25 Април, 2024
0.0370

„БЕСОТ СОЗДАВА РЕЗУЛТАТИ“ Е ПОГРЕШНА ТЕЗА / „ГЕРМАНИЈА ДОМА“ Е ПРАВЕЦОТ

Објавено во: Колумни 08 Јули, 2022

Добивај вести на Viber

Кога велам „Германија дома“ мислам на изградба на една нова и силна стратегија за трансфер на германските практики и знаење, тука, дома, во македонската економија, па ако милувате и во политиката. Имено, кога пишувам за Германците, не можам, а да не ги спомнам Евреите. Со други зборови, тоа беше дел од мојот изминат пат до сега. Еве ден денес, од тој животен пат, ова го научив, а со намера го пишувам дури по втор пат:

Ако овладееме со своето физичко тело, најмалку 15 проценти од нашата судбината ќе биде во наши раце. Ако овладееме со нашиот ум, 50 проценти од судбината ќе биде во нашите раце. Ако, пак, овладееме со нашата животна енергија, судбината ќе биде 100 проценти во наши раце. Оттука, Македонци, Албанци (и сите останати малцинства), ајде да завладееме со нашиот ум, и да ги правиме правилните работи. Една мудра мисла вели: „мораме да сфатиме дека сѐ додека не ги правиме правилните работи, правилните работи нема да се случат“.

Во продолжение, поставувам едно големо прашање: Кој е одговорен? Или, попрецизно да го формулираме прашањето, вака: Кој е одговорен за состојбата, во која, како општество сме денес?

Прво, што ми доаѓа на мисла е следново – да се биде целосно одговорен е да се биде сосема свесен. Во контекст на ова, се поставува, уште едно прашање:

Што подразбираме под терминот „одговорност“?

Би рекол, терминот „одговорност“ од нас граѓанството е многу погрешно сфатен. Имено, тоа не значи да се прифати вина за нештата што сме ги направили или не сме ги направиле. Тоа, според мене не е состојба на континуирана вина за нешто, туку, свесно да одговориме на ситуацијата - да бараме решенија.

Во некои меѓународни писанија, може да се сретне тезата - одговорноста е слобода. Ова е така, само и само ако, сфатиме дека сите ние, единките на системот, сме одговорни за сите наши потези во текот на секој еден одминат ден. Имено, ако одговорноста ја сфатиме на овој начин, ние вистински ќе ја осознаеме и практикуваме демократијата. На мисла сум, ќе биде напредок за општеството, ако сфатиме дека нашиот надворешен живот не може да биде под наша контрола, и тоа е факт, но од друга страна, пак, ќе сфатиме дека внатрешниот живот е тој, кој секогаш, во 100 проценти го контролираме самите ние. Во спротивно, бесот, најчесто ни предизвикува неинтелегентна реакција и е самоуништувачки, како единки и како заедница, што, потоа, истиот ќе не носи во состојба како денес или во онаа од пред две децении. 

Знам, сега е време, и со право, во кое силно опстојува помеѓу граѓанството, особено кај Македонците, уверувањето дека бесот создава резултати. Имено, за таа цел, потребен е адреналин и еуфорија, кој, се добива како резултат на бес и пркос. Ете го, веќе надвор, го има. Ок. Тоа е легитимно, а може да даде и резултати. Но, од друга страна, а во тој контекст, легендата на револуцијата, Че Гевара, во еден од неговите славни говори, ја кажал следнава реченица: „Ако трепериш од горчина пред секоја неправда ти си мој другар“. Да, тоа е точно, но еден мудрец, пак, во Тел Авив, мене вака ми рече: „Кога сте гневни станувате едно со групата, но кога не сте гневни, Вие станувате едно со универзумот (Читај: Создателот / бесконечната енергија)“. 

Во функција на идните работни средби, летово, може да се каже, за нас како тим, ќе биде „германско“. Имено, во рамките на официјалната посета на германската делегација од Хајделберг и Баден-Виртемберг, од страна на раководството на Државниот дуален универзитет од Манхајм, сите заедно, направивме едно многу важно поглавје на македонската образовна сцена во високото образование. За таа цел, неделите што надоаѓаат, сите заедно, ќе се обидеме да ја презентираме тезата - „Германија дома“.

Имено, со силен трансфер на искуствата и обид да се пресликаат системите, тука, во македонската држава, со особен осврт во делови од сојузните покраини: Баден-Виртемберг, Хесен и Рајнска област – Пфалц, кои, опфаќаат население од 21,3 милиони жители, а најголемата меѓу нив е Баден-Виртемберг со 11 милиони, сакам да ја поткрепам тезата - „Германија дома“. За таа цел, подолу ќе истакнам неколку значајни аспекти поврзани со оваа покраина.

За Баден-Виртемберг, најкарактеристично, покрај другото, е тоа што, покраината е првата во Германија, која го осмислува и имплементира дуалниот систем во високото образование. Со тоа, можам да кажам дека таа е првата држава во глобални рамки, од каде, таквиот модел на дуално образование се зема како пример. Но, она што е уште позначајно од ваквите фантастични образовни реформи е податокот кој се појавува во економијата. Внимавајте, БДП (номинален) на Баден-Виртемберг изнесува близу 480 милијарди евра или во споредба со македонскиот БДП, тој е 44 пати поголем, што се должи на големиот број на производствени капацитети во фармација и здравство, како и дел во автомобилската индустрија. За ова, секако дека најзаслужни се оние кои се создавачи на човечки ресурси - квалификувани работници за соодветните работни места т.е. дуалните средни и високи образовни институции во Баден-Виртемберг. Да, токму тие се основата на развојот во Штутгарт, Манхајм и Хајделберг.

