19 Април, 2024
0.0824

Богатинова: Светлината е убава, моќна и сензуална, сакам да истражувам со неа

Објавено во: Интервјуа 19 Јуни, 2022

Добивај вести на Viber

Како што светлината го наоѓа својот пат, така и уметноста и креативноста го најде патот до Емилија Богатинова, 25 годишна уметница од Скопје, која дипломирала на Факултетот за ликовни уметности и веќе три години работи на серијалот на слики чии главен фокус е играта на светлината. За себе вели дека не е дел од авангардата, ниту дека во Македонија постои авангардна уметничка сцена.

Нејзините дела се впечатливи, ја будат имагинацијата и поттикнуваат на размислување, дали се насликани, дали се колажи со фолии, бои и светки, или пак се графички обработени. Затоа со Богатинова разговаравме подетално, како го изгради овој специфичен стил и израз, што ја инспирираше да стане уметник, но и како се доживува себеси, а како останатите ги доживуваат нејзините дела.

Светлината секогаш го наоѓа својот пат, а исто и уметноста и пораките кои ги носи допира до публиката. Како ти дојде до овој уметнички израз, зошто играта со светлина те фасцинирa?

Богатинова: Светлината секогаш ја забележувам, без разлика дали станува збор за природна светлина сончева, или вештачка, ги забележувам формите и сенките што таа ни ги дава. Сакам да истражувам и експериментирам на таа тема. За време на студиите имав можност да се запознаам со различни видови на техники, вајарски и цртачки, таму беа моите првични конекции со инсталации и скулптури поврзани со светлосната уметност. Мојот завршен испит беше светлосна инсталација, таму научив многу и стекнав доста искуство, потоа продолжив да работам, испририрана од светлината со желба да изнајдам некое ново решение, така стигнав до цртежите кои ги работам.

Ме фасцинира архитектурата и чувството за простор кое таа ни го дава, формата, линијата и употребата на светлината. Во цртежите се обидувам да го пренесам токму тоа.Светлината е мојата појдовна точка, таа е чиста апстрактна фома. Елегантна, софистицирана, ефективна, исклучително убава, моќна, медитативна, монументална, луксузна и сензуална.

Елеганцијата често ја споменувам во моите дела и се трудам да ја одржам видлива. Елеганцијата е идеја која се карактеризира со минимализам и интуитивност, додека се зачувуваат точноста и прецизноста, тоа е стандард за убавина кој во овој случај го добивам од светлината, линиите и црната минималистичка позадина која асоцира на мистериозност, софистицираност и моќ.

Се навраќам на единствената функција која ја има уметноста, тоа е естетската.

Што те мотивираше да станеш уметник, имаше ли момент кога сфати дека можеби токму ова е за тебе, дека имаш талент и те бива?

Богатинова: Не се трудам да најдам прецизен одговор на ова прашање, сите ние имаме талент и сензибилитетет за нешто и припаѓаме некаде. Јас несвесно се втурнав во овој правец, и сум среќна поради тоа, уметноста ни открива нов свет мизстериозен, реален, филозофски, естетски убав и продлабочен.

Кога си најпродуктивна, колку секојдневните емоции, настани, опкружувањето влијаат на крајното дело кое го созаваш?

Богатинова: Настаните низ животот имаат голем удел во создавањето и обликувањето на уметноста, тоа најдобро може да се забележи низ историјата на уметноста која раскажува приказни за различни цивилизации и традиции кои се случувале низ годините.

Најпродуктивна сум кога сум тажна, мислам дека тоа е случај кај повеќето уметници. Емоциите се значајни бидејќи ја дополнуваат содржината на човековиот живот, тие му даваат полн израз и смисла. Уметноста не би постоела ако нема емоции, таа е енергија во движење која не прати од нашето постоење. Емоциите го предвидуваат нашето здравје, благосостојба, чувство на исполнетост и мотивација, доколку не сме свесни за нив и не знаеме како да ги контролираме,  нашиот живот може да биде хаотичен и дисбалансиран. Емоциите ги споменувам како есенциијален дел од нашиот живот, најчесто ги пренесувам преку бојата и линијата во моите цртежи.

Има ли влијание од естетиката на научната фантастика во твоите дела, бидејќи некои наликуваат на мистични галаксии, колку често добиваш такви сугестии?

Богатинова: Мој омилен филм е „Death becomes her“ - 1992 година, спаѓа во жанрот сатирична црна комедија-фантазија, можно е да тежнеам кон тоа несвесно. Сум добила неколку коментри од тој тип, јас лично не ги доживувам моите дела на тој начин, но почнав да ја распознавам сличноста и конекцијата која што ја гледа публиката. Вистина, има форми кои што наликуваат на вселенски летала прикажани на упростен начин. Во цртежите сакам да дадам доза на мистичност, тука лежи конекцијата со научната фантастика. Верувам дека уметноста треба да оди напред, да изнајдеме нови решенија а, не да се враќаме назад на старите. Мојата имагинација и фантазија расте, отворена сум за сугестии и сакам да знам секој поединец како ги доживува моите цртежи.

Моментално работиш во канцеларија, во професија која е сосема различна од твоето образование. Што те влече пак назад кај уметноста. Дали може да функционира концептот „уметник со полно работно време“?

Богатинова: Со добра организација на времето, се е можно. Мотивацијата не е иста како претходно, но се обидувам слободното време максимално да го користам за создавање уметност. Секогаш се навраќам кај уметноста, таа е универзален јазик за сите нас што сакаме да пренесеме некаква порака, емоција или да раскажеме некаква приказна, без разлика дали станува збор за слика, цртеж, скулптура, перформанс, инсталација или било каков друг вид на уметност, таа е моќна алатка за одржување на менталното и емоционалното здравје. Уметноста на сите нас ни помага да разбереме комплексни концепти, бидејќи пристапува до различни делови до човековиот мозок, ни дава способност да размислуваме од различни перспективи.

Дали твоите дела може да се нарече дека припаѓаат на авангарда, и дали воопшто кај нас постои авангардна уметничка сцена?

Богатинова: Авангардната уметност започнала на средина на 19 век, тоа биле група уметници кои тежнеат кон неконвенционален стил на живот, тие експериментираат, додаваат, лепат, сечат, шокираат со нивната уметност. Авангардната уметност алудира на визијата и оригиналноста на идејата на уметникот. Јас имам влијание од авангардното уметничко движење и сум фасцинирана од нивната идеја за тоа во кој правец треба да оди уметноста, но не би рекла дека мојата уметност е авангардна, ниту пак дека кај нас има авангардна уметничка сцена.

Постои впечаток дека не се создава македонска култура, дека работите се одвиваат стихијно и без поголема поддршка или визија. Но, каде се тука младите и општо уметниците да направат некое придвижување или сопствена иницијатива?

Богатинова: Целиот процес на создавање уметност и изложување во галерии/музеи е индивидуален, јас тежнеам кон квалитет не кон квантитет. На нас младите ни фали финансиска мотивација, живееме во време на инфлација, создавање на уметност е луксуз кој малкумина може да си го приуштат. Повеќето работиме за душа, и добиваме минимален приход за сработеното. За да можеме да се посветиме на уметноста и да го дадеме нашиот максимален капацитет, треба уметноста да биде нашиот единствен фокус а, не хоби.

Како ја замислуваш твојата идеална изложба и кога може да се очекува?

Богатинова: На оваа серија цртежи работам скоро три години, од самиот почеток до сега имав доста промени во стилот и изразот во кој што се изработени и мислам дека би ги изложила, повеќе детали не би споделувала, ке видите на самата изложба, која планирам да биде следната година.

Х.С. 

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“