29 Март, 2024
0.0262

Ден што не се заборава

Објавено во: Колумни 19 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Во моите писанија земјотресот го спомнувам само како временска одредница-пред земјотрес и потоа. Не дека не се сеќавам на страшните слики и на сето она што се случуваше во деновите и годините по катастрофата, туку едноставно не ми се дава, нешто не ми даваше  да го раскажам она што како генерација на 15-годишници го преживеавме, со отворени очи гледајќи вџашено како го снемува саканиот град,но и како се издига од пепелта на урнатините, ги лекува раните и смело чекори во иднината.

Вечерта на 25-ти јули 1963 падна како и сите претходни. Беше ужасно топло, а небото на западот со црвеникава магличеста боја најавуваше уште поголем пекол. Маалчаните во скопско Циган-маало се бореа со јулската врелина со мокри чаршави на ширум отворените врати и прозорци на старите куќи. Тоа беше скопски ер-кондишн одговор на јарата што не ти дава око да склопиш.

Но, утринската свежина место доцен одмор и спокој донесе страотен татнеж и лелек на улицата Луј Пастер. Моите во паничниот страв велеа дека можеби е бомба, атомска, за која слушавме многу во тие кризни години на студената војна. Устите ни беа полни со прав, очите исто така Врз дел од нашата приземна куќа падна четирикатницата во која живееја главно вработени во „внатрешни“, како што велеа постарите. Излеговме некако во дворот, а пред нас брдо од бетон, тули, покуќнина, а од под урнатините запомагање и молби за помош на затрупаните наши соседи. Петок беше, крај на месецот и не знаевме кој се вратил од одмор, а кој заминал вчерадента.

Тетка Тања од приземјето е заедно со нас, избезумена и во паничен страв-не знае како се нашла тука-знае само дека излегла нешто да истресе. Знаеше дека чичко Лазо е под огромниот куп,а не знае што е со ќерката Силва (за среќа палавата другарка на сестра ми вечерта отишла на спиење кај тетката мажена за Бабуш, познатиот скопски угостител и ја преживеа катастрофата). Први што дојдоа пред урнатината беа членовите на семејството на жената-ромка што ги чистеше влезот и басамаците. Се чу морничав крик кога ја пронајдоа веднаш до излезот. Од под урнатините се слушаа гласовите на преживеаните, но како да им се помогне. Врз купот урнатини со крамп во рацете се најдоа Бошко и Дракче (Лудиот Марко) и не знам како не настрадаа дополнително. Сакаа да помогнат, но како? Тресеше силно и со страшна бучава секој миг...ни се чинеше дека земјотресот не ни престанал. По извесно време се појавија припадници на војската и рудари од Трепча или од некој друг рудник .Ги извадија Лазо и чичко Стојан (татко на Бети, моја колешка од радиото, која тогаш имала две-три годинки и само чудо ја спасило) и Нада инженерката, сопруга на Бранко Глигоров-Вирусот-музички уредник во Радио Скопје.Потоа стана јасно дека овде веќе нема преживеани.

Но, животот на скоро мртвиот убавец покрај Вардар го најави „Абре македонче“-авизото на радиото што почна да емитува програма не знам од каде, долго одеше само тој тон, а потоа се јавија и спикерите и новинарите. Жално, но и надежно звучеше тивкиот звук од нечиј танзистор во близина. Доаѓа ноќта, а тука не смее да се остане,почнува полициски час....

Првата морничава вечер ја минавме во паркчето карши „Нова Македонија“ (сега е голема крстосница). Од прирачни материјали-летви и терпапир возрасните направија еден вид настрешница (за секој случај). Од некаде се најде тазе леб(од кај фурната на мајстор Пеце, карши куќата на Раде Мадиќ) земен бесплатно и ние децата каснавме нешто што се нашло(но која уста да јаде). Цело време пред нас врвеа бескрајни колони од  камиони и други возила што ги носеа настраданите и повредените во Клинички. Некое време се појавија возила со разглас со чија помош со часови се читаа имињата на загинатите.

  Дознав за загинувањето на неколкумина школски другари од училиштето Карпош, познати од Дебар маало преселени во населбата 11 Октомври по поплавата од нецела година пред земјотресот, секој од оние дваесетина згрижани под настрешницата познаваше или имаше роднина меѓу настраданите. Тоа беа потресни часови на исчекување и немир.Од некаде се појавува тетинот Мартин со неизбежниот точак и со штипка на палтоланите. Секогаш во нашето семејство носеше хумор и оптимизам.Овојпат беше видливо поинаков. Им раскажува на старите за невидени слики од градот и за грозоморни семејни судбини. Се прочуја вести дека цела Југославија е на нозе-мора да му се помогне на Скопје.

  Утредента во ранетиот град доаѓа претседателот Тито и го дава историското ветување дека со помош на солидарноста на сите луѓе Скопје повторно ќе биде изградено . Иако бевме на само 3-4 стотини метри од станицата ние за ова ништо и не знаевме.

  Поминавме тука страшни и бесони три дена. Стариот на неколку пати одеше до настраданиот дом да најде нешто за облекување и покривање. Во градот владееше поли-циски час (отсекаде беа дојдени криминалци за да профитираат на свој начин од човечката неволја-слушавме и за застреалани на урнатините, во кои имаше цели богатства од техничка стока,пари и накит). Војската со тешка механизација дојде на помош-почна расчистувањето на најголемите урнатини, но со голема претпазливост,зашто од под нив,одвреме навреме беше извлекуван по некој преживеан. Девојчето Ленче Наумовска (сестрата на мојот комшија Ѓокица) ја извлекоа по цела недела од земјотресот и долго ништо не гледаше поради наглото излегување на светлината на денот. И Пере-увце го извлекоа по неколку дена од урнатата зграда во Карпош-2 (сестричката, братот, мајката и таткото останаа под купот цигли и бетонски плочи). Бил пренесен во Белград со хеликоптер на ВМА и таму со сесрдна помош од врвните лекари легендата на Карпош беше спасена. Вакви потресни приказни знам безброј,но ова се на луѓе што лично ги познавав.

Мажите третиот или четвртиот ден беа мобилизирани, а децата и жените мораа да го напуштат Скопје. Тоа беше сигурен знак дека се работи организирано, на градот да му се даде вештачко дишење  за да почне да живее... 

Пред да заминеме од разурнатиот  град со татко ми направивме блиц обиколка во првиот круг околу Мала станица, каде што до вчера, тукуречи, беше нашата приземна куќичка. Ги видов до темел разурнатите згради на Плоштад Слобода, хотелот Македонија, Офицерскиот дом...насекаде урнатини, но голема раздвиженост на луѓе, кои си ја прибираат покуќнината, она што останало читаво пред разулавената стихија. Гордата Железничка станица стои преполовена и занемена со часовникот со запрените стрелки на 5 и 17....

Нема друго мора да се замине од Скопје за да им се остави на оние што несебично подадоа рака за помош намира да си ја вршат безгранично хуманата и беспоштедна работа-да се залечат ранита на градот..........

Враќањето во Скопје, чинам, беше исто така мачно-што ќе најдеме по се она што се случи? Градот беше огромно градилиште. Доста од урнатините беа расчистени,а на местото од некогашните зданија останале само празни простори. Скопјани распрснати кој каде. Многумина зимата ја чекаа под шатори-во паркот и на многу други празни простори во близина на разурнатите домови.

Ние бевме сместени под шатор во Црниче, а кога дојдоа постудени денови во еден импровизиран простор(читај шупа). Бев заапишан во гимназијата Јосип Броз, но документите никаде ги немаше, а јас продолжив во гимназијата 4-та скопска-сега Р.Ј.Корчагин сместена во хангари во Кисела Вода (зградата беше урната, а се наоѓаше кај балетското училиште –сега таму е ГТЦ). Повеќето од наставата значеше излегување на терен и изведување акции за помош на градителите на населбата Синѓелиќ .Со алат–лопата и гребло понекогаш уредувавме и некои површини низ градот.

  Скопје вриеше од војници,југословенски и странски. Во поголем број тука беа американски војници со „џемсови“ и други тешки возила од базите во Западна Германија, советски војници и други припадници на Варшав-скиот договор со огромни дигалки и тешки „ Вазови“, британски војници и војски од каде ли не.Солидарноста за првпат ги спои спротивставените воени структури на едно место-нивниот привремен логор беше комшиски, покрај Вардар некаде околу Влае. Животот забрзано се враќаше-се санираа станови и куќи, училишта и здравствени објекти, се градеа монтажни објекти во околните скопски населби стручно наречени сателитски населби. На луѓето им се велеше дека тоа привремено сместување ќе трае десетина-петнаесет години, но потраја до ден денешен.

  Градот преку ноќ го имаше загубено својот имиџ на маалски живот. Се беше испретумбано неприродно и тешко сфатливо. Но што е тука е требаше да се продолжи да се битисува. „Да се темни“ -често велеше мајка ми во слични пригоди што сега ептен одговараа. Проработеа кината, „Вардар“ го продолжи натпреварувањето во Првата сојузна лига(беше решено да нема испаѓање), кафеаните (Пелистер, Турист, Метропол) работеа но честопати гостите во паника истрчуваа надвор откако убаво ќе стресеше (оние што беа дојдени на работа, а домаќините мирно си седеа научени на деноноќните потреси за кои стручњаците ни објаснуваа дека значат смирување на тлото и се кладеа за силината на потресот). Долго траеше  привикнувањето на новонастанатата состојба, а тоа најлесно им беше на младите. Иднината на Скопје ја покажа жилавоста, но и оптимизмот. Почна да се свикнува во Влае, Тафталиџе, Синѓелиќ, во Ѓорче и Сарај. Животот оди натаму. Ни остана само споменот на оние што ги зеде катастрофата во својот краток но убиствен танц и на зданијата што беа белег на Скопје.

Секој од нас си има своја приказна за Скопје од тие денови од пред 55-56 години. Знам дека ми остана многу неспомнато и недопрено, но е длабоко во секој од нас што го преживеавме тој пекол, од кој сите заедно со Скопје излеговме како победници. 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?