28 Март, 2024
0.0308

Интервју со министерот за животна средина и планирање Насер Нуредини

Чебрен ќе снабдува со струја 180.000 домаќинства

Објавено во: Интервјуа 25 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Хидроцентралата Чебрен е проект за којшто се зборува и се најавува во изминатите 20 години од секоја власт. Повеќе модели беа предложени, но ниту еден не беше успешен за конечно да се реализира проектот Чебрен.

Ќе успее ли овој пат проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен?

Во моментов се работи на евалуација на понудата доставена од инвеститорот и очекувањата се дека до крајот на ноември веќе би имале потпишан договор, доколку се е во ред со поднесената документација за ХЕЦ Чебрен. Тоа значи дека ДA, овој проект е изводлив и ќе успее. Особено знаејќи дека Чебрен е еден од најважните и најголеми инфраструктурни проекти во нашата држава. За доброто на државата и за граѓаните е овој проект да успее. Сведоци сме како економската и енергетска криза се одразува на граѓаните и стопанствениците изминативе месеци, принудени да купуваме електрична енергија која се одразува на буџетот на секое семејство. Чебрен значи инвестирање дома во хидроцентрала којашто ќе произведува електрична енергија овде, дома.

Во текот на изминатите неколку години повеќе експерти изјавија дека станува збор за скап и неуспешен проект, пред се затоа што нема доволно количество на вода во Црна река за да ги издржи потребните капацитети на хидроцентралата Чебрен. Се наведуваше и дека нема доволно гаранции од Владата за успешноста и одржливоста на овој проект што е причина за постојано повлекување на потенцијалните инвеститори. Која е причината што овој проект пропаѓа во повеќе наврати? Има ли доволно капацитети на вода во Црна река или сепак тоа е една од причините за поништување на тендерските постапки?

Црна Река има доволно капацитети на вода за овој проект да биде издржлив и тоа го покажуваат до сега направените студии. Главните прашања што ги идентификувавме и се обидовме да ги имплицираме во тековниот процес беа да ги разјасниме сите потенцијални прашања, како што се должината и правата на користење и трансферот на средства во оваа нова заедничка инвестиција. Се погриживме да оставиме доволно време за да ги разгледаме сите коментари и забелешки од потенцијалните понудувачи и истите да бидат евалуирани заедно со тим од меѓународни експерти. Некои од предлозите и забелешките кои беа во интерес на проектот и во интерес на нашата држава беа имплементирани во тендерската постапка. Фактот што многу компании покажаа интерес за проектот покажува дека проектот е исплатлив за меѓународните инвеститори, но она што е поважно е дека тој е од огромно стратешко значење за нас како држава.

До каде е постапката за избор на фирма партнер која ќе ја гради хидроцентралата?

Процесот на доставување понуди заврши и сега сме во втората фаза на евалуација на доставената понуда од компанијата „ППС“ од Грција, како единствена компанија што помина во оваа фаза. Имаме помалку од 30 дена за завршување на евалуацијата и проверка на доставената документација. Доколку е се во ред се понудата, следната фаза на овој проект е потпишување на договорот за Чебрен.

Кои се роковите за изградба на хидроцентралата? Кога да очекуваме одлука и старт на градба?

Ако и штом се потпише договорот, веднаш ќе треба да почнеме да работиме на лиценцирање и финализирање на извештаите. Нашата намера е да бидеме ефикасни и сè да биде завршено што е можно поскоро. Реалноста е дека ова е голем проект за кој ќе треба време и треба да се почитуваат сите еколошки аспекти при изградбата. Се предвидува инсталацијата да стапи во функција до 2029 година или најдоцна во 2030 година, што ја надополнува нашата стратегија за диверзификација, односно дека најдоцна до тогаш треба да ги деактивираме електраните на јаглен.

За колку ќе се зголеми домашното производство на електрична енергија со Чебрен?

Хидроелектраната Чебрен ќе има инсталирана моќност од 333 мегавати и потенцијал од многу повеќе. Дополнително, да напоменам дека ХЕЦ Чебрен ќе работи во каскаден систем со постојната ХЕЦ Тиквеш која е на истиот слив на Црна Река, што значи дека ќе биде каскаден систем со над 400 MW. Сепак, важноста на оваа инсталација не е само додадениот капацитет, туку улогата што ќе ја има во балансирањето на мрежата и помагањето во нашата транзиција кон обновлива енергија. Обновливите извори како што се сончевата енергија, ветерот итн. не се константни и ќе им треба средство за балансирање кога тие не произведуваат, односно средство што може веднаш да го замени произведениот капацитет што недостасува. Двете хидроцентрали вкупно би произведувале околу 1200 GWh на годишно ниво што е зголемување за 33% на домашното производство на електрична енергија, со што ние како држава ќе можеме да обезбедиме електрична енергија за дополнителни околу 180 илјади домаќинства само од производството на хидроцентралата Чебрен.

Кои се придобивките од изградбата на хидроцентралата Чебрен за државата и граѓаните?

Изградбата на хидроцентралата Чебрен влегува во зелените политики кон коишто сме ние ориентирани. Тоа значи поставување на база на енергетскиот систем во државата врз основа на користење на обновливи извори на енергија и следење и имплементација на проектираните политики за „зелен развој“ како наша долгорочна определба. Имајќи ги предвид случувањата со економската и енергетската криза, како што и претходно напоменав и последиците од недостиг на електрична енергија на глобално ниво, државите се ориентираат кон искористување на домашните капацитети. Нашата држава со овој значаен проект за нас, ги поставува темелите на искористување на капацитетите со коишто располагаме и кои економски ќе се одразат позитивно за сите граѓани. Проектот Чебрен, односно ХЕЦ на Црна Река се случува во време кога гледаме што значи да се биде енергетски независен и безбеден. Може да се каже дека е вистинското време, но јас би рекол дека ова требаше да се направи одамна. Ако овој проект беше успешно реализиран порано, ќе ја надминевме оваа криза со поголема леснотија. Променет е енергетскиот пазар во регионот и денес тој е многу полиберален, а ХЕЦ Чебрен ќе бидат електрани со можност за давање на секундарна регулација или таканаречена балансна енергија и таа има своја вредност во привлекувањето на нови инвеститори во државата. Особено морам да го напоменам фактот што со ХЕЦ Чебрен и домашното производство на електрична енергија, значи производство и дистрибуција до домаќинствата по многу пониска цена на електрична енергија од она што денеска граѓаните го плаќаат, чувствувајќи ги директно последиците од енергетската криза.