19 Април, 2024
0.0294

ЗНАЕЊЕТО И ИСКУСТВОТО НА ЛЕКАРОТ СЕ КЛУЧНИ ВО ОДРЕДУВАЊЕТО НА ТОЧНОТО ПОТЕКЛО НА ГРАДНАТА БОЛКА: Прецизна дијагноза за кратко време во ПЗУ „Срце“-интервју со д-р Николов

Објавено во: Интервјуа 14 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Професионалноста пред сè и високата стручност на целиот тим на ПЗУ „Срце“ составен од експерти од повеќе гранки на медицината, а предводен од д-р Горан Николов, се примарни кај илјадниците пациентите кои за здравствените услуги, но пред се за хуманиот пристап ги даваат највисоките оценки на Центарот за внатрешни болести „СРЦЕ”. Д-р Горан Николов, специјалист интернист-кардиолог, кој учи од најеминетните имиња од оваа област и секако вреди да се споменат: Д-р Мирко Дубравчиќ, д-р Срѓан Раделиќ, д-р Ратко Ермакора, д-р сц. Јосиф Наумовски, проф. д-р Борислав Каранфилски, создава центар пред точно две децении, во кој денес се изведуваат бројни најсовремени дијагностички процедури од областа на целата интерна медицина од страна на врвни експерти, професори од разни области...Во интервјуто за Фактор, д-р Николов говори за стручното надградување на неговиот тим, за целиот процес на превентивни прегледи кои може да се извршат само во еден ден, за едуцирањето на пациентите во насока на стекнување здрави животни навики, како и за следните планови и проекти на кои ќе се фокусирааат во годините што следат.

Јубелејни 20 години од основањето на Центарот за внатрешни болести “СРЦЕ” се секако за почит, но уште повеќе за сублимирање на претходно сработеното. Центарот успеа да изгради импресивно портфолио како ретко која друга приватна ординација во земјата, што во актуелните услови секако не е лесно. Сега, кога повлекувате линија, кои најзначајни успеси ќе ги ставите под неа?

Д-р Николов: Како најголем успех би го истакнал нашето конзистентно работење, имено од формирањето на центарот СРЦЕ од самиот почеток главна воспоставена карактеристика на нашата работа е високото професионално и стручно ниво кое константно се одржува сите овие 20 години, би рекол дека тоа е најтешка задача. Секако дека уште би го издвоил нашето постојано стручно надградување и кадровско проширување и воведување на нови дијагностички техники и методи и постојано обновување на опремата. Сето горе спомнатото го препознаваат нашите пациенти, кои ни се електоратот и ни ја даваат нивната доверба. Како резултат на сето тоа добиваме задоволни пациенти.

Професионалноста на Вашиот тим е само еден во низата причини поради кои пацинетите кои еднаш го посетиле “СРЦЕ’’, одлучуваат секој нареден преглед да биде токму кај Вас. Пристапот кон секој од нив е на особено високо ниво што е од особена важност, најмногу од човечки (хуман) аспект. На Google прегледите имате впечатлив рејтинг бидејќи пациентите редовно ви ја даваат највисоката оценка.

Д-р Николов: Професионалноста и високата стручност се нашиот заштитен знак. Затоа сме направиле минуциозен избор на вработени и соработници. Вработените во центарот го сочинуваат високо профилирарни стручњаци, лекари специјалисти од разни гранки на интерната медицина и лекари супспецијалисти, експерти во своите области. Покрај редовно вработените лекари специјалисти интернисти и кардиолози кои се носители на работата, тука спаѓаат и неколку редовни професори на медицинскиот факултет во Скопје, како и професори во пензија наши долгогодишни консултанти. Да не ги заборавиме и останатите вработени како што се дипл. инжинери по биохемија, нутриционистите, медицинските техничари, администратор. Сите тие ја чинат вистинската специфика и карактеристика на центарот. Тимската работата е формула за успех. Постојаната нега и грижа за вработените е наша постојана инвестиција.

Ковид-19 инфекцијата останува еден од најголемите предизвици со кои се бори здравството. Во категоријата ризични пациенти се лицата со прекумерна тежина на кои им е неопходна посебна превентива и нега. Какви услуги и третман нудите на овие пациенти?

Д-р Николов: Меѓу другото центарот СРЦЕ е препознатлив по својата работа во областа на диететиката и диетотерапијата. Гојните и лицата со прекумерна телеснa тежина спаѓаат во ризичната група на лица заболени со ковид инфективна болест. Дебелината се покажа како независен фактор за лош исход на болеста, а ние како едни од лидерите во обезитологијата (повеќе од 8000 пациенти) практицирајќи ја превентивната медицина веќе осма година индиректно влијаеме на развојот и исходот на оваа опасна заразна болест.

Се чини дека дебелината станува се поголем глобален проблем. Веќе неколку години постои кабинетот за Диететика и диетотерапија со кој сте локални лидери во обезитологијaта.  Навлегувајки во областа на превентивната медицина, за прв пат во пракса, заедно рамо до рамо со лекарите специјалисти интернисти, ендокринолози, кардиолози вклучени се и дипломирани нутриционисти, технолози по исхрана. Како изгледа целиот процес на диетотерапија, колку тој трае и кога пациентите почнуваат да ги воочуваат првите резултати?

Д-р Николов: Во СРЦЕ покрај дијагностиката се наметна бавењето со превентивна медицина. Овој нов проект после неколку годишно сопствено искуство го унапредивме, надградивме и развивме  наша автентична програма за ДИЕТА и ДИЕТОТЕРАПИЈА. По почетното одредување на медицинскиот и нутртивен статус на пациентот се изработува план и програм кој е индивидуален според мерењата и другите резултати (пр. состав на телото, лабораториски резултати, тест на интолеранција на храна). Првите резултати се видливи веќе на првата контрола. Процесот на слабеење трае неколку месеци, а тоа е избалансирано и контролирано. Всушност тоа не е диета во вистинска смисла на зборот, туку преминува во режим на исхрана кои ги менува прехрамбените навики на пациентот и помага во регулирање на шеќерот, мастите, функцијата на штитната жлезда, покачениот крвен притисок, така што пациентот не само што изгледа подобро, туку и се чувствува подобро.

Вашата програма нуди “спас’’ и на жените во четвртата деценија кои поради забавениот метаболизам се соочуваат со вишок на килограми. Кои се основните совети за начинот на исхрана кои им ги давате, и кои уште чекори во оваа насока можат да се превземат?

Д-р Николов: Во четвртата декада од животот кај жената почнува да се јавува хормонален дизбаланс. Како резултат на пореметена хормонска равнотежа, но и заради други надворешни фактори како стресот, погрешните навики во прехраната доаѓа до зголемување на телесната тежина. Постојат посебни протоколи за исхрана кои може да ги зголемат естрогените хормони кај жената, да ги намалат тегобите на менопауза итн.

Mетаболниот синдром е додатен ризик фактор при инфекцијата со КОВИД-19. Кои се основните фактори кои се земаат предвид при одредувањето соодветна терапија и третман на овие пациенти?

Д-р Николов: Околу половина од луѓето на возраст >50 години има појавност на метаболен синдром, односно трупање на масно ткиво во пределот на стомакот, кое доведува до замастување на црниот дроб, а тоа води до покачување на масти и шеќер во крвта, појава на дијабетес и кардиоваскулрни заболувања. Ковид инфективна болест е додатен ризик за лоша прогноза на болеста за лицата со метаболен синдром. Затоа е неопходно спроведување имунизација, односно вакцинација кај оваа група на луѓе. Би напоменал дека се повеќе деца и младинци страдаат од метаболен синдром. Добра вест е што со оваа потенцијално опасна состојба може да се справиме со хигиено-диететски мерки и промена на животните навики, зголемена физичка активност, смалување на телесната тежина, кои ги вклучува нашиот програм.

Дијабетесот е идентификуван како втор најчест коморбидитет кај пациентите со КОВИД- 19, кој пак носи дополнителен ризик за несакан исход на болеста. Од ова болест заболуваат се повеќе македонски граѓани, а меѓу нив има и голем број деца. Каде да ја бараме причината, и кои се основните принципи на превентивата, справувањето и лекувањето на оваа болест кои се практикуваат во “СРЦЕ’’?

Д-р Николов: Нездравите животни навики, зголемената телесна тежина и дебелина, смалената физичка активност, стресот, неправилната исхрана се причини за појава на дебелина и метаболен синдром. Крајна последица на овие две состојби е појавата на дијабетес. Веќе беше спомнато дека се поголем број на деца и младинци имаат прекумерна телесна тежина и дебелина. Појавата на дијабетес има фрапантен пораст кај сите старосни групи. Превенцијата би се состоела од постојано едуцирање и реафирмирање на важноста и значењето во стекнување здрави животни навики, а тие се правилна исхрана, зголемена физичка активност кои ги содржи нашиот програм за Диета и диетотерапија.

Срцевите заболувања се причина за најголемиот број случаи со фатален исход во нашата земја. Имајќи ја предвид важноста на превентивата и редовните здравствени прегледи „СРЦЕ’’ изведува најсофистицирани дијагностички процедури, но поседува и најсовремени апарати. Можете ли да кажете нешто повеќе за вашиот тим кардиолози, какви се постапките кои се изведуваат и колкави се придобивките на новата опрема?

Д-р Николов: Во нашата земја и ширум светот највеќе луѓе умираат од кардиоваскуларни заболувања (срцева слабост, срцев и мозочен удар). Во центарот за внатрешни болести СРЦЕ се прават повеќе неинвазивни методи од областа на кардиологијата кои ги изведуваат и толкуваат нашите специјалисти интернисти-кардиолози, а тие помагаат во поставување на точна и прецизна дијагноза и лекување на кардиоваскуларните болести, или поставување индикација за понатамошни интервентни и други процедури. Од пред една година имаме најсовремен Ехо апарат со повеќе сонди со кои покрај срцето ги гледаме и другите органи.   

Во една од Вашите анализи велите дека градната болка претставува предизвик за секој лекар. Фактот дека пациентите вообичаено ја поврзуваат само со срцето е уште една причина за детални прегледи. За каква симтопматологија станува збор, и како се откриваат причините за настанување на градната болка?

Д-р Николов: Градната болка е еден од најчестите симптоми со кои се среќава лекарот. Таа е и дијагностички предизвик, да се разликува дали е срцева болка или пак е предизвикана од друга причина. Срцевата болка има свои карактеристики како што се: времетраење, нејзина силина, локација и ширење, кога и каде се појавува, нејзин квалитет итн. Честопати градните болките потекнуваат од околните органи и структури во градниот кош и стомакот, но вештината, знаењето и искуството на лекарот е да ја разликува по горе наведените карактеристики со што може да се утврди нејзината етиологија. Во случај на превид на вистинска срцево-исхемична болка може да има фатални последици по пациентот. За среќа повеќето болки во градите се од несрцева природа.

Центарот за внатрешни болести „СРЦЕ” дава можост само во еден ден да се извршат прегледи на сите органи во човечкото тело. Како изгледа овој процес и колку е тој важен за превентивата на пациентите?

Д-р Николов: Со прегледите кои се изведуваат во центарот СРЦЕ, се опфатени повеќето органи и системи кај човекот, надополнето со биохемиски анализи кои се изведуваат во нашата лабораторија и нивното толкување од страна на лекар (нели лабораторијата го издава, а лекарот го толкува наодот) се постигнува брза, прецизна дијагноза за кратко време на едно место.

Изведувате напредни дијагностички процедури од областа на целата интерна медицина. Колку е „тешко’’да се постави вистинската дијагноза, и дали во вашата пракса сте се соочиле со случаи на пациенти кои по долго „талкање’’ низ разни здравствени установи конечно кај Вас успеале да ја откријат причината за својата болест?  

Д-р Николов: Патот до точна дијагноза не е едноставен и лесен. Во праксата најчест начин на поставување дијагноза е принципот на елиминација (per exclusionem), исклучување на друго заболување. Некогаш дијагнозата е многу очигледна и ја “поставуваме од врата”, но почесто треба добро да се поврзат и сложат сите коцки, поранешни и сегашни состојби, сето тоа да се анализира диференцијално дијагностички. За тоа е потребно големо искуство и кумулативно знаење, странично гледано може да изгледа едноставно. Сме имале пациенти кои талкале во други установи и немале добиено точна дијагноза, после извршена експертиза од нашиот лекарски тим, им била поставена правата дијагноза, може ова звучи како фалење, но многу луѓе доаѓаат на второ мислење што од мака, што од тоа да ја потврдат дијагнозата, што е сосема легитимно.

Неизоставен дел во поставување на брза дијагноза и прогноза на болеста се и лабораториските анализи. Веќе седум години „СРЦЕ’’ има своја биохемиска лабораторија. Каков тип лабораториски анализи се вршат во неа? 

Д-р Николов: Лабораториските наоди се неопходни во поставување на дијагнозата. Веродостојниот лабораториски наод изработен во нашата лабораторија е од клучно значење за лекарот клиничар во поставување на точна дијагноза. Некои дијагнози се “биохемиски” и во зависност од вредноста на дадената анализа се поставува дијагноза.

Постојаните новини кои ги воведувате го зголемуваат прагот на очекувања. Кои се следните планови и проекти на кои ќе се фокусирате во следниот период?

Д-р Николов: Постојаното стручно надградување односно континуирана медицинска едукација, постојано обновување и замена на опремата, кадровско проширување и освежување на тимот, воведување нови техники и процедури ќе бидат и понатаму нашиот белег во иднината. Трансгенерацискиот континуитет и продолжување на досегашната успешна работа е мојата следна мисија.

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“