Денеска во Брисел уште еден „стрес“ за Владата
Објавено во: Македонија 20 Јуни, 2019
По заклучоците на Советот на министрите во Луксембург во кои се предлага ЕУ да се наврати на прашањето најдоцна до октомври, конечниот збор ќе го имаат лидерите на земјите членки на денешниот самит во Брисел, каде што се очекува да биде потврдено дека Македонија и Албанија ќе чекаат за одговор за датум за преговори до октомври.
Лидерите на ЕУ за време на самитот во Брисел, кој почнува денес, ќе ги потврдат заклучоците на министрите за надворешни и европски работи донесени во врска со проширувањето. Советот забележува дека тоа е само потврда на заклучоците без дискусија, или дополнителни одлуки, од страна на лидерите на земјите-членки за процесот на проширување. Во рамките на првиот дел од разговорот, се очекува само формално потврдување на министерските заклучоци за проширувањето.
На самитот на лидерите на ЕУ во Брисел ќе се зборува за донесување заклучоци за долгорочен буџет на унијата, климатските промени, дезинформации и хибридни закани. Претседателите и премиерите на ЕУ, исто така, ќе разговараат за надворешни работи и се очекува одлука за продолжување на санкциите кон Русија за уште шест месеци. За време на самитот, за време на вечерата, водачите на ЕУ ќе разговараат за назначување на водечките позиции во институциите на Унијата.