Бреслин: Македонија е најголем искористувач на ИПАРД 2 во регионот
Објавено во: Економија 09 Октомври, 2019
Шефот на одделението за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој на Европската комисија, Лиам Бреслин, потенцираше дека Македонија во споредба со земјите од регионот е најдобриот корисник на ИПАРД 2.
Ова беше заклучено на 19-тиот Форум за земјоделска политика, чијшто домаќин оваа година е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, заедно со Постојаната група за регионален рурален развој на Југоисточна Европа.
„Република Северна Македонија е еден од корисниците на ИПАРД, можам да кажам дека имате добра искористеност на ИПАРД 2. Земјата има многу апликации само за првиот повик од ИПАРД 2, дури и повеќе од што очекувавме. Добро е да се види дека земјоделците и прехранбената индустрија од секторот земјоделство се финансираат од ИПАРД. Многу од оние што поднесле барања, ги користат веќе овие пари за инвестиции, гледаме дека земјоделците и преработувачката индустрија инвестираат, тоа сакаме да го видиме, дека овие пари им помагаат на земјоделците, на прехранбената индустрија да се развиваат по европските стандарди. Можеме да заклучиме дека Северна Македонија е најдобриот корисник на ИПАРД во регионот и очекуваме да продолжи така“, изјави Бреслин.
Според анализата, Република Северна Македонија досега има склучени 1.008 договори, во вредност од 19,1 милиони евра само европски пари, што е речиси колку вкупната сума што преку ИПАРД ја имаат искористено Србија, Албанија и Црна Гора, која изнесува 20,6 милиони евра.