28 Март, 2024
0.0252

БЕРЗА: Во првите девет месеци пораснал прометот, а нагоре отишле само цените на акциите на Алкалоид, Комерцијална и НЛБ Банка

Објавено во: Финансии 13 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Во првите девет месеци од годинава пораснал берзанскиот промет, а прометот со акциите во класичното тргување е најголем во периодот од последните пет години. Пораснале само цените на акциите на Алкалоид, Комерцијална и НЛБ Банка, додека сите други отишле надолу.

Вкупниот берзански промет по сите основи од почетокот на годината до 30 септември изнесува околу 113 милиони евра, што претставува зголемување од 24 отсто, наспроти истиот период лани кога изнесуваше 91 милиони евра. 

Ова стои во најновиот извештај на Македонската берза за хартии од вредност, кој се однесува на клучните показатели за првите девет месеци од годинава.  

„Прометот со акции во БЕСТ системот во овој период изнесува околу 78 милиони евра и е за 78 проценти поголем во однос на истиот период 2019 година“, стои во извештајот. 

Анализата повторно, како и во првото полугодие, покажува дека годинава прометот со акции во класичното тргување е најголем во последните пет години. Истиот тренд се забележува и кај просечниот дневен број на трансакции кој во 2020 година изнесува 101, додека просечниот дневен промет во првите девет месеци од 2020 година изнесува околу 27 милиони денари.

Перформансата на индексот МБИ10, што го мери општото ниво на цените на најликвидните десет акции на Македонска берза, по нагласената ценовна корекција во март (-22,47 отсто) и априлската позитивна перформанса (+23,2 отсто), во понатамошниот дел од годината регистрираше извонредно мала осцилаторност, за во септември повторно да се придвижи во нагорна линија (+6,60 отсто) и на 30 септември годинава да изнесува 4.485,18, што претставува доста благ пад од 3,52 отсто на годишно ниво во однос на последната вредност на индексот на крајот на 2019 година.

Анализата на движењата на поединечните акции од актуелниот состав на МБИ10 индексот во деветте месеци од 2020 година покажува дека само кај три акции се забележува пораст, додека кај останатите има надолна корекција на цените. 

Тоа е прикажано во следнава табела. 

Пазарната капитализација на 30.09.2020 година на 100-те котирани компании бележи намалување од 0,11 отсто во однос на 30.09.2019 година, односно намалување од 2,73 проценти во однос на 30.12.2019 година. 

Пазарната капитализација на котираните компании на 30.09.2020 година во однос на бруто домашниот производ изнесува 26 проценти. Овој берзански статистички индикатор ја покажува пазарната вредност на сите котирани компании на одреден ден, односно се добива како производ на бројот на издадени акции на секоја компанија помножен со последната пазарна цена.

Најтргувани хартии од вредност за период 01.01-30.09.2020 година беа акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 32,81 милиони евра, потоа следат акциите издадени од „Алкалоид“ со вкупен промет од околу 15,71 милиони евра и акциите на „Макпетрол“ со вкупен промет од околу 9,01 милиони евра. 

Учеството на прометот остварен во БЕСТ системот на десетте акции во МБИ10 индексот во прометот со акции од класично тргување во БЕСТ системот за период од девет месеци во 2020 година изнесува 93 отсто, што покажува доста голема концентрација на класичното тргување во овие акции.

„Во рамките на регионалниот проект на ЕБОР за изготвување на инвестициски анализи на котирани компании, во кој учествува и Македонска берза, во септември беа објавени иницијалните инвестициски анализи за Комерцијална банка АД Скопје (со препорака Buy) и Алкалоид АД Скопје (со препорака Hold), подготвена од страна на консултантската компанија WOOD & Company. Објавувањето на овие анализи влијаеше на динамизирање на тргувањето со овие акции и нивните ценовни движења“, велат од Берзата во својот извештај.

