20 Април, 2024
0.0321

Битиќи vs Лазаров: Како ќе се исполнат предизборните ветувања

Објавено во: Економија, Колумни 02 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е претседател на Kомисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања - осмата нивна колумна за Фактор е во изборна кампања, во време кога партиите лицитираат со предизборните ветувања. Затоа ги прашавме за тоа како ќе исполнат се, но и за ликвидноста на компаниите и нивната потреба за пари и за падот на индустриското производство.

Партиите лицитираат со предизборни ветувања во однос на платите, инвестициите, вработувањата, даноците. Тоа е вообичаено пред секој изборен циклус, а во програмите стојат општи ветувања за кои ќе бидат потребни милијарди евра. Како ќе исполните се?

Лазаров: Јас конкретно би кажал за понудата која што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ во својата предизборна програма. Имено, сите таргети и цели во програмата (стапки на раст од 4 проценти, раст на платите за 25 отсто, стапка на невработеност од 10 отсто, 4 милијарди евра инвестиции) се прецизно дефинирани врз база на реални и внимателно направени проценки и истите се засновани на јасна методологија со конкретни политики и проекти кои имаат буџетска и временска рамка за реализација. Во таа насока, би потенцирал дека целите со кои се обврзуваме пред граѓаните ќе бидат во целост исполнети и тоа ќе биде одлика на една нова генерација политичари која има визија и капацитет да работи во интерес на граѓаните и државата.

Наспорти ваквиот пристап, денес сме сведоци на една сосема различна политичка структура која во изминатиот период ветуваше многу, а во реалноста не оствари речиси ништо. Да ги потцетиме граѓаните на ветувањата за просечна плата од 30.000 денари, за данокот на персонален доход во ИТ индустрија од 5 проценти, за сериозен инвестициски бум во инфраструктура, за фајсбук и гугл и многу други неостварени ветувања поради кои оваа влада целосно го изгуби кредибилитетот пред македонските граѓани. И наместо да се извинат за сите нереализирани ветувања, денес гледаме како се обидуваат да лицитираат со уште поголеми ветувања. Во услови кога платата во земјата е далеку од 30.000 денари, сега ветуваат просечна плата од 34.000 денари. Во услови кога реализацијата на капиталните инвестиции е историски најниска, сега ветуваат 1.2 милијарди јавни инвестиции. Во услови кога се обидоа да ги зголемат даноците преку воведување на прогресивното оданочување од што најголема штета имаше ИТ секторот, сега ветуваат целосно укинување на данокот на доход за овој сектор. Практично, ваквиот погрешен пристап во водењето на политики од страна на актуелната влада базиран на лажни ветувања е целосно прочитан и антиципиран од страна на граѓаните и тие на овие избори ќе знаат најдобро да препознаат која политичка партија им нуди празни и нереални ветувања, а која реални и остварливи проекти и политики.

Битиќи: Не би се согласил со оценката дека ние лицитираме со ветувања, затоа што сите мерки предложени во програмата на СДСМ се засновани на длабински анализи и симулации на реални економски модели. Ветувањето дека домашниот бизнис ќе го поддржиме со пакет од 600 милиони евра во наредните четири години, од кои 300 милиони се наши средства од буџетот на Република Северна Македонија, и уште најмалку 300 милиони преку програмите на Европската Унија е повеќе од извесно, и изводливо со сегашните перформанси на приходната страна на буџетот. Еве ќе издвојам и уште една мерка, од многуте, од која директна корист ќе имаат граѓаните, а тоа е враќањето на персоналниот данок за вработени на возраст до 29 години, за првите две години од вработувањето. Оваа мерка е системски дизајнирана работодавецот да го плати целиот износ на придонеси заедно со персоналниот данок, а на крајот на годината целиот износ на исплатениот персонален данок ќе оди директно на сметката на секое лице од оваа категорија граѓани. Со овој поврат на персоналниот данок оптоварувањата за државниот буџет ќе бидат минимални, што е потврда дека мерката е издржана и реално остварлива, а со нејзината имплементација бенефитот за младите кои штотуку започнале со работа ќе биде многу значаен.

Затоа нудиме предвидливо деловно опкружување со јасна даночна политика која им нуди сигурност на сите чинители, а секако притоа целосно е фокусирана да ја поддржи новата развојна Македонска економија која се заснова на нови технологии, ИКТ и дигитализација преку даночни олеснувања. Сметаме дека не би требало да стравуваме и гледаме со недоверба на ветувањето особено што во минатиот период  докажавме дека интересот на граѓаните, нивното достоинство и добросостојба е пред се, и дека знаеме и умееме во многу кратко време да направиме промени.

Во пакетот мерки за помош на стопанството Владата предвиде и бескаматни кредити за фирмите, но поради големата побарувачка голем дел од компаниите не добија средства. Потребен ли е нов паричен стимул и како ќе се борат компаниите со неликвидноста додека не се формира новата влада?

Лазаров: Во самото прашање може да го најдете и одговорот! Всушност, фактот што многу мал број на компании добија средства преку безкаматните кредитни линии споредено со вистинските потреби на бизнис секторот во услови кога сериозно е нарушена ликвидноста и кога голем дел од компаниите се на работ на својата егизстенција, води кон заклучокот дека поддршката на оваа влада за приватниот сектор била недоволна. Поради тоа, ВМРО-ДПМНЕ во својата преодна стратегија за справување со здравствено-економската криза предвидува отворање на нова безкаматна кредитна линија во износ од 10 милиони евра веднаш по формирање на новата влада со можност за нејзино проширување со цел обезбедување на доволна поддршка за сите компании кои се соочуваат со финансиски проблеми поради кризата. Меѓутоа, покрај оваа мерка за безкаматни кредити, во рамките на преодната стратегија се предвидени повеќе сет на мерки за поддршка на компаниите во насока на полесно и побезболно премостување на кризата.  Ова е исклучително важно затоа што колку брзо и ефикасно ќе го пребродиме овој кризен период, толку повеќе ќе може да се надеваме на брзо ревитализирање и нормализирање на македонската економија. Затоа, ВМРО-ДМПНЕ ќе посвети сериозно внимание на премостување на кризата со цел градење на здрави економски фундаменти за генерирање на идниот раст и развој на земјата во пост-кризниот период.

Битиќи: Мерките кои се носеа по почнувањето на корона кризата имаа соодветна намена и беа вистинска поддршка за целокупната наша економија, нешто што е потврдено и од страна на експерти за нашиот регион од Светска Банка и ММФ. Ние и понатаму остануваме да бидеме вистински партнер на бизнисот и ќе го поддржиме во рамки на реалните можности на буџетот на Република Северна Македонија без притоа да го доведеме во прашање нормалното функционирање на сите останати сегменти од нашето општество кои се поврзани со буџетските исплати.

Дополнително на ова, би сакал да ве коригирам, ликвидноста на македонската економија и во време на КОВИД19 остана на високо ниво. Ако се погледнат статистичките билтени на НБРСМ во март, април и мај оваа година, вкупните кредити и депозити како кај домаќинствата така и кај правните субјекти бележат пораст како на месечно ниво, исто така и во споредба со истиот период лани. Во наредниот период ликвидноста уште повеќе ќе се зголеми затоа што во месец јуни започнавме со имплементација на третиот и најголем пакет мерки во износ од 355 милиони евра, кој има најголем опфат од сите досегашни мерки, каде директно ќе бидат опфатени околу 730.000 корисници.

Што се однесува до бескаматните кредити, тоа беше еден од понудените механизми и како таков сметам дека не треба да се заборави кредитната линија на ЕИБ од 51 милиони Евра која се пласираше преку комерцијалните банки и која веќе е во рацете на стопанствениците. Во неполни 2 месеци се вбризгаа повеќе од 150 милиони евра во кредити и друг вид на поддршка и сето ова за да се спасат работни места и секако да се задржи ликвидноста. Да не заборавиме и на другите структурни промени како што е намалувањето на референтната каматна стапка на историско најниско ниво од 1,5 отсто во мај на кое претходеше намалување од 2,25 проценти на 1,75 отсто во март, и истовремено намалување на износот на благајнички записи (благајнички записи се хартии од вредност со кои НБРСМ се задолжува кај комерцијалните банки) во вкупен износ од 15 милијарди денари, или околу 250 милиони евра, кои банките потоа можат да ги пласираат во стопанството.

Индустриското производство во мај годинава забележа пад од 27 отсто во однос на мај лани. Падот е длабок, ве загрижува ли кондицијата на домашната индустрија и какви тенденции очекувате во иднина? Има ли решенија?

Лазаров: Тенденциите во индустријата во последните неколку месеци од појавата на кризата се навистина загрижувачки. Само да потцетам дека уште во март имаме пад на индустриското производство од 13,4 проценти, во април од 33,5 проценти, за да еве во мај тој негативен тренд продолжи. Но, она што повеќе загрижува е дека проблемите во индустријата се евидентни и во периодот пред кризата. Имено, во првите два месеци од годината имаме незначителен раст на индустриското производство од 1,9 отсто и сериозно нарушување на конкурентноста на овој сектор. Ако тргнеме од фактот дека токму индустријата е главниот извозен генератор (90 проценти од македонскиот извоз е креиран од страна на преработувачката индустрија) и еден од главните столбови на македонската економија, тогаш констатацијата дека треба да не загрижува кондицијата на домашната индустрија е навистина точна.

Поради тоа, ВМРО-ДПМНЕ во својата преодна стратегија предвидува сериозна поддршка за преработувачката индустрија во насока на јакнење на производните капацитети преку мерки за поддршка на конкурентноста, но истовремено и поддршка за преструктурирање од индустриски гранки и производи со помала додадена вредност кон индустриски гранки и производи со поголема додадена вредност. Практично, само преку јакнење на индустриските и извозните потенцијали можеме да се надеваме на брзо пребродување на овој период, но истовремено на тој начин ќе сoздадеме можност за градење на посилни фундаменти за остварување на повисоки стапки на раст во пост-кризниот период. Во таа насока, еден од клучните сегменти во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е иницирање на процес на модерна индустријализација базиран на системски пристап на поддршка и стимулирање на инвестиции во нови технологии, автоматизација на производни процеси, воведување на современи менаџмент системи за квалитет и стандардизација, градење нови бизнис и организациски модели. На тој начин, ќе се зголеми продуктивноста, ќе се креираат нови високо платени работни места и ќе се создадат пазарни услови за одржлив и значителен раст на платите.

Битиќи: Падот на индустријата како еден клучен дел од нашата економија беше антиципиран од самиот почеток на кризата, па Владата уште од првиот ден од започнувањето на воведување на антикризни мерки се зафати и со креирање на соодветни политики и мерки со кои максимално ќе се амортизира ударот од оваа здравствена криза. Покрај мерките за помош на најпогодените сектори од македонската економија, за многу краток период беа носени и мерки и програми за помош на индустриските капацитети: помош во износ од минимална плата или 50 отсто на бруто плата, бескаматни кредити од 13,5 милиони евра преку Развојната Банка, 50 милиони евра кредити со исклучитиелно поволни камати пласирани преку комерцијалните банки.

Дополнително на сето ова само би појаснил дека падот во индустриското производство се случува во целиот свет, па нашата индустрија која функционира во рамки на отворена пазарна економија, и истовремено е дел од светските индустриски текови, логично е да трпи одредени застои кои резултираат со намален обем на производство.

Во насока поддршка и забрзано враќање на индустријата во зоната на двоцифрени стапки на раст, како што е наведено во програмата за наредните четири години, ние ќе ги ослободиме извозно ориентираните компании од плаќање на ДДВ при увоз на машини кои се наменети за производство наменето за извоз, ќе ги намалиме за 75 отсто парафискалните давачки кон државата и институцииите, со драстично намалување на надоместоците за документацијата која правните субјекти ја добиваат од централен регистар, царина и други институции кои им служат при учество на тендери, спроведување на царинска процедура и слично.


Можеби ќе ве интересира

Николоски за ВоА: Во изминатите 4 години менаџиравме криза и го штитевме стандардот, економијата доаѓа во фокусот

Николоски за ВоА: Во изминатите 4 години менаџиравме криза и го штитевме стандардот, економијата доаѓа во фокусот

ЛУКАРЕВСКА: Во наредниот мандат домашните компании ќе ги поддржиме со 180 милиони евра

ЛУКАРЕВСКА: Во наредниот мандат домашните компании ќе ги поддржиме со 180 милиони евра

НИКОЛОСКИ НА СРЕДБИ ВО ММФ: Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст

НИКОЛОСКИ НА СРЕДБИ ВО ММФ: Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