Зошто е важна паралелата со оваа германска покраина?

На прв впечаток, погоре, ако се чита текстот, се добива впечаток дека истиот ги мотивира македонските млади лица, мои студенти и колеги слушатели, засилено да размислуваат во насока на интеграција во германската држава. Што, ако се имаат во предвид условите на домашниот систем, особено сега, во екот на овие „предлозиве“, секако, може да се каже дека тоа е оправдано. Но, од друга страна, пак, ако се погледне подлабоко во анализата, може да се препознае целта на ова писание, а таа е: да го насочиме бесот во поинаков правец, да гледаме поинаку напред. Имено, бесот, само по себе не создава резултати. Тоа е погрешна теза. Бесот, преточен во „Германија дома“ е правецот за напред. Оттука, текстот, има за цел, да поттикне промена, да поттикне НАДЕЖ.

Како велат: „За да постигнеме големи нешта, не треба само да дејствуваме, туку и да сонуваме. Не треба само да планираме, туку и да веруваме.“ Имено, за тоа да се случи, најпрвин, сите ние треба да се свртиме кон себеси. Така, за милиметар ќе почнеме да го менуваме системот на подобро. Сега, се поставува уште едно важно прашање: Што со политиката како главен креатор на системот? За ова, сретнав една мудра мисла од Џорџ Нејтан, кој вели: „Лошите политичари се избрани од добрите граѓани кои не излегуваат на избори.“ На ова, Кин Хабарт би рекол: „Сите би сакале да гласаме за најдобриот човек, но тој никогаш не е кандидат.“

Оттука, сум на мисла дека најдобра политика за нас ќе биде онаа, која, ќе се изгради врз принципите на германската филозофија. За почеток, мораме да се согласиме дека е потребно реформирање на „СЀ“, особено на образованието. Во тие напори, нема да кријам - ДА, јас сум силен поддржувач и промотор на германскиот образовен систем. Не велам дека е најдобар, но е најприменлив и многу потребен кај нас. Имено, ако Германија е наш најголем трговски партнер, а така е, тогаш ајде да го видиме новиот модел на „Хајделебрг високо дуално образование“ со внес на државниот дуален универзитет од Баден-Виртемберг, а во насока на поддршка за нивните намери да направат нешто, тука, во Скопје, а потоа и во Западен (Отворен) Балкан.   

Како? За почеток, тие ќе внесат германски продукти – високообразовни профили, тука, со нивни експерти од германските компании од Баден-Виртемберг и Хесен, преку кои, потоа, ние ќе ги образоваме нашите деца, веднаш после средно училиште (од 18-21 година), или со други зборови, ќе ги закитиме со државни германски дипломи и со три-годишно работно искуство, додека студираат. Со тоа, се прават напори за привлекување на нови компании од Германија, освен државните агенции за таа намена кај нас, една од најважните улоги, сега ќе ја играат и ваквите т.н. мостови на германски образовни институции. Тука, се поставува прашањето: Кој добива? Сите. Прво, младите, потоа државата и економијата. Кој губи? Никој. 

Како е состојбата со миграцијата на младите после зачленувањето на нивните држави во ЕУ?

Одговорте ќе бидат во некаков, ваков облик: после три години од зачленувањето, во Хрватка и Бугарија, се појавува фаза 1, во која, опстојува засилено и интензивно иселување на младите во развиените западно-европски земји, но потоа, кога ЕУ фондовите ќе почнат да пристигнуваат назад, или после третата година од членството, настапува фаза 2, во која, дел од младите се враќаат дома и состојбите почнуваат да се стабилизираат. Исто така, ако зборувате со пријателите од Хрватска, тие ќе ви кажат дека во нивната економија, по разни основи за развој, внесени се десетици милијарди евра, како поддршка од ЕУ, за целиот тек на времетраење, од денот на зачленувањето. Ете, затоа, сум на мисла дека мора да се ослободиме од стегите на минатото, но не по секоја цена. Носталгијата е добра работа за емоцијата на човекот. Но, долгорочната носталгија ни го троши времето, а највеќе ни ги брка децата надвор.

P.S. За идентитетот - кратка носталгија

Во оваа насока, да не бидам погрешно прочитан, сакам да подвлечам дека немам намера да истурам една силна доза носталгија. Практично, кој сум јас? или Кој е мојот идентитет?

Татко ми Ване и дедо ми Цветан, биле комунисти, чесни и скромни Македонци, кои, зборувале, а еве и ден денес, едниот зборува на чист Македонски јазик. Поназад, неговиот татко, на дедо ми, со име Стојко, бил печалбар во САД, а неговиот татко, пак, Софронија бил Илинденец, учесник во Илинденското востание 1903-тата во Крушево, за што е одликуван со значка - брош, кој, денес, ние гордо го чуваме како бесценето наследство. Од ова, може да се заклучи дека заедничко за сите нас (комунисти и илинденци) е тоа што - сите сме се чувствувале како “Македонци” наназад 5 генерации, вклучително со мене. Исто така, сите сме зборувале и зборуваме на Македонски јазик. Еве, ден денес, јас, кога се претставувам пред пријателите во светот, во соседството, во јавните настапи (во медиумите), па дури и во Софија, вака се изразувам. Ова е мојот беграунд. Оттука, ова право на лично изјаснување, за себе како поединец, никој не може да ми го одземе, освен самиот јас.   

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД