09 Август, 2022
0.0218

БИЗНИС АГИЛНОСТ - ТЕРМИНОЛОГИЈА НА НОВОТО ВРЕМЕ

Објавено во: Колумни 17 Јуни, 2022

Добивај вести на Viber

Туку што се вратив од Тел Авив. Со собрани импресии за претприемништво од една и исполнета душа со светлина преку изобилство на разговори со тамошните мудреци, од друга страна, во мене се појавува едно благо чувство на загриженост. 

Знаете, кога Евреите, за кои сметам дека се една од најуспешните нации во поглед на претприемништво и бизнис, ќе разговараат во насока на тоа дека цените во Тел Авив се превисоки или тоа дека ќе биде тешко да се опстојува со тековните состојби во економијата, особено еластичноста на животната кошничка наспрема новите цени, тоа од гледиште на балканските народи треба да предизвика доза на мала загриженост.

Имено, ако направам една паралела на цените од 2019-та, кога, таму последен пат престојував, со овие цени од 2022 година, се добива една констатација која вели, на пример вака: цените на најобичен еднодневен престој во хостел во 2019 година изнесуваше околу 70 евра, додека истата таа цена, денес, изнесува 210 евра. Потоа, ако во 2019 година едно мало шише вода, во продавница изнесуваше едно евро, денес достигна до 3,5 евра. Цигарите, пак, достигнаа до 15 евра. Истото, се случува и со храната во ресторан (нивната традиционална храна – хумус, кога ќе ја нарачате во ресторан, во 2019 беше 5 евра, а денес изнесува 15 евра). Од ова, може да се заклучи дека цените во една од најуспешните земји во претприемништвото, направиле скок за три и пол пати, во споредба со периодот од пред пандемијата. Секако, ова се мои лични импресии, кои, во писаниево не сакам да ги споредувам со официјалните статистики на тамошната стручна јавност. Тие, секако покажуваат подобри варијабли.

Туку, што ми е поентата? Ако глобалната економија силно страда во насока на триплирање на цените во економијата, што останува за нас земјите од Западен Балкан, освен да се прилагодуваме на таквите состојби, за да преживуваме. Поточно, потребно е веднаш да се преориентираме во нови бизнис модели на управување, со воведување на агилни алатки за планирање во компаниите и нови пристапи кон пазарите. Оптимизамот го гледам во нашите можности, сега силно здружени со соседите од север и запад, да настапуваме во овие виорни времиња, агресивно, кон привлекувањето на нови глобални компании во регионот.   

Несомнено, во таа насока се наметнува една важна тема за македонските компании, а таа е - управување со перформансите во синџирот на снабдување. За таа цел, во Скопје, на крајот на месецов, доаѓа еден од водечките германски експерти за ваквата проблематика, д-р Холгер Шобер. Имено, како експерт за глобални извори и управување со перформансите на синџирот на снабдување, тој, има искуство во индустријата и советувањето, а живее во Азија од 2008 година (Кина, Индија). Неговата сегашна домашна база е Шангај (Кина), каде што работи како потпретседател на продажбата за кинеската компанија наречена Hiteco, снабдувач на делови и компоненти по нарачка. На почетокот на оваа година, д-р Шобер стана надворешен проектен советник на Центарот за управување и контролинг на перформансите во Франкфурт (читај: Хајделберг Институт) за да ја пренесе целата своја експертиза и искуства со локалните и глобалните синџири на снабдување. Оттука, ова е можност да го купиме неговото искуство, сите ние стопанственици, финансисти и контролери. Речиси е бесплатно. 

Од друга страна, пак, во литературата, под поимот агилност се подразбира способност на еден систем брзо да одговори на промените, и тоа преку приспособување на неговата почетна стабилна конфигурација. Оттука, ако агилноста се аплицира врз начинот на планирање и воопшто во целиот бизнис, доаѓаме до важна придобивка за компаниите, во услови на пост-ковид период и состојби на силна нестабилност. Поточно, бизнис агилност е новата терминологија на ова време. Имено, таа е новата способност, за тоа, како една компанијата да се прилагоди во планирањето на идните текови на делување, со цел менаџментот многу брзо да одговори со акции врз промените кои неминовно ќе се случуваат сукцесивно во деловната година. Но, притоа, компанијата, не смее да ја изгуби стабилната конфигурација на бизнисот од периодот пред кризата.  

За таа цел, во една прилика, во Германија, ја прашувам г-ѓа Аресу Бехџати, во функција на потпретседател на Siemens Advanta Consulting, за ваквата нова проблематика на германските компании наречена - бизнис агилност. Ми вели: „Една компанија, за да започне да практикува агилно планирање, треба најпрво да направи целосна агилна трансформација, на сите процеси“. И возвратив: Како? „Со пракса за деловна агилност преку проекти и програми. Нема поинаку“, ми вели. Тогаш, се гледаме во Скопје ако компаниите покажат интерес за таа цел, завршив.   

Често, си го поставувам прашањето: Какви лидери во компаниите и воопшто во општеството се потребни, особено во време на криза? 

Ако кризата е неочекувана, баш како што беше првата со пандемијата, а еве ден денес и оваа со Руско-украинската војна, луѓето најчесто реагираат така што се подготвуваат за борба или за бегање. Практично, тоа е рефлексија на самиот инстинкт на луѓето. Затоа, во вакви виорни времиња потребни се лидери кон кои ќе гледаат луѓето. И тоа, не само да ги водат, туку вистинските лидери треба да им понудат надеж и верба, дури и кога знаат дека ќе биде пеколно тешко. Сум на мисла дека лидерите немаат капацитет да знаат се, но вработените (читај: граѓаните) секогаш имаат големи очекувања од нив, да ги најдат вистинските поединци во тимот, кои, ќе помогнат во создавањето на НАДЕЖ. Како што се вели, луѓето бараат некој на кој можат да му веруваат. Така, тие создаваат надеж и верба за подобро утре. Со овој текст, наметнувам една тема за емоционалната интелигенција.

За тоа, колку бизнис (општествените) лидерите имаат високо ниво на емоционална интелигенција, а во функција на контролирање на сопствените емоции и помагање на вработените (граѓаните) да ги контролираат нивните, елаборираме во една од наредните прилики за „Фактор.мк“. 

„Надежта се состои во способноста да се види светлината и покрај сета темнина.“ – Дезмонд Туту

проф. д-рСиниша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Путин и Ердоган – Игра без правила

Путин и Ердоган – Игра без правила

Даночна реформа: За економски раст, сузбивање на сивата економија и фер јавни давачки

Даночна реформа: За економски раст, сузбивање на сивата економија и фер јавни давачки

Русија ќе ни стои на вратот се’ додека Западот нема интерес за нас

Русија ќе ни стои на вратот се’ додека Западот нема интерес за нас