20 Октомври, 2019
0.0243

Дали со Курти почнува „лавината“ во регионот?

Објавено во: Анализа, Балкан 08 Октомври, 2019

Самоопределување на Албин Курти победи на изборите во Косово и има најголеми шанси да го направи составот на идната влада со тоа што секако ќе треба да најде коалиционен партнер. Сепак, на изборите беа испратени јасни пораки дека политичари од ковот на Рамуш Харадинај и Хашим Тачи повеќе не ја уживаат довербата, заглавени во приказните од минатото и нивната борба, туку дека е време за нови лидери кои имаат што ново да понудат. Победата на Курти е предвесник на политичката пролет која со нетрпение ја очекуваат и албанските опозициски партии во Македонија кои се надеваат дека "командантите" на ДУИ конечно ќе бидат поразени на избори.

За начинот на кој се одвиваа изборите во Косово и што значи победата на Курти анализираме со новинарот Лирим Дулови.


"Победи опозицијата спроти партиите од власта, и тоа во една мирна демократска атмосфера, која беше гарантирана од цврстата определба на државните институции, тргнувајќи од полицијата, обвинителството, Државната изборна комисија за фер избори. Победата на Курти е историска. После долги години на опозоционерско делување како бунтовник кој се залага за општество без корупција, каде законите треба да бидат применети пред се од политичката елита па надолу, сега народот во Косово го стави на тест до довербата што му ја даде" смета Дулови.

Самоопределување имаше уникатни методи на опозициско делување често и со директни конфронтации со политичките противници иако партијата се залага за ненасилство и има социјал-демократска идеологија. Ќе биде особено важно да се следи што Курти ќе направи во дијалогот со Србија, трговските војни со Македонија и неговите ставови дека еден ден Косово и Албанија може да се спојат преку изјаснување на референдум.

"Ќе треба да видиме што ќе направи во борбата против корупцијата, економските ветувања за подобар живот за младите, но посебно интересна ќе биде неговата улога во однос на дијалогот со Србија. Ако успее да формира влада со Демократскиот сојуз на Косово имајќи предвид и тоа дека Хашим Тачи е претседател на Косово тогаш поголемите чинители на косовската политика ќе бидат заедно во тој процес и ќе можат со полн легитимитет да дојдат до некое решение во тој дијалог. Сигурно тука важна улога ќе одигра и меѓународната заедница која сега ќе има јасна адреса за обраќање на оваа тема. Со еден збор Курти како иден премиер на Косово се очекува да донесе големи промени како внатре така и во регионот. Токму поради тоа и ја доби довербата. Сега на ред е тој да покаже дали и како премиер ќе биде конзистентен на неговите политики како опозиционер" вели Дулови.


Инаку во победата на Курти мало влијание имаше и позитивниот ветер на Блерим Река, кандидатот на албанската опозиција кој имаше солидни резултати на изборите во Македонија.

"Кога пишував дека несопирливата анти-корупциска лавина ќе тргне од Косово повеќето ми се смееја. Исто како што кажав дека финалните преговори со Белград ќе ги води Албин Курти, напиша Река во честитката за победата на Самоопределување.


Инаку на пратеничката листа на Курти се најде и Влера Ѓакова од Македонија. Таа беше претходно во тимот за изборите на Блерим Река и е прв кандидат од Скопје кој настапил на косовски избори.


Х.С.