Билал Суџубаши останува Претседател на УО на Халк Банка
Објавено во: Економија 26 Февруари, 2020
Билал Суџубаши ќе продолжи да ја извршува функцијата Главен Извршен Директор, Претседател на Управниот одбор на Халк Банка А.Д. Скопје.
Ова станува јасно од информацијата објавена на Македонска берза а која се однесува на промени во органите на управување и раководење.
Од соопштението на банката, Суџубаши добил согласност за реименување за период од 2 години, сметано од 07.02.2020 година.
„Врз основа на алинеја 4 од став 1 член 166-б од Законот за хартии од вредност, согласно Решението на Гувернерот на Народна Банка на Р. Северна Македонија издадена е претходна согласност за реименување на г-дин Билал Суџубаши за период од 2 години, сметано од 07.02.2020 година“, стои во одлуката.
Како што се додава, промените веќе се запишани во Регистар на Р. Северна Македонија на 14.02.2020 година.
Во неодамнешно интервју за Фактор, Билал Суџубаши, претседател на Управниот одбор на Халкбанк Скопје, говореше дека банката ќе продолжи со работа со исто темпо, бидејќи нивната зацртана цел е да станат водечка банка во Северна Македонија.
Малите и средни претпријатија, рече, се камен темелник за економијата, а објасни и што за земјава ќе донесе влезот во НАТО, но и претстојните избори. Разговравме и за дигитализацијата, каматните стапки, како и за новините што банката ги планира за наредниот период... а целото интервју може да го прочитате овде.