20 Април, 2024
0.0256

Чупеска-Станишковска: Ќе се надмине етничкиот корпоративизам, расте цената на индивидуален глас

Објавено во: Анализа, Интервјуа 07 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Професорската фела имаше тешка задача да се определи на овие претседателски избори бидејќи сите тројца кандидати беа професори, па така повторно нивни колега ќе ја запоседне вилата на Водно. Професорката Ана Чупеска-Станишковска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје не застана зад правничката Силјановска Давкова туку го поддржуваше веќе новиот претседател Пендаровски. Чупеска-Станишковска смета дека Пендаровски нема да биде слуга на партиите и нивните интереси, а очекува и негова реална посветеност на евроатлантските интеграции. Со Чупеска-Станишковска анализираме и за претходните пракси на „прелевање“ на гласови на претседателските избори и таа смета дека т.н. етнички корпоративизам полека се надминува со поголема вредност на секој индивидуален глас.

Што очекувате од Стево Пендаровски како претседател на Северна Македонија, ќе може ли да ја врати довербата во институцијата која ја наруши Иванов, и дали навистина ќе биде претседател на сите без да биде под влијание на партиите како СДСМ и ДУИ кои му дадоа најголема поддршка?

Чупеска-Станишковска: Убедена сум дека Пендаровски достојно и квалитетно ќе ја врши функцијата Претседател на Република Северна Македонија, особено имајќи го предвид неговиот минат труд, професионализмот, како и фактот дека зад себе нема ниту една компромитирачка дамка и покрај тоа што се занимава со политика и безбедност повеќе од 20 години. Што се однесува до можноста за влијание врз него од страна на партиите, верувам ќе прави успешен баланс меѓу генералните политики кои ги застапува опцијата што го поддржи и своите проценки.

Со исполнување на цензусот дефинитивно паѓа во вода стравот од нова политичка криза, но тоа не значи дека и целосно ќе бидеме ослободени од нови партиски препукувања. Како Пендаровски ќе влијае да се забрзаат евроатлантските интеграции, единствената опција за која во Северна Македонија има широк консензус?

Чупеска-Станишковска: Пендаровски, е профил на политичар кој не глуми застапник на евроатлантските интеграции, напротив. Негов хабитус е оригинално посветен на таа цел. 20 години кариера ги има посветено на таа цел, учествувал во сите „најтешки“ премрежија со кои се има соочено нашата земја и никојпат не отстапил од таа идеја и нејзината реализација. Припаѓа на курсот на реал-политиката и оттука одлуките што ќе ги донесе ќе бидат во таа насока.

Власта, особено премиерот Заев ветуваше дека по изборите ќе „заигра“ метлата, односно ќе има голема промена на функционери и надминување на непотизмот и партизираноста. Верувате ли во ваквите заложби кога Пендаровски веќе победи и што е навистина потребно во реформа на администрацијата со инструменти и гаранции дека нема да се вработува само по партиска книшка и роднински врски?

Чупеска-Станишковска: Верувам дека ќе се случат такви нужни промени, впрочем тоа беше нагласено и ветено неколку пати до сега, пред се заради реформската агенда која ни претстои, а таа бара сериозност, посветеност и меритократија. Тоа е нужност на нашето време.

ВМРО-ДПМНЕ не ја честиташе победата и обвини за изборен инженеринг, што очекувате следно од опозициската партија, продлабочување на деструктивните реторики или пак поголем притисок за внатрешни реформи бидејќи овие избори покажаа дека Силјановска Давкова не може да добие премногу гласови од неопределените и разочараните од власта, ниту пак од етничките Албанци?

Чупеска-Станишковска: За жал, отсуството на елементарна пристојност да се честита на победникот укажува дека опозицијата ќе продолжи со  деструктивните поведенија. Што се однесува до албанските гласови , или неопределените, мислам дека гласањето на овие избори покажа дека „контигентното третирање” на гласовите на граѓаните не е од полза. Со други зборови, цената на индивидуалниот глас порасна и тоа е добро. Секако, треба уште да се работи на отстранувањето на етничкиот корпоративизам – верувам дека со политиките за “Едно општество” ќе се успее во тие намери. 


Х.С.