22 Септември, 2021
0.0275

ДЕМОКРАТИЈАТА И СИСТЕМСКАТА КОРУПЦИЈА

Објавено во: Колумни 30 Јули, 2021

Во литературата, ќе го најдам податокот, кој вели, после девизниот пазар и нафтената индустрија, перењето на пари е третиот најголем бизнис во светот. Според ММФ, стапката на перењето на пари се движи од 2 до 5% од глобалниот БДП. Во таа насока, една моја колешка во АБИТ, често знаеше да рече: „Нема канцеларија, нема секретарка, ниту постојани вработени, но е трета индустрија во светот по висина на профит“. 

Оттука, ако ова е така, а така е согласно меѓународната експертска јавност, тогаш си го поставувам прашањето: Дали можеби сметководителите се оние, каде треба да се фокусира нашето внимание, како начин да се контролира перењето на пари? Да, сум на мисла дека токму тука е фокусот на новото време за борба против овој глобален феномен. Имено, од позиција на финансист (сметководител и контролер), сум забележал дека  перачите на пари се најуредните даночни обврзници. Имено, тие први го плаќаат данокот, дури и повеќе од колку што треба. Оттука, во новото време, сметководствената фела треба да биде подготвена и обучена т.е. преквалификувана од состојба на прокнижувачи и изготвувачи на извештаи, во една една напредна фаза на советници на банкарите и финансиските разузнавачи во службите. Бидејќи, перачите на пари се сите оние обични луѓе околу нас. Практично, кога пишуваме за оваа проблематика, не смее да заборавиме еден парадокс: во една држава, кога перењето на пари е во експанзија, тоа се рефлектира со експанзија со даночната наплата или тие две состојби се во правопропорционален однос. Добрите сектори во банките, во одделите за compliance и кредитна анализа, а особено државните служби за борба со економски криминал (читај: институциите под министерствата за финансии и внатрешни работи) пожелно е да имаат искусни сметководители, со најмалку 10 години работа во стопанско сметководство, како дел од тимот или како надворешни соработници. Во спротивно, ќе биде многу потешко за супервизорските служби и државните органи за економски криминал да влезат во траг, и на тој начин, свесно или не, ние ќе легализираме парични средства како производ на криминални дејствија. 

Мотивот, да се пишува на оваа тематика е инспириран од неодамнешните коментари и евалуации на надворешните институции (читај: од САД) околу степенот на корупција во регионот. Оттука, можам да извлечам заклучок дека проблемот е системски. Практично, ако сме објективни, треба да се согласиме дека ваквите состојби на виска стапка на корупција во системот наречен „Држава“ е наталожен од сите години наназад. Резултат: висока стапка на корупција во сите нивоа на институциите. Сега,  првенствено, сите ќе упатиме силна критиката кон првите ешалони во системот. Но, дали е тоа така? 

За да го елаборирам моето видување за состојбите на системот, во прилог ќе дадам една метафора за системска корупција без знаење на првиот ешалон во системот (знам дека ќе има критика за оваа размисла, бидејќи сите ние сме некако научени, и тоа повеќе од една деценија наназад, да не командува првиот ешалон во системот, а ние само да извршуваме). Но, сега не е баш така. Затоа, внимателно да ја прочитаме метафората.   

Млада група креативци, одлучува да основа стартап за едукација во високото образование. Со странска поддршка и голем ентузијазам, почнуваат со изработка на проектната документација. Тоа, вообичаено е постапка која трае најмалку шест месеци и потребно е да се состави материјал од осумстотини страници и стотици работни часови. Нормално, на почетокот, од најдолните ешалони во системот, групата ентузијасти добива охрабрување и мотивација. Тоа е така, се додека не влезат во „шемата“. Во комуникацијата со долните ешалони во системот, креативците добиваат, поточно не добиваат вистински насоки за правецот на проектот. Впрочем, тоа е трикот. Значи, креативците одат во погрешен правец со проектот, за да потоа, почнат забелешките од подолните ешалони. Кога ќе почнат комисиите да даваат забелешки, групата креативци само корегира и корегира. Тоа е оди до недоглед. Времето поминува, а образот пред странците се губи. За да се убрза процедурата, креативците имаат две алтернативи: Прво, да реагираат „најгоре“ за помош; и Второ, да даваат поклони „долу“. Ако, реагираат горе, првиот ешалон, кој сака да гради демократија и транспарентност, ќе се јави „долу“ за да праша што е проблемот. Тука, одговорот ќе биде: нема комплетна документација или библиотеката е некомплетна и сл. Значи, погрешен избор на алтернатива од страна на креативците. Ако, пак, креативците се определат за другата алтернатива - да даваат покони „долу“ во првите ешалони, тоа ќе значи - поклони за сите, и нема крај. Сега, нивните коментари ќе бидат: „Претходно беше поарно. Само на едно место се даваше и завршена работа“. 

Најчесто, резултантата на ваквата постапка ќе биде откажување на креативците или критика кон првиот ешалон, што е и целта на подолните ешалони во системот, затоа што, вообичаено се од различна партиска определба. Стартапите се жртва на тој судир во системот. Ова, може да се разбере на начин што поединците во системот, демократијата ја разбираат како анархија. Ваквата лоша перцепција за демократијата е карактеристика за секоја земја на Балканот, во која, највисоките елити на власта ќе се охрабрат на објективен начин да демонстрираат демократичност во се, и за се. Како што вели народот, ако, во системот провејува силна енергија за воведување на демократија, тоа, подразбира и голема одговорност за сите поединци, без наредбодавци над нив. Поточно, самите да одговараме со направените учиноци пред себе. Тоа, би било можно само во скандинавските земји. За жал, ние се плашиме од одговорноста која следува со демократијата, и некако сме научени на бирократски систем, со јасно зададени задачи, најчесто однапред напишани „по книга“ и употреба на „цврста рака“.   

Оттука, сум на мисла дека ова е една, од многуте метафори за системска корупција во една земја од Балканот. И, најважно, не сум баш сигурен дека ние поединците сакаме таквата состојба да ја промениме. Понекогаш, имам чувство дека ваквата состојба ни годи. Што е многу погрешно за квалитетот на животот и издигнување на правите вредности на пиедесталот најгоре. Имено, оваа приказна има за цел, да ни покаже дека сите ние, на некој начин, повеќе или помалку, свесни или несвесни, сме дел од системската корупција. Нејзиното сузбивање е бавен и болен процес, кој, треба да ги менува поединците, а не колективитетите. Затоа што, збирот на поединците го прават колективитетот, а збирот на колективитетите го прават системот, наречен „Држава“.             

проф. д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 

Можеби ќе ве интересира

Русија избра: Нова Дума за стара политика

Русија избра: Нова Дума за стара политика

Финансиски форум - СЕФФ 2021: Економско заздравување и забрзување на растот по Ковид

Финансиски форум - СЕФФ 2021: Економско заздравување и забрзување на растот по Ковид

ОДГОВОРНОСТА Е СЛОБОДА

ОДГОВОРНОСТА Е СЛОБОДА

Главата на Лукашенко е во руско менгеме

Главата на Лукашенко е во руско менгеме