24 Април, 2024
0.0283

Бугарското кокетирање со Русија носи плодови

Објавено во: Колумни 20 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Во јуни лани на страниците на Фактор напишавме дека „Бугарите трчаат на бацирака кај Путин“. Стануваше збор за посетите на бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Бојко Борисов на Москва во разлика од само седум дена.  На средбите со рускиот претседател Владимир Путин тие бараа да се заборави пропаѓањето на договорот за изградба на гасоводот „Јужен тек“ и учество во изградбата  на атомската централа „Белене“ и нов блок на централата „Козлодуј“, кои беа разговарани и нешто од нив договорено со Русите. Русија од ваквите чекори на Бугарија имаше штета од околу една милијарда евра. Радев и Борисов, како ништо да не било, му бација рака на Путин, а и тој мртов ладен, барем јавно - како ништо да не било.

Бугарските раководители тогаш сакаа да покажат дека се подготвени да свртат нова страна во односите со Русија. Па ветуваа дека ќе направат ова, ќе направат она за подобрување на односите. А поентата беше ставена на гасоводите. Сето тоа беше проследено со покајничките зборови на Борисов дека Бугарија е најлојална и најдисциплинирана држава во ЕУ, поради што ја одминале сите „текови“. „Сега низ натовска Турција, натовска Грција, натовска Италија минуваат гасоводи. Ние од принципиелност се откажавме од тие проекти и тогаш нашите односи со Русија беа најсложени. И јас сум многу благодарен што не ни држат лутина по тој повод, но постарите повеќе простуваат“ рече Борисов.

Одговорот на Путин тогаш на ваквото византијство на Борисов беше дека него го збунува тоа постар или помлад, имајќи предвид дека постариот секогаш, цело време, го поттикнуваат да плати. Истовремено беше и многу јасен:„Ние разбираме за што станува збор, и ние и бугарската страна, прекрасно разбираме дека при реализација на големи проекти се потребни гаранции, пред се финансиски, кои би биле суверени и дадени од страна на бугарската влада, или пак преку соодветни решенија на Европската комисија“, рече тој. Тогаш Борисов јавно пред новинарите истакна дека Русите не се злопамтила за лошите односи меѓу Бугарија и Русија. Тој додаде дека е виновен за создавање на определена напнатост во односите. И му заблагодари на Путин за неговиот однос, особено дека бил достапен на телефон за Борисов во некои тешки моменти.

Ваквото однесување на Радев и посебно на Борисов деновиве ги даде првите плодови. Во Варна неделава се одржа седница на меѓувладината  руско-бугарска  комисија за економска и научно техничка соработка. Заеднички став на двете страни е дека конструкторот и производителот на опрема за Атомската централа „Белене“, „Росатом“ е важно да учествува во идната реализација на проектот. Се предвидува дури и формирање на руско-бугарски конзорциум за целата таа работа. Договорено е целосно да се почитува европското енергетско законодавство. Договорено е поставување на гасоводна инфраструктура од турско-бугарската до бугарско-српската граница. Исто така и давање лиценца на Русите за да го продолжат работниот век на еден блок од атомската централа „Козлодуј“.

Во Бугарија деновиве неочекувано се случија многу работи кои ја забрзаа реализацијата на гасоводот наречен „Балкански поток“, од Турција до Србија. Русите повлекоа некои судски барања за изградба на гасоводот, па веднаш се потпиша договор со една саудиска фирма, конзорциумот „Аркад“, таа да го гради гасоводот долг околу 450 километри. Проект вреден над една милијарда евра.  Најскап договор потпишан од Бугарите годинава, речиси 300 милиони евра повеќе отколку договорот со САД за набавка на воени авиони од типот Ф-16. Се очекува гасот од Турција до Србија да тргне од почетокот на идната година.

Проектот е на „Аркад“ со бугарски „Булгартрансгас“. Цевските за гасоводот ќе бидат руски и речиси целото количество веќе е во Бугарија. Некои бугарски медиуми сметаат дека ползата од овој проект е спорна, зашто големата инвестиција може да се врати дури по 15 години. А со замената на транзитот на руски гас од Украина со транзит од Турција силно ќе ги влоши финансиските резултати на „Булгартрансгас“. Кон ова треба да се додаде дека не се во право оние кои тврдат дека со „Балканскиот поток“ некои држави ќе ја намалат зависноста од рускиот гас. Ова од причина што низ „Турски поток“ ќе се дистрибуира повторно руски гас.

Интересно е што сето ова во Бугарија се случува во време кога официјална Софија отворено се обидува да ја преиспита историјата од блиското минато. Бугарското Министерство за надворешни работи неодамна соопшти дека ослободувањето на земјите од Европа од страна на Советскиот Сојуз, а во тие рамки и на Бугарија, за време на војната со Германија е „сомнителна политичка теза“. Истовремено во Бугарија деновиве е актуелно гонењето на руски „шпиони“. Под обвинение за шпионажа беше уапсен лидерот на движењето „Русофили“, поранешниот пратеник, Николај Малинов.  Да не оди Борисов повторно кај Путин да бара прошка?

Но тој не мисли така. Конфузијата во јавноста од односите со и кон Русија, Борисов се обидува да ја отстрани. Па вели дека, нема напнатост во односите со Русија, ќе го градиме „Балкански поток“. Цевководот е со руски гас и цевки, парите се саудиски и има турско посредништво. Според него врските со Русија се исклучително прагматични, вистински, коректни и од заемна полза. Борисов овде е во право. Ползата на Русија се гледа во фактот што руски гас ќе ја одминува Украина и ќе оди од Турција, низ Бугарија и Србија, се’ до Северна Италија. На овој начин и Бугарија се вклучува во земјите кои претставуваат транспортен јазол. Иако, за волја на вистината, да се направеше „Јужниот тек“, таа ќе беше директен дистрибутер на гас од Русија до Европа. Но и вака не е лошо. Бугарија сега ќе се осигура, а и другите земји со неа, од можните ризици на гасоводите „Северен поток 1 и 2“, затоа што, како што нагласуваат експерти, енергетските барања на ЕУ не се распространуваат на „Балканскиот поток“ во степен како што тоа е со руските трансгранични гасоводи.

За Борисов изградбата на гасоводот значи останување во играта со гасот, а тоа ќе донесе и соодветна печалба. Тој не може да го заборави минатото кога се влоуваа односите со Русија на енергетски план, иако во Русија го обвинуваат дека сето тоа влошување се случувало токму кога тој бил на чело на бугарската влада. Борисов ова го отфрла па вели: „ После запирањето на „Јужен поток поради корупцијата за време на претходната влада и откажувањето од гасоводот „Набуко“ по вина на Западот, каде што ние бевме моторот, сите гасоводни потоци ја заобиколија Бугарија. Сега овој гасовод ќе биде бугарски, а нашите соседни држави ќе имаат алтернативен гас“.

Очигледно Бугарите знаат зошто бараат прошка и бацуваат рака на оној од кого бараат поддршка на економски план. Тоа што има искрења на политички, како да се заборава. Ќе се заборави и „шпиономанијата“ сегашна и омаловажувањето на улогата на Русија во Втората светска војна. Се до новата потреба од барање прошка.

Каде сме ние во целата оваа бугарска игра. Некои пред извесно време спомнаа да се учествува во изградбата на еден блок на атомската централа „Белене“. Демек било оправдано од еколошки и економски аспект. Не е лошо сето тоа детално да се проучи и проанализира. Кога бевме дел од Југославија финансиравме изградба на еден блок во Термоцентралите „Косово“. Наменет за скопската Железара. Но Југославија веќе ја нема. А и Железарата не е она што беше. Затоа е потребна добра анализа и за „Белене“. Не само економска, туку и политичка и со поглед кон иднината.

Мирче Адамчевски 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок