20 Април, 2024
0.0267

Бугарија и Русија браќа по оружје

Објавено во: Колумни 27 Јуни, 2022

Добивај вести на Viber

Која е иднината на Македонија во поглед на ЕУ? Седумнаесет години од добивањето кандидатски статус заглавени во предворието на Унијата.  Де ова треба да направите, де името да го смените, де на Емануел Макрон му текнало дека приемот во Унијата треба да оди по нови правила, де Бугарија става вето...Уште малку, еве Макрон е загрижен за бугарските барања кон Македонија, па ајде да им ги исполниме!

Македонската приказна со почетокот на преговорите за членство во ЕУ е без крај веќе две децении. Овде нема да се задржувам повеќе на се она што се случувало на јавна сцена или зад кулиси или на тоа, каков ќе биде натамошниот развој на ова прашање. Во моментов пред очи ми се јавува една вистина. Бугарија и Русија се браќа по оружје, но со различна тактика. Денес жртвите се Украина и Македонија. На почетокот на месецов гостував кај колегата Сашо Орданоски во Утрински брифинг. Меѓу другото, покрај вообичаено за војната во Украина, збор два направивме и за односите на Бугарија и Македонија. Јас искажав едно тврдење дека:„ Русите сакаат да им ја извадат душата на Украинците со војна, а Бугарите нам со памуче“. Се разбира во неможност да отворат војна против нас. Причините за тоа се речиси идентични и кај Русите и кај Бугарите. И едните и другите не есапат никого. Русите Украинците, Бугарите нас. И едните и другите напаѓаат. Едниот врз идентитетот, другиот врз јазикот и идентитетот.

Но да почнеме со Русија, бидејќи она што важи за неа, важи и за Бугарите. Ако прочиташ Украина, слободно читај Македонија. Ако читаш Украинци, читај Македонци.  Лани на 12 јули рускиот претседател Вадимир Путин објави статија насловена „ За историското единство на Русите и Украинците“. Суштината на статијата лежи во фактот дека Украинците и Русите започнале како еден народ кој зборувал ист јазик во Древна Русија, која била лабава конфедерација на кнежевства, каде што управувале потомците на скандинавската династија Рјурик. Жителите на оваа древна Русија опстанале како единствена нација со заедничка православна вера и заедничка култура, и покрај напорите на Полска да ја „католизира“ Украина. Потоа, кога Руската империја на почетокот на 20. век се распадна, болшевиците предводени од Ленин, како што објаснува Путин, направија грешка што го создадоа Советскиот Сојуз како федерација на национални републики со право на отцепување. Тие држави требаше да се вклучат во Русија како едноставни автономни републики, како што предлагал Јосиф Сталин во тоа време.

РУСИЈА ОГРАБЕНА

Путин во статијата напиша:„ Болшевиците го третираа рускиот народ како неисцрпен материјал за социјални експерименти. Тие сонуваа за светска револуција за која веруваа дека целосно ќе ги укине националните држави. Затоа, границите беа произволно кроени, а дарежливо беа давани територијални „подароци“. На крајот на краиштата, со што точно се водеа лидерите на болшевиците, уништувајќи ја земјата, веќе не е важно. Може да се расправа за деталите, за позадината и логиката на одредени одлуки. Едно е јасно: Русија всушност беше ограбена“.

Рускиот претседател во завршувањето на статијата заклучува:„Ние со почит се однесуваме кон украинскиот јазик и традиции. Кон стремежот на Украинците да ја видат својата држава слободна, безбедна, просперитетна. Убеден сум дека вистинскиот суверенитет на Украина е можен токму во партнерство со Русија. Нашите духовни, човечки, цивилизациски врски се формирале со векови, излегуваат од исти извори, калени се со заеднички искушенија, достигнувања и победи. Нашето сродство се пренесува од колено на колено. Тоа е во срцата, во сеќавањето на луѓето кои живеат во модерна Русија и Украина, во крвните врски што обединуваат милиони наши семејства. Заедно секогаш сме биле и ќе бидеме многукратно посилни и поуспешни. На крајот на краиштата, ние сме еден народ“.

Путин ова го има напишано речиси пред една година. Во меѓувреме дојде и до инвазија на Украина. Пред пет години на страниците на „Фактор“, пишувајќи за „Пропагандните ветришта што дуваат над Македонија“, претставив некои од јадрата за ширење на руската вистина во светот. Овој пат поврзана со односите меѓу Македонија и Бугарија. Едно од тие јадра е Рускиот институт за стратешки истражувања, основан од претседателот Путин. Па пишувам:„Во него главни се кадрите – разузнавачи. Сега негов директор е Михаил Фрадков, до неодамна прв човек на руското разузнавање(СВР). Претходно беше Леонид Решетњиков, разузнавач кој работел во Бугарија, Југославија и во Грција. Човек кој добро ги познава балканските состојби. Е, тој Решетњиков, во едно телевизиско интервју вели: „Видете во што ја претворија(Западот) т.н. Македонија. Ја откинаа и 100 години работеа на создавање „македонски народ“. Ја откинаа Македонија од Бугарија. А што е Македонија за Бугарија? Таа е Охрид, учениците на Кирил и Методиј, таа е се’ што се правело за славјанството, преводи, изданија, литература...“ Според него, Западот намерно ги оттргнува светите места, како што е Охрид за Бугарија, Косово за Србија, Киевскаја Рус за Русија. За него велат дека е близок со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, со бугарски политичари, а не е за изненадување, ако е близок и со некои од српските политичари. Ова, за да се знае кој создава научна вистина за Македонија“.

БУГАРСКИ ПОГЛЕД НА МАКЕДОНСКАТА ИДНИНА

Кога го читаш Решетњиков во 2017 година и писанието на Путин, како да ги слушаш или читаш денес и во минатото бугарските политичари и историчари. Па и претседателот Румен Радев. И тие ги обвинуваат болшевиците за создавање на македонска држава и народ, зборуваат за т.н. Македонија, бидејќи „Македонија е Бугарија“, за јазикот...Зборуваат за историја, за минатото. И се среќни поради тоа. Премиерот Кирил Петков ни ја кажува иднината,  коментирајќи ја позицијата на Софија по одлуката на Народното собрание за прифаќање на нацрт -предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокирање на европскиот пат на Македонија. Според него, со прифаќањето на „францускиот предлог" Бугарија успеала да ги заштити своите национални интереси. – Направивме нешто неверојатно. Првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција, рече Петков. Тој нагласи дека ако земјава се согласи со предлогот на Париз, ќе треба да ги вклучи Бугарите во Уставот пред да го почне преговарачкиот процес со ЕУ.„Имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија“, тврди Петков.

Историски факти, спомна Петков? Да. Тоа значи дека Бугарија оди рака под рака со Русија. И дека Европа го поддржува тој пат. Но истовремено ја обвинува Русија за војната во Украина. Дволичност. Тоа е вообичаено во политиката на Европа – да се има двојни стандарди. Особено во политиката на Французите. Претседателот Макрон во Украина го нарекуваа „позер“. Тоа се виде на фотографиите при посетата на Киев, кога тој го гушкаше претседателот Владимир Зеленски, а овај „чепка заби“. Макрон цело време беше на линија со Путин, дури и заговараше да не го „понижуваат“ при некое политичко преговарачко решение. Украинците му беа кивни. Ама, сега по добивањето кандидатски статус,  во Украина се тврди дека токму Макрон бил тој кој што го обезбедил тоа решение. И посебна благодарност од Зеленски до него. „Благодарам Емануел! Можеш да бидеш уверен, дека со Украина Европа во 21. век навистина ќе може да биде меѓу глобалните лидери“, изјави Зеленски. 

Не е јасно, засега, што се’ ветиле нашиве и на што се согласиле во преговорите со Бугарите и Французите. Но кој е впечатокот по изјавата на Макрон:„ Блиску сме до договор кој овозможува правда за бугарските барања и е компатибилен со тоа што Северна Македонија може да го направи, потребно е видливост и доверба, во следните часови ќе има гласање на бугарскиот Парламент, ќе гледаме кон бугарскиот претседател и партиите од сегашното мнозинство, опозициските партии, рече Макрон, и додаде дека со „Северномакедонците“ во следните часови ќе разгледува начин да се склучи договорот, за до идната недела да помине на амбасадорско ниво и да се деблокира процесот, изјави францускиот претседател Макрон. Тој ја поздрави храброста на некои лидери на Северна Македонија како Зоран Заев, кој го смени Уставот и името на државата“?  Правда за бугарските барања, рече Макрон!. И историските? Патем, тој ја поздрави одлуката на бугарскиот парламент да го прифати францускиот предлог за почеток на преговори на Македонија со ЕУ.

ДВОЛИЧЕН ОДНОС

Па зошто Макрон не зборува со Зеленски за правда за руските барања кон Украина. И онака, покрај Русите, и тој е еден од виновниците за руската инвазија. Тој беше дел од „нормандската четворка“, која требаше да работи на спроведување на „Минските договори“. Сега веќе се прават планови за крај на војната. Во нив, во основа влегуваат „Минските договори“.Зошто тогаш се дозволи да има десетици илјади жртви и разрушувања од обете страни? Макрон има одговор на ова прашање? Згора на тоа му сугерира на Ковачевски, меѓу редови, да си поднесе оставка.

Не помалку дволичен однос во целата ситуација имаше и еврокомесарот Оливер Вархеји, кој наместо да ги афирмира напорите на кандидатите членки, тој ги штити постојните членки. Сега е моментот за одговорни одлуки и Западниот Балкан треба да биде дел од нашата Европска Унија, објави пред некој ден на Твитер еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји. „ЕУ многу сериозно ги сфаќа сите бугарски грижи и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Сега е моментот за одговорни одлуки. Западниот Балкан треба да биде дел од нашата Европска Унија. Заедно ќе бидеме посилни, наведе Вархеји во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел. И тој е загрижен за грижите на Бугарија. Историските. Уште малку ќе се загрижи и за руските грижи околу Украина.

Деновиве кај нас е актуелен аналитичарот и предавач на Школата за меѓународни напредни студии Џон Хопкинс, Едвард Џозеф. Тој  во интервју за РСЕ, а пренесе „Слободен печат“ изјави дека: Бугарија е како Русија – пристапот ист, тактиката различна. Според него Бугарија ја злоупотребува моќта како земја членка на ЕУ да каже дека Македонија во суштина е вештачка земја. Тој додава дека позицијата на Бугарија кон Македонија е дека не само што е вештачка земја и југословенска вештачка творба, туку и нашиот јазик и историја се базира врз бугарскиот идентитет. И дека е факт дека има личности во Бугарија за кои е познато дека имаат многу силни проруски афинитети, како претседателот Румен Радев и како претходниот премиер Бојко Борисов. Луѓе со силна руска наклонетост.

Конечно во едно интервју за „Агенда-35“, кое ќе биде објавено деновиве, делумно вчера беше кажано нешто на ФБ профилот на колешката Катарина Синадиновска, Џозеф ќе изјави:„ Да, Бугарија води агресорска политика и ова не е веќе нејзин или ваш или европски проблем - ова е сега и наш проблем. Проблем на НАТО и ова не смееме да го дозволиме. САД како главна земја членка на Алијансата да застане во јасна одбрана на македонскиот идентитет, преку Договорот за стратешко партнерство и така да ја направи оваа битка балансирана.

Таква е судбината на малите и незначајни држави. Но и судбина на оние кои се надвор од тимот чиј член сакаат да станат. Реалната политика ги шиба. Ќе си играат мајтап со него. Ќе го пратат на лекарски преглед. Па ќе гледаат како стои со кондиција, како со мускули, срцето, ментални способности... Треба многу работи да се издржат за да се влезе во тимот. Па ќе го вратат на повторен преглед! А тоа што Џозеф зборува за агресија? Француската перцепција не е таква. А можеби и кај дел од нашиот преговарачки тим. Никако немаме среќа со преговарачите. Кога влегуваш во игра без самодоверба, однапред си осуден на пораз. Ако ја имаш, можеби ќе одиграш и нерешено.  Што за нас би било рамно на победа.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок