23 Април, 2024
0.0503

„Црна листа“ - „Бела листа“

Објавено во: Колумни 02 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

На почетокот на месец септември оваа година, Управата за јавни приходи ја објави  Листата на должници, бр. 09/2019, за долгови на даночните должници кои се доспеани до 31.5.2019 година и неплатени до 31.8.2019 година. Листата содржи даночни долгови по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини.

Согласно Законот за даночна постапка, обврската за чување на даночна тајна не е повредена кога Управата за јавни приходи без согласност на даночниот обврзник, на својата веб-страница објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за кои вкупниот износ на долгот е:

1. повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и
2. повисок од 300.000 денари за правните лица.

Објавувањето на „црната листа“, беше со цел увид во долговите на физичките и правните лица - најголеми должници на пошироката јавност и на тој начин да се изврши влијание за јакнење даночната дисциплина. 

Согласно податоците од објавената Листа на должници, бр.,09/2019, а врз основа на претходните критериуми, 1.979 должници правни лица и 2.586 должници - физички лица имаат вкупен нето долг од 10,2 милијарди денари, што е за 343,5 милиони денари повеќе од долгот објавен на претходната листа. При тоа, во однос на претходната листа долгот по основ на даноци и придонеси расте, додека се намалува долгот за царински давачки. Долгот на прворангираното правно лице изнесува околу 464,1 милиони денари, а интересен е податокот што на врвот на оваа листа и понатаму остануваат повеќе јавни претпријатија, како и правни лица во доминантна државна сопственост, па и една општина со скоро 55 милиони денари долг.

Овие податоци ја наметнуваат дилемата - од кои причини се овозможени големи износи на долгови, без навремено да се започнат соодветни постапки од страна на надлежните органи, вклучително и присилна наплата, реорганизација, па и отворање на стечајна постапка. Државните органи како доверители можат да иницираат стечајна постапка или постапка за реорганизација над стечајниот должник кога тој е неспособен за плаќање, односно кога му претстои идна неспособност за плаќање. По закон се смета дека должникот е неспособен за плаќање ако во период од 45 дена од која било негова сметка, кај кој било носител на платниот промет, не е исплатен износот што требало да биде исплатен врз основа на важечките основи за плаќање.

Од аспект на бизнисот ова е многу значајно, бидејќи навремената реакција на надлежните органи и започнувањето на соодветни постапки ќе овозможат благовремено спречување на „повлекување“ во синџирот на други правни лица кои се јавуваат како добавувачи на даночните должници.

Исто така, како што се објавува „црна листа“ или листа на должници, добро е да се создаде законски основ и да се објавува и „бела листа“ на оние фирми и физички лица кои редовно ги сервисираат своите обврски по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини кон државата и кои со најголеми износи придонесуваат за „полнење“ на државниот буџет.

Наспроти Листата на должници популарно наречена „црна листа“, со листата на плаќачи која со право може да се нарече „бела листа“, пред јавноста би се дало своевидно „признание“ на фирмите и поединците кои овозможуваат функционирање на државниот апарат и обезбедување на заедничките потреби на граѓаните.

Анета Димовска, самостоен советник во Стопанската комора


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок