20 Април, 2024
0.0309

Чичко пушти летки

Објавено во: Колумни 15 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

На најстарите скопјани се уште во свежо сеќавање им беа летоците што ги фрлале германските авиони со пропагандна содржина-демек партизаните се поразени и тандара мандара, се во тој Гебелсовски стил,а ние во предземјотресните години се соочувавме со летоци фрлени од забрефтани двокрилци во низок лет со сосема поинаква и попријатна содржина.Трчавме како улави низ улиците со кренат поглед угоре следејќи го летот на летките,како што ги нарекувавме,што ветрот ги пафташе на најразлични страни.„Чичко пушти летки“ ечеше во тој половина час од детските грла со молба до пилотот,чија што рака одвреме навреме се појавуваше од кабината со грст ливчиња со непозната содржина,се додека не дојдат во растреперените од трчање и замор детски раце.

Најчесто на ваков начин се информираше дека од тој и тој ден гостува циркусот „Адрија“ со најнова и највозбудлива програма со врвни акробати и скротители на лавови,дека дневно има по две претстави,оти циркуската шатра се наоѓа во градскиот парк пред „езерце“ и дека меѓу летките има и по некоја бесплатна влезница за првите две претстави.Вистински херои беа тие што ќе дојдеа до нив,зашто во циркус не одеше баш секој,најчесто дреждевме пред шатрата во долгите бадијалџиски претпладниња посматрајќи ги циркузантите во нивните секојдневни активности покрај приколките и камионите.

Поретко на ваков начин граѓаните се повикуваа на избори и други граѓански активности,а се сеќавам дека со летки не канеа на улица„ Маршал Тито“ да го гледаме акробатот Алексиќ што одеше по жица затегната меѓу „Пелистер“ и „Ристиќева палата“ без заштитна мрежа и што леташе со јаже во забите влечено од авион над занемената публика.Плакатите залепени на за тоа одредени места информираа за најразлични случувања,главно игранки и концерти на познати ВИС-ови од југо-просторите,но и на наши еднакво популарни состави.Филмските претстави се најавуваа на плакати во посебни рекламни застаклени и заклучени со катанче  ормарчиња пред кината,но најатрактивно место за реклама со предзнакот „следна програма“ беше застаклениот столб кај Панта и Кенан на плоштадот,околу кој во секое време имаше љубопитни кинаџии од сите возрасти.Ако за нешто жалат скопјани тоа е таа рекламна некогашна иновација –можеше да остане тука за сведоштво на идните генерации.На секоја кино-премиера гледачите добиваа печатено превиткано ливче со две страни со сцени од филмот,куса содржина и со имиња на главните актери.Овие програми ги собиравме и многумина од нас се гордееја со збирки од стотици програми-најчесто на гледани филмови.

За жал  свовидна информација за жителите на главниот град беа и некролозите заковани најчесто по бандерите и на влезовите на куќите на покојниците.Ај што делуваа непријатно и неестетски по цело Скопје тие црни и сини плакати имаа и заштитен знак-беа со крст или петокрака.Едните се за верници,а другите за тие што не веруваат(навистина многу битна информација за некој што го завршил животниот век).

Неспоредливо со сегашнинава-кога во секој миг на најразлични начини сме бомбардирани со вистинско море информации,најчесто со небитна содржина што ни го расипуваат секојдневјето,убаво или не,као за кого.Само двокрилците што сега пролетуваат за пролетно или летно прскање против комарци не потсетуваат на времињата од „чичко пушти летки“... 


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок