28 Март, 2024
0.0295

Дали и колку се почитува деловната тајна во борбата против перење пари?

Објавено во: Колумни 18 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Воспоставувањето деловен однос помеѓу финансиските институции и нивните комитенти подразбира постоење одреден степен на заемна доверба. При отворањето на сметката, комитентот се идентификува пред финансиската институција, а по потреба доставува и финансиски или ревизорски извештаи, цертификати за платени даноци итн. Голем дел од информациите што ѝ ги доставува комитентот на финансиската институција претставуваат деловна тајна. Доколку тие информации дојдат до неговата конкуренција, тој комитент може да претрпи значителни загуби.

Од друга страна, финансиските институции веројатно се најважниот столб на одбраната во борбата со перењето пари. Тие се должни да ги известат надлежните органи за секоја отворена сметка или секоја трансакција за која се сомневаат дека е поврзана со перењето пари. Уште повеќе, финансиските институции се должни да известуваат и за сите готовински трансакции над одреден износ, без да навлегуваат во дискусија дали се работи за перење пари или не.

Дали комитентите на финансиските институции губат некои од привилегиите при  примената на процесот на спречување перење на пари? Дали известувањата што финансиските институции ги испраќаат до надлежните органи (FIUs) - иако комитентот не смее да биде информиран за таквата постапка - претставуваат кршење на земната доверба што би требало да постои на релација финансиска институција - комитент? Дури и кај комитентите кои работат стриктно по законските прописи се јавува чувство на непријатност, ако се свесни дека нивните сметки или трансакции можат да бидат предмет на анализа од страна на овластен државен орган.

Прашањето на деловната тајна и сигурноста на финансиските информации е доста комплексно. Ова прашање ги содржи следните елементи: приватниот интерес на комитентот во однос на комерцијалниот интерес на имателот на информацијата, правниот (законскиот) интерес на државата и правото на јавноста да знае што се случува. Рамнотежата помеѓу различните интереси се воспоставува во зависност од тоа што содржи информацијата, кој ја поседува, кому му е потребна и за што ќе биде искористена.

Третманот на деловната тајна дополнително се искомплицира со напредокот на технологијата (електронско тргување, глобални мрежи на финансиски податоци и сл.). Работењето со парични картички и сервисите за брз трансфер на пари се елементи коишто влијаат врз зачувувањето на приватноста на комитентите. На пример, при работењето со парични картички се следи секоја трансакција преку банкомат или во трговијата  за да се избегнат евентуалните измами. Компјутерските центри на застапниците на паричните картички им имаат информации за потрошувачките навики на нивните комитенти. Увидот во потрошувачките навики, направен и со најдобри намери, сепак претставува повреда на приватноста.

Многу значајно прашање поврзано со деловната тајна е прашањето на приватноста на трансакциите. Секогаш кога правното или физичкото лице врши одредена трансакција, останува трага во компјутерскиот систем на финансиската институција. Тоа значи дека трети лица можат да дознаат која била целта на трансакцијата и колкави средства се потрошени за неа. Доколку финансиската институција ги достави тие информации до надлежните органи задолжени за анализа и истрага во борбата со перењето пари, кругот на иматели на таквата информација се шири, а приватноста на комитентите, односно нивната деловна тајна е значително загрозена.

Каде треба да биде повлечена границата помеѓу приватниот и јавниот интерес? Како може да се спречат криминалците во остварувањето на нивните цели криејќи се зад превезот на заштитата на приватноста и деловната тајна?

Одговорот лежи во правењето разлика помеѓу приватноста и легалноста. Речиси во целиот свет, еден од најголемите проблеми е тоа што одредени членови на општеството (правни или физички лица), благодарение на нивната позиција или богатство, можат да преземат одредени активности без да одговараат за тоа. За да може да функционира една држава, сите граѓани мора да бидат еднакви пред законот. Заштитата на легалноста мора секогаш да има приоритет пред заштитата на приватноста.

Кога се во прашање финансиските институции, прашањето на деловната тајна и борбата со перењето пари мора да го помине истиот тест. Дали постојните законски прописи во оваа сфера ја заштитуваат само приватноста на комитентите или ги заштитуваат истите од одговорност за нивните постапки? Можат да се сретнат случаи каде во име на заштита на приватноста и деловната тајна на нивните комитенти, финансиските институции одбиваат да соработуваат со надлежните органи.

Од сето она што е претходно наведено можат да се заклучат три работи:

Прво, финансиските институции секогаш треба да ѝ даваат приоритет на заштитата на легалноста во однос на заштитата на приватноста. Доследното спроведување на законските прописи секогаш мора да доминира над трката за поголем профит. Секоја активност во друг правец може да доведе до инволвирање на финансиските институции во процесот на перење на пари, а со тоа тие ќе станат партнери на криминалците. Тоа може да доведе до зголемување на репутацискиот, оперативниот, правниот и концентрацискиот ризик, а со тоа финансиската институција лесно може да се претвори во „пералница на пари". Се разбира, податоците и информациите добиени при отворање на сметката или при извршувањето на трансакцијата смеат да бидат употребени единствено во функција на спречувањето перење пари. Она што е многу битно е финансиските институции да добиваат повратни информации од истражните и судските органи за крајниот исход од нивните активности.

Второ, комитентите на банките кои работат согласно законските прописи не треба да стравуваат од повреда на приватноста и деловната тајна. Како што „чесниот граѓанин не треба да се плаши од полицаецот", така и овие комитенти не треба да стравуваат од анализата на нивните податоци и информации. Процесот на спречување на перење пари не е насочен кон спречување на користењето на стандардните банкарски производи и услуги. Сите иматели на легални сметки и вршители на легални трансакции можат да уживаат во привилегиите што им ги нудат банките, без да стравуваат за повредата на својата приватност или разоткривањето на деловните тајни.

Трето, криминалците не можат (или не треба да им биде овозможено) да се кријат под превезот на приватноста. Тие треба да бидат свесни дека активностите на надлежните органи не можат да претставуваат повреда на нивната приватност, затоа што секогаш легалноста мора да биде на прво место.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?