26 Октомври, 2021
0.0221

Дали падот на поддршката на граѓаните за ЕУ ќе резултира со национализам и антиевропска реторика?

Објавено во: Анализа 19 Февруари, 2021

Поддршката на граѓаните за влез во Европската Унија, како и довербата според последните истражувања се намалува. Ако во 2014 година дури 80% од граѓаните се изјасниле дека ако се одржи референдум за влез во ЕУ ќе го поддржат, во последната анкета на Фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија „Социетас Цивилис” оваа бројка иако и натаму е доста висока, сепак изнесува само 69%, со мало подобрување од 2019 година кога довербата била најниска со 65%. Интересно е што во последното истражување рекордни 22% од граѓаните се изјасниле дека на таков референдум ќе гласаат против.

Овие трендови на благо подобрување на довербата, но не доволно за враќање на истото рамниште од пред 6-7 години се должат на тоа што крајот на минатата година го одбележа „убиениот“ оптимизам со веќе извесното вето од страна на Бугарија со што се блокираше почетокот на преговори за членство. Најоптимистична година била 2017, кога 27% од граѓаните сметале дека ќе влеземе во ЕУ за три години. Најпесимистична е кризната 2016 година кога мнозинството, односно 25% од граѓаните истакнале дека никогаш нема да влеземе во ЕУ. Сепак, и по растот на оптимизмот во последната година мнозинството, или 28% од граѓаните сметаат дека најреално остварливо е за пет години да бидеме членка на ЕУ, слично како во 2018 год. Во 2019 година доминирало мислењето дека за дури 10 години би биле дел од европското семејство.

Една од најголемите причини поради која граѓаните се против членство во ЕУ или кои ризици ги детектираат е загриженоста за губење на националниот идентитет кај 23% од испитаниците, за 20% од нив проблем е промената на уставното име, а за 19% губење на суверенитетот и независноста на државата. Многу помала негативна перпција има за економските последици и ризици, односно по 9% сметаат дека ќе се влоши животниот стандард и исто 9% сметаат дека ќе биде загрозена македонската економија. Всушност и актуелните економски состојби не се голема детерминанта во расположението на граѓаните кон ЕУ, туку повеќе очекувањата од идните придобивки од интегративните процеси.

Речиси половина од македонската популација верува дека државата е подготвена за членство, што е рефлексија на недоволната информираност околу пристапниот процес.

Што е главната цел на истражувањето и како овие податоци може да се искористат во насока на креирање на политики, но и едукација на граѓаните за процесот на интеграција во ЕУ?

„Наодите од истражувањето покажуваат неколку работи. Прво дека постои пад во поддршката за ЕУ, и гледањето на ЕУ како најголем сојузник на земјата која сега е на второто место, а на првото се САД како највлијателна сила. Додека пак, падот за поддршката е за 7 пп. во однос на минатата година што е значителен пад, но генерално процентот на поддршка е над 60% што значи дека останува висок и има ентузијазам за ЕУ иако тоа очигледно е дека ќе опаѓа ако немаме напредок во евроинтегративниот процес. Второ се намалува т.н. етнички јаз односно за прв пат и Албанците стануваат евроскептични за разлика од порано кога имавме едногласна поддршка за ЕУ, а има и пораст на позитивни перцепции кон Русија што е новитет оваа година. И трето е дека очигледно постојат нереални очекувања кај граѓаните за тоа колку долго трае процесот и кога Македонија би станала членка на ЕУ што значи дека луѓето с повеќе ќе се разочаруваат во наредниот период“ потенцира Марко Трошановски претседател на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Клучни се две компоненти. Првата е едукација на граѓаните за процесот на ЕУ интеграции бидејќи и по 20 години нивото на запознаеност е ниско, и тоа не е само проблем кај нас туку насекаде во Европа бидејќи граѓаните немаат голема претстава што подразбира комплицираниот административно-бирократски апарат на ЕУ, па затоа секогаш вреди да се инвестира во јавни кампањи. И втората е во делот на реториката и јавните настапи на политичарите кои не треба да креираат високи очекување, нешто што беше проблем изминатите години кога се ветија многу работа и поддршката удри многу ниско. Луѓето мора да бидат многу пореалистични и пообјективни во доловување на европската перспектива на Македонија, да се укаже на неизвесноста на процесот, асиметричноста на земјата членка и земјата кандидат што се покажа многу добро со Грција и сега со Бугарија.

„Во поглед на тоа што државата треба да преземе од аспект на политики, преговарачката структура која што се заговараше изминатите години сѐ уште ја немаме комплетирано. Сега имаме и нова методологија на проширување која мора да се прилагоди со преговарачката структура што побрзо. Да се утврди главен преговарач кој што треба да биде една личност со авторитет и натпартиски за да нема негова промена при промена на власта и промена на партиите. Треба да продолжиме и со прилагодување на домашното со европското законодавство, без оглед дали ги правиме чекорите кон евроинтеграција или не бидејќи во најголем дел од таа регулатива е од голема корист за нас како општество, за некои сфери бара и големи вложувања и жртви, како на пример во животната средина. Засега имаме променето 30% од регулативата и како овој процент расте, така ќе имаме и подобра стартна позиција кога ќе ги започнеме преговорите за членство“ изјави Трошановски за Фактор.

Колку расположението на граѓаните се одредува според насоките на политичките партии кои начелно и декларативно сите имаат проевропски ставови и сметаат дека членството во ЕУ е стратешка определба и колку тоа влијае врз нивните политички програми за кои бараат поддршка од гласачите?

„Анализата на повеќегодишните трендови од нашето истражување укажуваат на значителна поврзаност помеѓу сугестиите од политичките партии и подршката за членството во ЕУ помеѓу нивните сипматизери. Меѓу-партискиот консензус околу важноста на пристапниот процес и членството во ЕУ за напредокот на македонското општество јасно се пресликува во релативното високата подршка (споредено со останатите држави во Европа) за процесот на европска интеграција како кај општата јавност, така и кај партиските симпатизери. Меѓутоа, разликите во интензитетот на подршката на пристапниот процес и различниот критички пристап кон истиот, резултираат со невоедначена поддршка кај симпатизерите на различни политички партии. Така на пример, јасната приоритизација на процесот на европска интеграција во агендата на владеачките партии резултира со екстремно висока (и во определени контексти необјективна) поддршка на членството во ЕУ помеѓу нивните симпатизери. Од друга страна, критичкиот однос кон напредокот во пристапниот процес на опозициските партии се одразува и врз подршката на членството во ЕУ кај нивните симпатизери, која (и покрај тоа што е значително порасната во последната година) е за околу 10% пониска од општиот просек. Имајќи ја во предвид големата подршка за членството во ЕУ во изминатите 15 години, вметнувањето на процесот на европеизација како приоритетна точка во партиските програми е логична консеквенца. Меѓутоа, периодот кој следи е интересен во овој контекст, затоа што доколку се пролонгира најновата блоката на преговорите за членство, многу е веројатно да расте евроскептичната енергија во државата како последица на драстичниот пад на кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ. Во таа насока, не е исклучено некои политички партии да се адаптираат на оваа динамика во јавното мислење и понудат програми кои ќе бидат покритични кон евро-интеграциските перспективи“, изјави проф. Иван Дамјановски кој е и автор на извештајот.

Дали растот на евроскептицизмот и намалената доверба во кредибилноста на процесот за членство во ЕУ отвора простор за зголемување на политичкото влијание кај овие граѓани, како на пример раст на национализмот, но и политика базирана на анти ЕУ реторика?

„Дефинитивно, тоа е веќе е видливо и се повеќе ќе се користи од страна на политичките актери кои ќе гледаат да добиваат гласови на наративи кои се националистички пред се, а се повеќе како што ќе се бараат отстапки од земјата во преговарачкиот процес така и се повеќе тие наративи ќе бидат насочени против ЕУ, и за жал тоа ќе ја намали довербата кон институциите што и онака е многу ниска кај граѓаните. Тоа создава плодно тло ем за политички кризи и ем влијание на трети страни во Македонија кои не ги посакуваме“, Трошановски.

Ако ги прашате македонските граѓани зошто не сме членка на ЕУ, практично во 2020 година имале идентичен став како и во 2014, односно над 50% и во двете анкети доминантно одговориле дека проблемот е во блокадата од соседите. „Најсамокритични“ испитаниците биле во 2019 год, кога 46% од одговорите спаѓаат во групата „неостварување на домашните реформи“. Интересно, во оваа година и најголем дел од граѓаните споредено со другите извештаи истакнале дека и ЕУ не е подготвена да ја прифати Македонија за членка, и тој одговор го имале 29%. Состојбата за изминатата година освен што укажува на фактот дека бугарското вето е главна причина за „сопката“ кон Брисел, 25% од граѓаните вината ја гледаат и во ЕУ, а само 20% од нив овој пат ги посочиле неостварените домашни реформи како главен проблем.

Христијан Станоевиќ