27 Септември, 2020
0.0214

Богати „тигри“ со дух за бизнис: Кои се бизнисмените на деценијата во Македонија

Објавено во: Економија 02 Јануари, 2020

Тие се своевидни „тигри“ во домашната економија. Компаниите со кои раководат и повеќе децении генерираат голем дел од домашниот раст – но Фактор ги избра како бизнисмени на деценијата која помина. Десетмина се во нашиот избор, иако се разбира има и други успешни бизнисмени и доста други добри компании. Изборот повторно е субјективен, ама се разбира го поткрепуваме со релевантни податоци, со бројки, со факти. Многу години, доста напишани текстови анализи за сите. Сега има и нови странски компании кои впрочем ја менуваат домашната слика. Сите кои ги рангираме во овој наш текст сепак се имиња кои донесоа квалитети во домашната економија во овие десет години– демонстрираа дух за бизнис и покажаа резултати.  

Живко Мукаетов е човекот кој дефинитивно ја обележа деценијата. Раководи со една од најуспешните домашни компании, а самиот е олицетворение на човек кој умее во бизнисот. Но успехот не му носи еднолична доминација – тој е посветен и на спортот, спонзорира настани, компанијата ја ориентира да е општествено одговорна, работи со фондацијата Трајче Муакетов и впишува успеси во билансите на „Алкалоид“.

Во последната деценија, оваа компанија има континуиран раст, и тоа во сите параметри од работењето. Растат приходите, извозот, новите инвестиции и бројот на вработени. „Алкалоид“ е една од најпознатите регионални компании, додека Мукаетов е дефинитивно човек кој цврсто стои на земја во домашниот бизнис свет.

Инаку Мукаетов поседува нешто над осум отсто од акциите на „Алкалоид“.

Минчо Јорданов е еден од најбогатите во Македонија. Долго време го држеше овој примат, впрочем тој долго време е меѓу најпознатите бизнисмени во земјава. Се испроба и во политиката, но обидот не беше баш славен, не толку по негова вина – многу повеќе затоа што не беше прифатен од „своите“ во Владата. Кариерата ја почна во деведестите во „Дуферко“, регистрирана во Лугано, фирмата во која сега членува во Бордот на директори. Она по што е познат е „Макстил“, каде „Дуферко“ има мнозинска сопственост. Но, Јорданов поседува акции и во градежната компанија „Бетон“ каде преку „Репро оне лимитед“ држи околу 23 отсто од капиталот.

Семејството на Јорданов ја поседува и Клиничката болница „Ремедика“, една од најпознатите приватни болници во земјава. Тој во изминатата деценија впрочем стана газда и на винаријата „Стоби“, а го купи и најстариот дневен весник во земјава кој се уште го поседува, Нова Македонија.

Негов „колега“ во ова рангирање ако политичкиот ангажман како вицепремиер е критериум е Кочо Анѓушев. Сепак двајцата имаат и други заеднички епитети – богатството на пример. Се уште актуелниот вицепремиер за економски прашања е исто така меѓу најбогатите Македонци – беше и најбогатиот политичар, ама таа кариера реши да ја напушти. Од утре, Анѓушев ќе биде само поранешен вицепремиер, што секако нема да му ја наруши позицијата на успешен бизнисмен. Во Владата има успеси, иако не се прослави многу во комуникацијата со јавноста. Имаше и дамки кои ги фрлија сомнежите за користа на неговите бизниси од неговата позиција, иако тој тоа категрично го демантираше. Остануваат сепак фактите – тој е еден од највлијателните бизнисмени во Македонија во последната деценија – еден од основачите е на „Брако“ од Велес. Во 2003 година го основа друштвото „Фероинвест“, а и фирмата ЕФТ Македонија која има лиценца за трговија со електрична енергија.

Ванчо Чифлиганец е познат бизнисмен од градежниот сектор – но неговото име во последната година не е врзано исклучиво за изградбата на станови, бизнис од кои направи милиони. Имено „Адора инженеринг“ компанијата која ја поседува, купуваше акции во Комерцијална банка и заклучно со последниот работен ден во 2019 година година Чифлиганец во Комерцијална банка има 11,4 проценти од капиталот.

Тоа што неговата фирма е најголем поединечен акционер во една од најголемите домашни банки, секако е голема работа, но Чифлиганец има богата бизнис историја, иако беше и пратеник во два наврати.

Чифлиганец беше генерален директор на Бучим од Радовиш, сепак својот бизнис значително го прошири во последната деценија кога „Адора инженеринг“ буквално имаше агресивен раст на пазарот на недвижнини. Чифлиганец основаше и своја фондација.

Вечниот банкар кој се обиде и во политиката, но по две години сфати дека таму работите не одат како во бизнисот и два и два не се четири, па одлучи да му се врати на добро познатото банкарство. Хари Костов е главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на најголемата банка во земјава, практично првиот банкарски џин со актива од 1,86 милијарди евра, Комерцијална банка. Таму е повеќе од 20 години и благодарение на неговата упорност и посветеност банката успеа да се искачи на моќната позиција на која денеска се наоѓа.  Економистот Хари Костов во 2002 година не успеа да и одолее на политиката, стана прво министер за внатрешни работи, а потоа, на средината на 2004 со голем елан ја прифати премиерската функција. За неколку месеци, откако се разочара од политичките заткулисни игри, повторно се врати на тронот на Комерцијална банка. Банката е една од најуспешните, а во неа сопственици се поголем број домашни акционери, главно домашни бизнисмени.

Андреа Јосифовски, нафтен магнат и еден од најбогатите луѓе во земјава според листата на „Форбс“. Пали и гаси во најголемиот нафтен дистрибутер во земјава „Макпетрол“, каде што преку компанијата „ОИЛКО“ практично го контролира целиот бизнис. Важи за една од најреспектабилните фигури во нафтената индустрија.

И покрај обидите за непријателско преземање Јосифовски успеа да се избори со сите притисоци и го задржа „Макпетрол“ под своја контрола, на задоволство и на вработените во компанијата. „Макпетрол“ е сопственик на една од најреномираните телевизии со национална концесија „Телма“, но самиот не е бизнисмен кој често се појавува во јавноста. А кога ќе излезе да каже став, сите велат дека е кажано јасно и без заобиколување. Андреа Јосифовски е човек кој никогаш не ја криеше висината на својата плата и бонусите, туку напротив, тоа јавно го соопштуваше во јавноста.

Ако за некој од македонските бизнис џинови може да се каже дека почнал од нула, тогаш тоа е сигурно кавадаречкиот деловен гуру, Илија Гечев. Уште пред многу години, во 1994 година, додека социјализмот со заминуваше, а капитализмот скромно влегуваше на врата, Гечев храбро влезе во стартување и градење на својата компанија, „ИГМ Трејд“, првично фирма со предзнак трговија. Сега компанијата има над 450 вработени. Еден период беше отворен за јавноста, а своевремено беше и на пратеничка листа, но потоа се повлече од давање изјави за јавноста. ИГМ трејд е една од најголемите извозни компании во Македонија, на која 95 отсто од вкупната продажба и е надвор од државата, на пазарите на ЕУ и ЦЕФТА. Човекот кој е еден од најбогатите во земјава, а е бизнисмен кој не застанува на еден деловен потфат, тој постојано ја шири бизнис империјата, купува акции во компании и во земјава, и во странство. Има и недвижности, во негова сопственост е и објектот во кој работи една голема странска инвестиција во земјава. На крајот на 2015 година, ИГМ-Трејд го прошири своето работење надвор од земјава, откако ја купи поранешната фабрика АЛПОС за заварени челични цевки и профили лоцирана во Словенија.

Сашо Наумоски го наследи бизнисот и челното место во една од најуспешните и најпрестижните македонски компании – кралицата на чоколадите и кондиторските производи, прилепска „Витаминка“, од неговиот татко. Но покажа дека децата некогаш можат и да ги надминат своите родители. Цврсто ги држи конците на „благиот“ бизнис во своите раце. За тоа говорат и резултатите - производителот на прочуениот „Стоби Флипс“, лани оствари приходи од 37,3 милиони евра и имаше добивка од 470.000 евра. „Витаминка“ и во 2019 година го зголеми пазарното учество и ја зголеми продажбата.

Компанијата има 60 години традиција, извезува на трисетина странски пазари

И за Свето Јаневски знаат речиси сите – нему прилично добро му стои прекарот „крал на пијалоците“ кој своевремено му го даде магазинот „Форбс“ кој исто така го рангираше меѓу најбогатите неколкумина во земјава. Јаневски долги години беше директор на „Скопска пивара“, но неговата компанија М6 на почетокот на оваа деценија капиталот во Пивара им го продаде на „Кока кола Хеленик“ и на „Хајнекен“ за 34 милиони евра. Сепак Јаневски не запре во бизнисот со пијалоци. Тој го купи Тиквеш и компанијата многу успешно гази сите овие години.  

Арбен Абдурахмани е сопственик на компанијата „Везе Шари“. Тој лани беше избран од читателите на Фактор како бизнисмен на 2018 година кога и несомнено го заслужуваше тој епитет. Но Абдурахмани раководи со една од најуспешните македонски компании ако растот е критериум. Постои веќе втора деценија, период во кој од мала фарма прерасна во голема компанија во чиј склоп има уште две компании. Абдурахмани ја отвори и познатата фирма за преработка на сувомеснати производи „Лекер“, а од преку неколку години функционира и „Електро шари“, биогасна централа една од ретките во земјава. Абдурахмани има визија за успех, голем искуство дел стекнато во Греманија и инспиративен оптимизам дека врвот за компанијата нема крај.

Александра Томиќ

Нина Нинеска Фиданоска


Можеби ќе ве интересира

Третина од антикризниот пакет е од буџетот: Македонија ќе позајмува пари

Третина од антикризниот пакет е од буџетот: Македонија ќе позајмува пари

Државата ќе дава и до 21.776 денари по вработен во фирмите: Помош за октомври, ноември и декември

Државата ќе дава и до 21.776 денари по вработен во фирмите: Помош за октомври, ноември и декември

Усвоено: 6.000 денари на картички добиваат пензионери, невработени, студенти - вкупно 280.000 луѓе

Усвоено: 6.000 денари на картички добиваат пензионери, невработени, студенти - вкупно 280.000 луѓе

ВО ЖИВО: Заев ќе ги презентира новите антикризни мерки

ВО ЖИВО: Заев ќе ги презентира новите антикризни мерки

Бесими за етничките вработувања: И во Гугл главниот извршен директор е од Индија

Бесими за етничките вработувања: И во Гугл главниот извршен директор е од Индија

Заев со математика: Евтината тарифа ја поевтини струјата за 300, со последното поскапување се зголеми за 100 денари, заштедата е 200

Заев со математика: Евтината тарифа ја поевтини струјата за 300, со последното поскапување се зголеми за 100 денари, заштедата е 200

Државата ќе ви го врати сиот платен данок: Од 10 до 12 октомври - викенд без ДДВ

Државата ќе ви го врати сиот платен данок: Од 10 до 12 октомври - викенд без ДДВ

Се намалува персоналниот данок во ИКТ, трошоците за тим билдинг ќе бидат даночно признат расход

Се намалува персоналниот данок во ИКТ, трошоците за тим билдинг ќе бидат даночно признат расход

Картички за невработени, субвенции за фирмите: Денеска четвртиот пакет антикризни мерки

Картички за невработени, субвенции за фирмите: Денеска четвртиот пакет антикризни мерки