Во првите девет месеци од 2020 година котираните 100 акционерски друштва преку СЕИ-Нет објавија 1.674 информации во врска со собранија на акционери, одлуки на органите на управување, финансиски извештаи и други ценовно чувствителни информации. Во третиот квартал од 2020 година, котираните компании објавија вкупно 428 објави на СЕИ-Нет.

До крајот на август беа објавени и финансиските резултати на котираните компании за првата половина од 2020 година. Од 100 котирани компании, 64 регистрирале добивка, 33 загуба, додека 3 компании не доставиле финансиски извештај. Вкупната прикажана добивка на котираните компании за периодот I- VI 2020 година е намалена за околу 18 отсто споредено со истиот период лани. 

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

БЕРЗИТЕ ИМАЛЕ ПОДОБРИ ДЕНОВИ: Намалување на индексите на Волстрит, S&P 500 во загуба трет ден по ред

БЕРЗИТЕ ИМАЛЕ ПОДОБРИ ДЕНОВИ: Намалување на индексите на Волстрит, S&P 500 во загуба трет ден по ред

ЗАМИНУВАЊЕТО НА ШЕФОВИТЕ ПОЗИТИВЕН СИГНАЛ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ - Акциите на Боинг растат по промената на раководството на компанијата

ЗАМИНУВАЊЕТО НА ШЕФОВИТЕ ПОЗИТИВЕН СИГНАЛ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ - Акциите на Боинг растат по промената на раководството на компанијата

СЕ ОГЛАСИ КОМЕРЦИЈАЛНА ПО ПРОДАЖБАТА НА ИМОТОТ НА ЕУРОНИКЕЛ - остануваме посветени да се наплатат доверителите и вработените, должниците веднаш да си ги платат обврските

СЕ ОГЛАСИ КОМЕРЦИЈАЛНА ПО ПРОДАЖБАТА НА ИМОТОТ НА ЕУРОНИКЕЛ - остануваме посветени да се наплатат доверителите и вработените, должниците веднаш да си ги платат обврските

Доларот зајакна по најавата за намалување на каматните стапки

Доларот зајакна по најавата за намалување на каматните стапки

ПОМАЛИ ТРОШОЦИ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНИ ТРАНСАКЦИИ СО ПРИСТАП КОН СЕПА - со законски измени до побрз пристап

ПОМАЛИ ТРОШОЦИ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНИ ТРАНСАКЦИИ СО ПРИСТАП КОН СЕПА - со законски измени до побрз пристап

КИНЕСКОТО ЧУДОВИШТЕ ЗА ОНЛАЈН ШОПИНГ СТАНУВА СЕ ПОГОЛЕМО:„Амазон е на стероиди!“

КИНЕСКОТО ЧУДОВИШТЕ ЗА ОНЛАЈН ШОПИНГ СТАНУВА СЕ ПОГОЛЕМО:„Амазон е на стероиди!“

КОЈ ПЛАТИ 753 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА АКЦИИ НА СТОПАНСКА БИТОЛА ВО ЕДЕН ДЕН - има ли ова поврзаност со најавеното припојување кон Комерцијална банка

КОЈ ПЛАТИ 753 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА АКЦИИ НА СТОПАНСКА БИТОЛА ВО ЕДЕН ДЕН - има ли ова поврзаност со најавеното припојување кон Комерцијална банка

НИСКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ НАПРАВИЈА НЕВИДЕНИ ШТЕТИ: Премрзнаа овошните дрвца во Росоман

НИСКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ НАПРАВИЈА НЕВИДЕНИ ШТЕТИ: Премрзнаа овошните дрвца во Росоман

НАФТЕН ГИГАНТ ПРОДАВА НАД ИЛЈАДА ПУМПИ ШИРУМ СВЕТОТ: Еве што се крие зад одлуката на „Шел“

НАФТЕН ГИГАНТ ПРОДАВА НАД ИЛЈАДА ПУМПИ ШИРУМ СВЕТОТ: Еве што се крие зад одлуката на „Шел“