24 Април, 2024
0.3890

Балканот да учи од Далечниот Исток

Објавено во: Колумни 18 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Додека, во екот на најголемата светска пандемија, предизвикана од Ковид-19, јапонскиот логистички гигант, корпорацијата „Ханкју Ханшин експрес глобал“, донел одлука за воспоставување на редовен товарен сообраќај преку Трансибирската железница кон Европа, ние на брдовитиот Балкан, сме се уште, закопани во историското траорно минато, како ној со главата в песок.

Руско-јапонско сојузништво за обединување на Евроазија!

Ползувањето на оваа маршрута, ќе го скрати двојно патот од јапонските острови до Европа, кој досега се одвивал преку Суецкиот канал (во Египет), и ќе го зголеми двојно профитот на компанијата, но најважно од се е, дека ќе отвори нов импулс во целокупната светска економија, но ќе воспостави и нови геополитички сојузи, најверојатно. Имено, Јапонија како западна земја ( по своето политичко и економско уредување), инаку нормално, географски најисточна, природно ќе се поврзе со својот најмоќен источен сосед Русија, во една взаемна економско-стопанска корист. Трансибирската железница, ќе биде најкраткиот пат за јапонските стоки до Европа, т.е до првата станица на ЕУ ( Полска). Оттука стоката ќе биде растурана и низ другите држави на европскиот континент. Во својата анализа „ Геополитика њуз“, ја поставува и опцијата на целосно економско и трговско поврзување на целиот евроазиски мега континент од Лисабон на Атлантскиот океан до Владивосток на Тихиот. Овој „коперникански“ пресврт во рутата на јапонскиот фирмен гигант, може да значи и целосно превртување за 180 степени, на сојузништвото и соперништвото помеѓу најголемите светски економии ( САД, Кина, Русија, ЕУ, Јапонија). Интересно, Русија и Јапонија се историски сопернички. Во Втората светска војна, беа на спротивната страна, имаат сериозен спор околу Курилските острови, и меѓусебна нетрпеливост. Но сето тоа, не претставува пречка за интензивирање на овој мега проект, кој ќе ја заживее економијата пред се низ зафрлените руски степи, и ќе биде од огромна корист за подигнување на стандардот на тамошните жители на руската федерација. Всушност, економска корист ќе имаат сите без исклучок, зијан, речиси никој ( освен Египет).

Балканскиот инает, суета и простотилук ќе не убие!

Дали ние можеме да земеме некаков пример од ова руско-јапонско економско и стопанско поврзување и подигнување на БДП-то на двете моќни економии, тука на овој проклет Балкан, или и понатаму и во трите децении во иднина, како изминативе три, ќе го свртуваме вниманието во минатото, карајќи се за историските личности и настани, притоа скратувајќи ја иднината на генерациите кои живеат во сегашноста?! Замислете само, доколку целокупната енергија на политичките елити на балканските земји, без исклучок, во овие три десетилетија, беа насочени само и само кон економско-стопанскиот, инфраструктурно-инвестицискиот и технолошко-техничкиот развој, каде ќе бевме ние денеска, преостанатите жители на (западно)балканските држави? Наместо министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева да биде опседната со ликот и делото на неприкосновениот југословенски маршал Тито, да дадеше усилија, да се излобираат пари од ЕУ, преку фондовите за регионален развој и инфраструктура и да се добиеше финансиска инјекција за отпочнување на реализација на Коридорот 8 ( железничко и автопатско поврзување меѓу Софија и Скопје), таа дава критики кон нашата влада дека не преземала ништо на овој план. Дека е глупава, Катето, воопшто не е, дека е наивна, или пак недоветна, ни под разно. Напротив, многу е свесна, интелигентна и информирана дека не само македонската, туку и бугарската држава и влада нема никакви финансиски можности за реализација на овој мегапроект кој би чинел милијарди евра, а сепак тоа го става на „душа и на товар“ на нашата држава. Да не испадне, спротивното, дека свесно бугарските власти  и политички елити во овие три децении работеа на застој на тој толку зборуван и фамозен Коридор 8, а вината вперувајќи го прстот, денеска ја бараат во нас.

Што би било, кога би било?! 

Замислете, колку економски бенефит, колку пари во евра, колку проток на луѓе, но пред се капитал и стока, е спречен, т.е не е реализиран поради катастрофалната инфраструктурна поврзаност на двете земји. Замислете, каква трговија би имало на еден коридор од Бургас на Црното Море до Драч на Јадранското, во една економско-стопанска зона неоптоварена од непотребни застои со перфектна инфраструктурна поврзаност. Но пред се, неоптоварена од „историски застои“. И наместо, да ни „светне сијаличката“, дека минатото не може ниту да го вратиме, ниту да го измениме, но иднината и тоа како може да ја проектираме и да ја траекторираме, по примерот на Јапонија и Русија, кои како нас, и тие беа на спротивната страна на војната во ВСВ, ние до балчак ги заоструваме и проблематизираме односите, да и тие економско-стопански односи  кои до денеска постоеле, и тие културни и туристички врски пред се кои постоеле меѓу луѓето, и тие да бидат раскинати, или намалени до непрепознатливост. Ете во жестокоста на „дипломатските пресметки“, и подигнувањето на летвата на омразата, мој другар, пасиониран љубител на ски-спортови, кој секоја година зимува во Банско, отворено најавува „дека не им оди на Татарите, повеќе“. Сигурно и голем број на Бугари кои доаѓале на шопинг во пограничните македонски градови, или пак оделе на посета на „најскапоцениот духовен храм за нив- бугарскиот Ерусалим“, градот Охрид и Охридското езеро, од балкански инает и суета, повеќе нема да одат. И што тоа направивме? Ништо, освен што и тоа малку што нормално функционираше, и тоа ќе го упропастиме. За почеток, да учиме од Јапонците и Русите. Ако може нешто да научиме.

Благојче Атанасовски -  политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок