19 Април, 2024
0.0250

Без САД нема решение за Косово, а Русија?

Објавено во: Колумни 07 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Веста од Вашингтон кон крајот на минатата недела потврди. Без САД не може да се направи ништо на релацијата Белград - Приштина. Барем на економски план. Она што е договорено меѓу Александар Вучиќ и  Авдулах Хоти како да е еден вид „Маршалов план“ за некогашната република и нејзината некогашна покраина. Можеби и пошироко. Денес во Брисел продолжуваат преговорите меѓу истите партнери. Ако во Вашингтон доминираше економијата во Брисел сигурно ќе доминира политиката. Има ли место во овие односи за Русија?

Пред повеќе од една година на овие страници напишав дека „Русија ќе признае српско – косовски договор, ако го има“. Според првите официјални и неофицијални реакции на Москва, првиот чин од договарањето меѓу Белград и Приштина како да е прифатлив за Русија.  Во официјалното соопштение на руското министерство за надворешни работи се вели дека вчера имало телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Во него се истакнува: „Од двете страни е изразено целењето кон сеопфатен развој на односите на стратешко партнерство и политички дијалог во согласност со договорите меѓу претседателите на двете земји. Александар Вучиќ информирал за резултатите од средбата во Вашингтон и претстојните преговори во Брисел. Во контекстот на меѓусебната синхронизација на косовскиот проблем нагласена е непроменливоста на руската позиција во полза на барањето на трајно и долгорочно решение врз основа на резолуцијата на СБ на ОН – 1244“.

Иако во соопштението нема оценка на разговорите во Вашингтон, може да се претпостави дека Русија нема ништо против економскиот договор.  Тоа ќе го покаже времето. Дотолку повеќе што во делот на енергетиката таму стои, парафразирано, „дека Србија ќе треба да ја диверзификува енергетската зависност“. Што значи да се намали руското влијание во таа област во економијата на Србија. Не е јасно дали трговецот Трамп предвидел да продава американски енергенси во овој регион. На пример течен природен гас! Како конкуренција на рускиот. Русите и не би требало да бидат загрижени од договорот. Тие не можат да го исполнат она што е во него. На пример да вложат 13 милијарди долари во инфраструктурни проекти.

Првите медиумски реакции во Москва на настанот во Вашингтон се дека „Во целост Вучич е секако во право кога зборува за тоа дека овој договор е од полза за Србија. Американците ги принудиле Косоварите да оладат и да ги задоволат основните насушни позиции на Србија, во прв ред укинувањето на забраната за српски стоки во Косово и откажувањето од Газивода“. Се нагласува дека ништо не ги загрозува српско-руските односи. Иако може да се жали за тоа што Москва останува настрана од тој процес. Но таква е логиката. „Русија не го признава Косово, што следи од нашите односи со Србија, и следствено, од објективни причини нема инструменти за влијание врз Приштина“, пишуваат медиуми. Се нагласува дека во интерес на Србија било да се прифати американското посредување, затоа што Американците имаат „определени инструменти за влијание врз Приштина“. Во смисла дека не е потребно етикетирање , туку да се направи обид да се потврди сопствениот концепт на однесување на Балканот.  

Кога се споменуваат етикетите, поточно етикетирањето, се мисли на косовските, а и на балканските политичари. Тие последниве години како да заборавија дека се американска сфера на интерес , па дури и повеќе од тоа. Некои се американски проект, а некои протекторат. И тие почнаа да се однесуваат негаторски кон некои американски идеи за решавање на проблемот. И специјалниот пратеник на САД Ричард Гренел и американските дипломати во Приштина укажуваа на неприфатливото однесување на политичарите кои беа на власт во Косово. Паѓањето на владите се само пример за тоа. Дојде Хоти и нова влада која веднаш спроведе мерки на кои настојуваа Американците, а кои претходните политички гарнитури не ги спроведуваа. Им помодреа градите од удирање во нив да се покаже кој е поголем патриот. САД беа заморени од косовските раководства па мораа да се закануваат. Американците тоа добро го прават, дотолку повеќе кога имаат адути во џебовите за да играат против балканските корумпирани и националистички ориентирани политичари.

Руски експерти тврдат дека Вучиќ со сета своја политичка ароганција дома, тој е покооперативен во односите со Европа и САД и поисполнителен на она што ќе го вети, отколку од косовските партнери. И дека Западот ќе го поддржува и ќе замижува и премолчува на се’ што прави во Србија, а што се коси со меѓународни норми. Од едноставна причина. „За Вучиќ сега е многу опасно едноставно да ја признае независноста на Косово и да не добие ништо за возврат. Нему му треба да се создаде впечаток дека Србија добила барем нешто за тоа. А Албанците не се подготвени за ништо во тој поглед. Па затоа во овој момент тој тешко дека е подготвен за она што од него го очекуваат на Запад“, вели Павел Кандељ, политички аналитичар, водечкиот научен соработник во Институтот за Европа при РАН.

Од ова следи дека Запад ќе го игра Вучиќ се додека тој не ги исполни нивните очекувања, а за возврат да му дадат нешто, кога веќе Албанците не се подготвени за ништо во тој поглед. Наместо тие да бидат активни и да речат еве ние отстапивме и му дадовме, ќе излезе дека Запад можеби ќе даде и нешто повеќе за признавање на независноста на Косово. Овде треба да се види аналогијата со Македонија. Ако  Македонија во разговорите за името го решеше тоа прашање во деведесеттите години, тогаш можеше да се зборува и за име за двојна употреба, воопшто да не се задира во македонскиот јазик и националност...Колку времето одминуваше резултатот за  Македонија стануваше се полош, за на крај да го имаме ова што го имаме денес. Така и Косово. Подобро што побрзо да учествува во договор донесен под капата на Запад, отколку да ги одолговлекува работите, па, како Македонија да биде ставено во цајтнот и да носи брзи и неповолни за него решенија. Едноставно, ќе ги викнат политичарите, ќе им стават хартија под нос и ќе им речат потпишете. Нешто слично како што беше во Вашингтон со економскиот договор во петокот.

Ако Косово сака помош од Запад тоа мора да биде покооперативно отколку Србија. Таа во рацете има адут – Резолуција од СБ на ОН број 1244. Згора на тоа Русија и Кина засега се на нејзина страна. А има неединство и во ЕУ. Меѓутоа ако двете страни се договорат, ако најдат заеднички јазик, тогаш можат слободно со постигнатиот договор за меѓусебно признавање и да одат во Њујорк, во СБ на ОН, при што ни Русија, ни Кина, сигурно нема да стават вето на таквата заедничка одлука. Ќе немаат аргументи за такво нешто. Веројатно сега со Хоти работите ќе се променат, но многу време се изгуби.

На почетокот од текстов го цитиравме соопштението од руското МНР по повод телефонскиот разговор на Вучиќ и Лавров. Таму се вели дека „Во контекстот на меѓусебната синхронизација на косовскиот проблем нагласена е непроменливоста на руската позиција во полза на барањето на трајно и долгорочно решение врз основа на резолуцијата на СБ на ОН – 1244“. „Непроменливоста на руската позиција“. А што станува со српската? Денес ќе чуеме многу работи од Брисел. Србите во Вашингтон рекоа дека успеале да се тргне членот 10 од документот во кој што се зборувало за некакво меѓусебно признавање.

Вчера и Ричард Гренел, специјалниот пратеник на американскиот претседател за Србија и Косово, рече дека точката 10 е отфрлена од договорот потпишан во Вашингтон. Тој изјави дека една од причините зошто тие биле подготвени да не разговараат за тоа во Вашингтон е тоа што точката ќе биде на дневен ред на состанокот во Брисел, каде денес Вучиќ и Хоти повторно ќе се сретнат. „Се обидуваме да го сториме ова заедно со ЕУ,.. Затоа ја исфрливме“, рече Гренел. Ова зборува за координиран настап на САД и ЕУ. А тоа значи уште поголем притисок врз двете страни, а можеби повеќе врз српската, зашто станува збор за меѓусебно признавање. А што ќе му понудат за возврат на Вучиќ не се знае. Американците зборуваат за бизнис, Европа за политика. Заедно, за конечно решавање на косовскиот проблем. Јасно дека е косовски, а не српски. Од едноставна причина што Косово сака да стане членка на меѓународната зедница со сите  нишани. И кај нас политичарите велеа дека „проблемот со името е проблем на Грција“, ама излезе многу поголем за нас. Тоа го видовме кога конечно реално, а не само на хартија и глаголиво, сакавме да станеме дел од евро-атлантските интеграции.

Може ли Вучиќ да ја изневери Русија и да стане втор Мило Ѓукановиќ, или некој бугарски и друг политичар..? Србија сака во ЕУ, а има голема соработка и со НАТО. ЕУ уште пред почетокот на преговорите и стави до знаење дека услов за влез е признавање на Косово. На Вучиќ ќе му биде полесно да оди во Европа без товарот – Косово. А потоа можеби и во НАТО. Историските врски брзо се забораваат, кога во преден план испливуваат националните интереси. Какви историски  врски имаше Црна Гора со Русија, или пак Бугарија, или пак Грузија или Украина...Па кога дојдоа на ред националните интереси историјата отиде во заборав. Така може да биде и со Србија.

Доколку се постигне договор за признавање тој ќе мора да помине и на домашен терен. А потоа да се имплементира. Како што стојат сега работите на Вучиќ ќе му биде полесно, бидејќи ја има целата власт во свои раце. И може да спроведе  и референдум за менување на уставот и прифаќањето на договорот. А потоа Европа и Сад да го остават на раат уште некоја година да ги имплементира договорите. За разлика од него Хоти е во потешка ситуација. Во зависност од содржината на договорите тој може и да падне од власт, па дури да постигне и договор за признавање на Косово од Србија.

Многу работи околу односите  ЕУ, САД, Србија и Косово се очекува дека ќе се разјаснат денес. А што се однесува до ставот и односот на Русија ќе стане јасно од тоа дали Владимир Путин, рускиот претседател, ќе дојде во октомври во Белград. На прославата на 20 октомври - денот на ослободување на Белград од фашистите и на отворањето на храмот Свети Сава во чие завршување голем прилог дадоа Русите.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок