Бебе почина во прифатниот центар за бегалци и мигранти на Лезбос
Објавено во: Балкан 17 Ноември, 2019
Бебе од Конго почина во прифатниот центар за бегалци и мигранти на грчкиот остров Лезбос.
Во кампот било заедно со родителите.
Од „Лекари без граници“ на нивниот официјален „Твитер“ профил доцна синоќа објавија дека пред неколку дена, деветмесечно бебе починало од дехидрација во прифатниот центар за бегалци и мигранти Мориа на грчкиот остров Лезбос, јави дописничката на МИА од Атина.
За смртта добиле потврда од локалната болница од островот, а потврда денес има и од Центарот за прием и идентификација во Мориа за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Во неделата вечерта на 10 ноември, бебето било пренесено кај дежурниот лекар во прифатниот центар кој дијагностицирал симптоми на дехидрација, веројатно од патолошки причини, а на пат кон болницата починало, каде што само е констатирана смрт.