени од треската на национализмот, ги потпалија етничките огнови кои почнаа да се спуштаат од север кон југ. Стравот дека тие огнови ќе ја зафатат и Македонија беа сосема реални. За среќа, за претседател имавме умерен човек кој одбиваше да го злоупотреби национализмот за лична политичка ќар. Нашиот договор беше политиката на мирољубивото самоопределување, политика која резултираше колку од омразата кон војната толку и во убеденоста дека во тогашна Европа е можно да се оствари независност со мирни средства. 

Фактор: Три децении подоцна и натаму се етаблираме во Западниот свет, да бидеме запишани како дел од западната цивилизација на вредности. Дали жртвуваме премногу за да стасаме таму иако датумот за преговори за членство во ЕУ виси на конец? 

Малески: Доцниме, меѓу останатото, и затоа што ние сме дел од една друга култура со поинакви вредности. Ние сме дел од Источната авторитарна култура и пред независноста сме немале ниту ден вистинско демократко искуство. Вредности се работи кои луѓето ги сметаат за вредни, некогаш и по цена на животот. Слободата е таква вредност, за која, нашите претци знаeле да ги положат своите животи. Но, и вистината и правдата и човековите права и правната држава и одговорната власт и независното судство се такви вредности. Колку, ние денес во Република Северна Македонија сме спремни да жртвуваме за таквите вредности. Бидејќи не се дел од нашето културно наследство и не ги носиме искрено во срцата – малку! Ако големата жртва е алузија на промената на името, одговорот е дека таквите жртви требаше да ги направиме многу порано и во многу поповолни околности за нас. Но, партиите ја играа играта на националистичкото наддавање, кој е поголем патриот и така ја држеа земјата вон модерниот Западен свет. Променетите светски и европски околности навистина не гарантираат дека сигурно ќе добиеме датум, но се надевам во моќта на стратешкото размислување на францускиот претседател Макрон чија европска визија може да не спаси од неодговорното поведение на малите, пакосни и корумпирани  македонски политичари. 

Фактор: Како гледате на денешната генерација на политичари, колку се тие производ на поставениот систем на вредности и зошто корупцијата ни стана главна одлика, па дури за некои и неизбежна. Има ли визија за иднината и повисоките цели на Македонија како држава и кои треба да се тие?

Малески: Денешната генерација политичари, сум го напишал тоа одамна, е производ на една атмосфера на насилен распад на југословенската федерација, на еден домашен политички и економски хаос во кој владее начелото на посилниот, на еден брутален капитализам во кој отсуствува секаква солидарност и на еден пад на моралот на нацијата и на политиката. Производ на лоши времиња и самите македонски политичари не можат да бидат поинакви. Селектирани по цинизам, агресивност, итрина, алчност, оставаат таков белег и врз македонската политика и македонското општество. Нормалноста, последица на нашето приклучување кон евроатлантските интеграции, е нашата шанса за политика и политичари кои ќе ги отсликуваат европските а не домашните вредности. Но, тоа е еден долг процес. Сепак, тоа е визијата за иднината на Македонија и нејзината политика: помалку да личиме на себе а повеќе на европејците од север. 

Х.С.