23 Април, 2024
0.0259

ДА СЕ БИДЕ ДОБАР БАНКАР - предизвик за многу млади

Објавено во: Колумни 07 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Стручната јавност ќе објави, за 2020 година, дека бројот на вработени лица во македонскиот банкарски систем изнесува 5.735 лица или за 179 лица се намалил во однос на минатата година (од пред пандемијата). Имено, за ваквата статистика на крајот од 2020 година, секако, сметам дека има влијание затворањето на една од средните банки. Сега, ако се направи една паралела со состојбите во 2012 година, во официјалните извештаи ќе се забележи, бројка од 5.953 вработени, и тоа распределени во 16 комерцијални банки. Најголем дел, дури 51 отсто од вкупниот број на вработените е распределен во најголемите три банки. Денес, состојба е слична, со тоа што, 5.735 лица се распределени во 13 комерцијални банки, и тоа, над 70 проценти во групата на големи банки.

Како и да е, во изминатава декада, од една страна имајќи го во предвид годишниот пораст на вработените во банкарската индустрија, кој, се движи во просек од 3 до 5 % секоја година, и од друга страназголемувањето на профитабилноста на македонските банки, согласно податоците од стручната јавност - атрактивноста да се биде банкар и да се работи во втората најплатена индустрија кај нас, е огромна. Имено, тврдам, и располагам со некои информации, еве нека се неофицијални, кои велат дека со новиот закон за задолжителна пензија, не само во образованието, туку и во банкарската индустрија ќе се ослободат, и ќе се побаруваат многу стручни и способни кадри, и тоа веднаш.Си велам, ете шанса за младите, ете шанса за наскако стручно образование да се наметнеме содеценискиот копнеж - да се влијае за демократичност при вработувањето на стручни лица во банките, како и да се промовираат банкарските компетенции на највиско ниво. Тука, би дополнил, да се биде банкар, отсекогаш било и останува голем предизвик за многу младилица.

За таа цел, еве еден податок од државниот завод за статистика, во кој, се вели дека во првите пет најголеми плати се финансиско-услужни дејности, односно банкарскиот сектор со просек од 43.386 денари. За одбележување е тоа штона прво место гледано по дејности останува секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности со просек од 68.557 денари. Фармацијата повторно е на второ место (со просек од 46.524 денари), иако со намален просек,откако кај банкарскиот сектор во второто полугодие на 2020 година, имаше зголемување на просекот на нето плата за 20 проценти.

Уште еден факт за атрактивноста на банкарската професија, може да се види во самите биланси на банките, поточно, во аналитичките показатели за профитабилноста на банките. Како што обележав погоре,зголемувањето на профитабилноста на македонските банки, согласно податоците од стручната јавност, само за првиот квартал во 2021 година, покажува добивка по оданочување во износ од 32,2 милиони евра, или споредено со лани - прв квартал, каде таа изнесувала 18,6 милиони евра. Од ова, може да се подвлече дека добивката за актуелниот во споредба со претходниот квартал е зголемена за 13,6 милиони евра или за 42 проценти. Погледнато по група на банки, растот е најизразен кај средните банки. Практично, во првиот квартал во 2020 година, тие покажуваат загуба од -5,9 милиони евра додека во тековниот прв квартал од 2021, средните банки, остваруваат одлични перформанси и покажуваат нето добивка од 3,5 милиони евра. Состојбата кај големите банки, покажува константен раст, така, тие во 2020 година - прв квартал имаа нето добивка од 24 милиони евра, додека во тековниот прв квартал од 2021 година, таквата добивка е зголемена за 4 милиони евра и истата изнесува 28 милиони евра. Малите банки, пак, три на број, покажуваат исто така константа. Имено, во минатиот прв квартал на 2020 година, нето добивката изнесува околу 500.000 евра, додека за овој, тековен прв квартал во 2021 година, таквата добивка се зголемила за 200.000 евра, и истата изнесува околу 700.000 евра. 

Понатаму, да се навратам на структурата на вработените во банките. Имено, за 2020 година, учеството на вработените со високо образование изнесува 84 отсто или за 2 отсто повеќе во однос на претходната година. Тоа значи, дека трендот на формалното образование се зголемува. Тоа е неспорен факт, денес. Но, се поставува прашањето: Дали, со стекнување на формален степен - прв циклус (читај: формална диплома Bachelor)с е стекнуваме со компетенции за добар банкар?

Одговорот на прашањето е „НЕ“. Практично, ние, со одлука да се стекнеме со формална диплома (180 или 240 ЕКТС) инвестираме во првиот праг од скалилото наречено – финансиска писменост. После кој, ние треба да ги промениме, барем за малку видиците и стојалиштата за животните одлуки и анализи на финансиите. Но, тоа, никако не е доволно за да се биде - добар банкар. Вложувањето во капиталот „знаење“ во текот на целиот животен век, сум на мисла, на човекот му овозможува, на најевтин начин, да се издигнува (или стабилно да се одржува) на скалилото наречено - „животни финансии“. Капиталот „знаење“ е најпотребен, особено во услови на криза. Следете ги само Евреите, Егејците и Власите. Многупати, во писанијата сум ги спомнал, и тоа неслучајно. Тие, вложуваат во капиталот „знаење“. Затоа што, само знаењето е неуништливо со оружје, војна или било каква пандемија (секако, прво треба да преживееме). Затоа, здравјето е пред сѐ, па потоа следува знаењето. Ете, ако ги рангирам, така некако би бил редоследот.

Денес, во време на криза, кога од една страна, веќе во ништо од инструментите кои се нарекуваат капитални добранема сигурност, од друга страна, пазарите на капитал се нестабилни, тогаш, со право се обележува тезата дека капиталот „знаење“ е најдобрата (читај: најекономична) инвестиција за иднината.

На крај, сакам да завршам со искуствата за константен раст и развој на европските банкари. Имено, ако се знае дека продуктивноста на банките мерена преку големината на активата по вработен постојано се зголемува, тогаш со право се воведува, уште од 2019 година, во земјите членки на ЕУ, како и САД, семинарите за сертифицирање во банки и финансиските организации, по теркот на тие за сметководство кај нас (читај: КПУ) „ECVETEuropean Credit points for Vocational Education“ со цел, одржување на стекнатиот сертификат на сите слушатели, во рок од три години. Ова, значи дека секој слушател во земјите членки на ЕУ и САД, кој, е носител на меѓународен специјалистички сертификат, согласно Европската банкарска тренинг асоцијација, треба да има 90 КПУ / ECVET бодови во рок од 3 години или во просек да има реализирано од 3 до 5 семинари во една година, во зависност од големината на семинарот. Со други зборови, институциите во ЕУ (банките) во континуитет ги плаќаат семинарите за своите вработени - иматели на сертификати. Со тоа, тие инвестираат во капиталот „знаење“, на начин што, секој од банкарските вработени е во константна стручна едукација во текот на годината, барем еднаш. Така, работното место - „банкар“ станува атрактивно, креативно и се зголемува ентузијазмот кај банкарските работници од ЕУ. Денес, платата е важна, но исто така важно станува, би рекол како додадена вредност на платата, како екстра бонус - вложувањето на компанијата во едукација и специјализација на вработените. Секако, тоа значистекнување на високо ниво на лојалност од нивна страна кон организацијата.

На балканот, или ако милувате со други зборови, во новиот регион „Отворен Балкан“ човечкиот капитал, во кој, компанијата има инвестирано дополнителен капитал „знаење“, станува бесценет и раритетен, исто како „дијамант“. Таков човечки капитал, ние, дома, може да го произведуваме во фабриките наречени „стручно образование“ или со други зборови во фабриката т.н. „од практика за практика“. Но, за таа цел, треба да има позасилена поддршка од компаниите и банките. Стручното образование, во ЕУ земјите и САД, па и на секаде во глобални рамки, се гради со високо ниво на општествена одговорност, особено кај големите компаниии банките. Практично, тие силно вложуваат во капиталот „знаење“, преку поддршка на образовните институции (формални - академски и неформални - стручни).

P.S.

Утре, за македонскиот народ и држава е голем празник, 8-ми септември или 30 години од независноста на македонската држава. За таа цел, ја користам приликата, на сите читатели на „Фактор“, како и на сите Македонци каде и да се, да им го честитам големиот државен празник. Не сум историчар, но ќе се обидам да напишам неколку слова, како мотивација и микро допринос за градење на нашата кауза. Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, Тодор Александров, повеќето од 20.000 паднати борци во НОБ - партизани, имаа таква судбина да не ја дочекаат Македонија во 1945 - годината на АСНОМ. Можеби, можеше и поинаку, од 45-тата до независноста во 90-тата. Можеби, си велам, можеше и цела, но комунистите направиле толку, колку се можело и дозволувало. Другарите и Киро Глигоров, имаа храброст во 1991 година, со љубов и трпение на 8-ми септември да ја направат втората македонска држава или прва независна Република.Јас, пак, сум горд, што живеев во времето на Борис Трајковски, Киро Глигоров и Тоше Проески. Горд сум, на едно време, во кое има записи, а мојот татко беше следбеник во мисијата на Глигоров. И, еве ден денес, кога нив ги нема, на нас ќе остане обврската за сведоштвата на тоа време. 

Каузата се гради, кога ќе ги спомнуваме и ќе им се поклониме на СИТЕ, кои, не се со нас, а во минатото се вградиле на овој или на оној начин во создавањето на македонизмот. Така, помалку ќе се делиме и „јадеме“ ние живите.

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт воСкопје


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок