19 Април, 2024
0.0240

Царот и султанот повторно на испит

Објавено во: Колумни 21 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Руски авиони бомбардираат позиции на противниците на сириската влада во Идлиб. Турски сили бомбардираат позиции на сириската армија која неколку недели е во офанзива и освојува територии во покраината Идлиб. Едните сакаат да ги поддржат позициите на регуларната сириска војска заземени деновиве, а другите да ја отфрлат на позицијата пред почетокот на последните воени дејства. Така беше вчера. А претходните месеци и денови сириската армија освои големи делови од Идлиб и конечно се стабилизираше животот во Алепо. Таму завчера, со авионскиот лет Дамаск – Алепо, по неколку години беше официјално пуштен во работа аеродромот.

Но успесите на сириската армија доведоа до нова криза. Таа е проширена. Турци и Руси бомбардираат, а гинат Сиријци од спротивставените страни. На една е сириската регуларна армија, а на друга сириски опозиционери поддржани воено од Турција и припадници на терористичките сили од ИД и „Ал Каеда“, вооружени од Западот, а кои  најдоа уточиште во Идлиб. Типична прокси војна. Работите се заострени не само на теренот, туку и меѓу спонзорите на воените дејства. Веќе се зборува за воен судир меѓу нив.

Заострувањето на ситуацијата ја внесе во игра и дипломатијата. И не само политичката. Заседаваат воените лица, заседаваат разузнавачите, заседаваат луѓето на теренот. Во вторникот цел ден во Москва преговараа турските и руските дипломати со намера да најдат решение за најновата криза во Сирија. Но не само што не беше најдено компромисно решение, туку се чини дека царот и султанот, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган ќе мораат повторно да се вклучат во преговорите. Тие ќе бидат на испит како и досега во неколку наврати. За среќа во минатото тие наоѓаа излез од кризите. Но сега како да се на работ на војна. Во средата на 19 февруари Ердоган изјави дека не е задоволен од резултатите од преговорите во Москва и дека турската операција против владините сили на Сирија е неизбежна. Од своја страна Русија им вети поддршка на сириските војници, притоа изразувајќи надеж дека конфликтот може да се смири.

 Она што деновиве се случуваше на воено поле само потврдува дека традиционалните телефонски разговори на Путин и Ердоган, кои порано ги завршуваа ваквите кризи, овој пат не доведоа до таков резултат.  И не само тоа, кризата сега е продлабочена. Како да ќе се врати во 2015, кога Турците соборија руски авион. Зошто сега дојде до заострување на кризата? И Турција и Русија се повикуваат на Договорот од Сочи од есента 2018 година. Тој предвидуваше примирје во покраината Идлиб, која е на границата меѓу Сирија и Турција и која е под контрола на разни групи, но каде што доминира силата и мислењето на Турција.  Што содржеше Договорот од Сочи? Русија и Иран беа гаранти дека нема да дозволат сириските трупи да влезат во покраината. Турција од своја страна се согласи дека военизираните групи, опозициони кон регуларната сириска власт, ќе немаат достап во длабочина од 20 километри од линијата на фронтот. Исто така дека ќе ја оддели „умерената опозиција“ од терористите блиски кон „Ал Каеда“. Во зоната на разграничување има набљудувачки постови. Освен ова, во покраината опозицијата требаше да обезбеди да нема пречки во движењето по двете главни магистрали во Идлиб. Од Дамаск и од Латакија кон Алепо. Договорот не го исполни Турција: не можеше до последниве денови да обезбеди ништо. Договорот го нарушуваат и Сирија и Русија.

И сега ајде по ново договарање. Во дипломатските разговори Турција бара исполнување на Договорот од Сочи „без исклучок“. А тоа значи сириската армија да се врати на линијата на фронтот кога беше постигнат тој договор. А ако тоа не го направи доброволно  тогаш Турција ќе ја вклучи во игра својата армија. И Русија бара исполнување на Договорот од Сочи. Она што досега не го направи Турција. Прогонување на терористите од „Ал Каеда“и безбедни транспортни коридори. Ако тоа не се направи тогаш Русија ќе им дава поддршка на сириските војски за исполнување на договореното. Но Турците и Русите овде забораваат на Башар ал Асад. Неговата војска даде многу жртви да стигне до новите позициии. Тој не сака да чуе за повлекување. Дури навестува борби за целосно ослободување на земјата. Иран, пак, засега молчи, иако се чини како да е на страната на Сирија. А во меѓувреме десетици цивили загинаа, стотици илјади бегалци ја напуштаат територијата на воените дејства и бегаат кон Турција.

Според некои извори, на преговорите во Москва во вторникот, Русите, конкретно  предложиле на сириската влада да  и’ се дадат териториите долж магистралните патишта, а Русите и Турците заедно да патролираат на нив. Во останатиот дел од покраината, кој што не е под контрола на Сиријците, контролата да ја имаат Турците со тоа што ќе треба да ги уништат исламистите од „Ал Каеда“. И доколку сака на таа територија Турција нека гради логори за стотици илјади бегалци кои не сакаат да живеат под власта на Асад.

Но ова не ја задоволува Анкара.За неа тоа не е прифатлив компромис. Затоа најавата на Ердоган од 19 февруари треба да се сфати сериозно. Тој кажа дека досега тие не се мешале во воените дејства, бидејќи подготвувале голема офанзива против владините сили на Сирија. Офанзивата е „неизбежна“, а ќе заврши кога сириските војски ќе бидат вратени зад линијата предвидена во Договорот од Сочи, вели Ердоган. А што ќе се случи ако Ердоган го реализира ветеното? Дали Русите ќе ги остават на цедило Сиријците? Ќе бидеме ли сведоци на игра на нерви. Овде не е толку во прашање Русија, отколку Ердоган и Асад. Ердоган кому дома не му одат работите ја мобилизира јавноста на надворешен план. А како тоа да го направи најлесно, ако не со закани кон „џелатот“ Асад. Асад, пак, понесен на крилата од воените успеси, макар и со руска поддршка, нема лесно да попушти пред турските закани.

 И што ќе се случи меѓу „другарите“ Путин и Ердоган, кои од 2015 година само ги унапредуваа своите односи. Турција воено е многу јака, но Сирија е заштитена од воени авиони со руските С-400, а на копно нема да им биде лесно ни на Турците, ни на Сиријците. Турците имаат проблеми и со Курдите, кои засега се неутрални во поглед на Дамаск. Ердган се обиде да го вклучи во игра НАТО, но оттаму го поздравија со морална поддршка и не му ветија воена помош. Турција не е цел на агресор, па да се вклучи членот 5 од НАТО Договорот. Во случајот со Сирија таа би била агресор. Да не заборавиме дека сите странски сили во Сирија освен руските, се без покана таму. Од Пентагон се јавија со оценка дека Русија и Турција се доближиле кон голем конфликт. И се надеваат дека двете земји ќе најдат решение за да се избегне тоа. Вашингтон, пак, ја поддржува Анкара и нејзините дејствија.„Нема никакви сомненија дека режимот на Асад и Русија, а не Турција носат одговорност за организирање и спроведување на воената кампања„, изјави претставникот на САД во ОН, Кели Крафт.

Вчера турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека со Русија се разгледува можноста да се користи сириското воздушно пространство и од страна на Турција. Тоа значи Русија да даде зелено светло за турски воени авиони. А против кого ќе се користат тие авиони? Сигурно против сириските сили. Русија тоа нема да го дозволи. Министерот нагласува дека Анкара воопшто нема намера да влегува во судири со Русија. Нејзина цел е „сирискиот режим“, вели Акар. Според него турските сили ќе ја напуштат Сирија по „легитимни избори“ во државата. Кога ќе се добие легитимна влада во таа земја. Кога ќе има демократско раководство.

За демократски избори, против кои се ангажирани многу посредници, ќе треба да поминат уште години. Уставниот совет кој треба да го подготви новиот устав на земјата се состанал два пати. Но некои создаваат пречки за брзо носење на тој акт. А во меѓувреме државата е поделена на зони на влијанија. Курдите го држат североистокот, американците нафтените наоѓалишта, Исламската држава еден дел од државата кон Ирак,Турците Идлиб и граничниот појас долж сириско-турската граница. Се друго е под контрола на сириската влада. Токму затоа носењето на уставот ќе зависи од тоа кога протекторите ќе го сакаат тоа. Затоа се потребни уште многу години. Асад ќе сака да ја обедини Сирија, но ако сега војува со Турците, утре ќе мора со Курдите, па со Американците и нивните сојузници...Во реалниот живот тие работи не одат лесно. Па дури зад себе да ја имаш Русија.

Токму затоа решавањето на сегашната криза околу Идлиб ќе биде показател и за иднината на Сирија. Никој не очекува војна меѓу Русија и Турција. Не е лесно да се фрли во вода се она што го надминаа Ердоган и Путин во изминатите речиси пет години. Да не говориме дека тие двајца се соперници и во Либија, но и за таму најдоа некое решение. Во игра се многу политички и економски достигнувања, за да може некој тоа да го пренебрегне. Затоа нема да изненади наредниве денови Путин и Ердоган да се видат и да донесат некое решение кое нема да биде – војна. Решение кое ќе зборува за компромис. Решение со кое двете страни ќе загубат по нешто. Но ќе го најдат мирот.

 Во спротивно досегашните успеси на Путин на надворешно политички план, кои започнаа токму со Сирија ќе почнат да темнеат. А Ердоган, доколку отвори војна може брзо да замине во политичката историја на Турција.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок