19 Март, 2024
0.0264

Бајден со стап и морков кон Москва

Објавено во: Колумни 19 Април, 2021

Добивај вести на Viber

На 13 април американскиот претседател Џо Бајден му поѕвони на неговиот руски колега Владимир Путин. Од она што беше соопштено од разговорот главно беше дека Бајден му предложил на Путин да се сретнат летово на неутрален терен. Што му се случи на Бајден? Пред извесно  време во едно интервју тој на прашањето од новинарот потврди дека Путин е „убиец“. А сега му ѕвони и бара средба.

Еден куп експерти веднаш почнаа да коментираат и да анализираат. Демек еве Бајден  сака да го ублажи односот кон Путин, после изјавата дека е „убиец“, па дека Бајден е загрижен за развојот на настаните во и околу Украина, дека се „уплашил“, па сака да купи време или да спречи влегување на руски трупи во таа земја. Згора на тоа два брода на американската морнарица кои се упатија кон Црно море беа вратени назад, што во Русија се толкуваше како знак на добра воља, да не се заострува состојбата таму, а во САД и на Запад како „кукавичлук“ на американскиот претседател и предавство на Украина.

Но работите не застанаа на тоа. Во минатиот четврток Белиот дом соопшти дека е воведена вонредна состојба во сферата на национална безбедност поврзана со активности на Руската федерација. Декретот е потпишан од Бајден. Врз основа на него САД воведоа санкции против Русија. Тие се однесуваа на 32 физички лица и организации. Санкциите им забрануваат на американски финансиски компании после 14 јуни да купуваат руски облигации. Освен тоа Вашингтон протера  10 дипломати. Наводно Русите се мешале во последните претседателски избори и  имале кибер напади врз една американска компанија, преку која влегле во илјадници мрежи на државни и приватни компании.

Потезите на американскиот претседател им ги измешаа работите и погледите на експертите. Прво „убиец“, па коментари и анализи. Па по некое време телефонски повик, покана за средба  и знак за аналитичарите дека станува збор за прв чекор кон подобрување на односите. Но неочекувано нови санкции! Што да се каже? Топло – ладно. Одење со стап и морков кон Москва.

ДИЈАЛОГ ЗА СТРАТЕШКА СТАБИЛНОСТ

Руското министерство за надворешни работи не остана должно и одговорот стигна. Протерани се 10 дипломати, на американскиот амбасадор, Џон Саливен, му е препорачано да замине дома на консултации, што во најмала рака значи протерување. На територијата на Русија престанува работата на американски фондови и невладини организации, кои што се под контрола на Стејт департментот или на други државни американски структури. Воведени се и други санкции, меѓу кои забрана за работа на руски и државјани од трети земји во дипломатските претставништва на САД во Русија. Забрана за влез во Русија на официјални лица од САД. Во министерството нагласија дека Москва може да изучи и други опции, вклучувајќи економски, доколку САД продолжат да се придржуваат кон политиката на санкции. Истовремено се додава дека Русија сака да избегне натамошен раст на напнатоста во односите со САД и е отворена за дијалог. Но, додаваат дека „реалноста е таква што  од Вашингтон слушаме едно, а во практиката гледаме сосема друго. Не треба да има сомневање. Ниту еден санкционен бран нема да остане неказнет“.

По воведувањето на санкциите кон Русија Џо Бајден во Белиот дом се сретна со новинарите и даде изјава. Кажа за разговорот со Путин, за односите меѓу двете држави, дека бил отворен и со почит. И нагласи дека тие двајца претставуваат две големи држави кои имаат голема одговорност за глобалната стабилност и дека заедно со Путин, двајцата, имаат одговорност  односите да бидат во работна состојба. „Ние сакаме стабилни и предвидливи односи. Но ако Русија продолжи да се меша во нашата демократија, јас сум подготвен да преземам нови чекори“., рече Бајден. Потврдувајќи дека го покани Путин на средба летово, некаде во Европа, тој нагласи дека може да се разговара за цел круг прашања. Тимови од двете земји веќе работат врз нив. Како резултат од тој самит Бајден очекува САД и Русија да почнат дијалог за стратешка стабилност. Целта е соработка во интерес на контролата над вооружувањето и во интерес на безбедноста. Може да се соработува и за предизвици со кои се соочуваат двете земји, па Бајден ги посочи наводните нуклеарни закани од Иран и Северна Кореја и завршување на сегашната пандемија и борба со заканите од промената на климата. Бајден се надева дека двајцата можат да изработат modusvivendi, а најважно е да се разговара директно и да се одржува врска.

ГОРЧЛИВА ПИЛУЛА ЗА ПУТИН

Рускиот претседател Владимир Путин засега не се изјаснил ништо ни за разговорот со Бајден, ни за санкциите и образложението на Бајден за нив. Повеќе зборува неговиот портпарол. Димитриј Песков, вчера,на пример изјави дека средбата на Путин и Бајден може да биде во некоја европска земја, но дека е предвремено да се зборува за конкретно место и време.  Од друга страна помошникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливен, рече дека средба ќе има доколку постојат соодветни услови. Тој не кажа кои се тие услови. Засега планови за неа нема. Но додаде дека „самитот треба да се одржи за да се унапредат односите меѓу двете земји“. Според CNN Саливен рекол:„ Јас нема да зборувам за хипотетички прашања во однос на тоа, каде, веројатно, ќе се одржи тој самит и дали воопшто ќе се одржи“. По ова може да се заклучи дека подготовките на самитот не одат баш лесно, особено кога има сомнежи „дали воопшто ќе се одржи“.

Може ли Путин да ги прифати санкциите, како ништо да не било, и да се отвори нова страница во односите? Во моментов одговорот е тежок. Експертот Татјана Становаја напиша:„ Бајден се обиде да го надитри Путин. Знаејќи дека последниов многу сака да се сретнат и да позборуваат од душа за судбината на светот, американскиот лидер реши да предложи да реши двостстрана средба, но претходно нагло го зголеми влогот за таа средба со пакетот жестоки санкции. За Путин тоа е горчлива пилула. Како што се вели ем му иска , ем му стиска. Денешниот коментар на Песков на тој план е многу интересен: „средба не може да има во наредните недели“. Но никој и не зборуваше за наредните недели (Псаки(портпаролката на Бајден) зборуваше за неколку месеци, ориентационо на лето). Односно, чекаме и мислиме(во Кремљ), истовремено праќаме сигнали, дека средбата може да биде откажана, ако има многу голем притисок“.

САМИТ ЗА КЛИМАТА

Едуард Лозански е уверен дека причините за новите санкции од САД, наводното мешање во претседателските избори во 2020 година и кибер нападите се доста условни и не биле вистински докажани. И сега не е јасно што ќе биде со средбата на лидерите. Згора на тоа Бајден го покани Путин и на самитот за климата што ќе се одржи на 22 и на 23 април. И тука учеството на Путин е под знак прашање смета Лозански.

 Колку и да му ласка поканата од Бајден, Путин уште некој ден ќе размислува за неа. А што ако Бајден воведе нови санкции кон Русија. Зашто како што тргнал тоа не може да се исклучи. Во Русија знаат дека Бајден има многу проблеми дома и многу политичари, а и Бајден, за да го оттргнат вниманието од внатрешните проблеми се зафаќаат со надворешни работи. Веројатно Путин размислува и за ова. А и не сака да биде ставен во улога на земја на која САД ќе и нудат стап или морков. Каде е тогаш силната Русија и моќниот Путин? 

Во поглед на санкциите Русија освен одговорот на нивното МНР, тешко може да понуди нешто друго, а да не си нанесе самата штета. Неа и требаат технологии, опрема, машини.  Додека на Запад, конкретно во САД, можат да подготват и нови санкции. Деновиве пранкерите Вован и Лексус тоа го потврдија. Тоа се луѓето со кои „соработуваше“ нашиот премиер подолго време. Деновиве тие, претставувајќи се како францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дриан и потпретседателот на ПССЕ, Александар Мережко дознаа информација од американскиот сенатор Бен Кардим, дека САД во догледна иднина имаат намера да нанесат сериозен удар врз најблиското опкружување на претседателот Путин. Олигарсите околу него, кои во САД ги нарекуваат „спонзори“ на режимот, и тоа во соработка со европски колеги. Така што Путин ќе има уште една тема за разговор со Бајден, доколку дојде до средба.

СО КИБЕР ШПИОНАЖА СЕ ЗАНИМАВААТ СИТЕ

Јан Бремер, основач на „Евроазија груп“ во едно интервју деновиве нагласи дека најважно во моментов е дали Русите ќе сакаат да учествуваат во самитот за климата по повод Денот на планетата Земја, а под капата на администрацијата на Бајден. За Бремер ова е најголем дипломатски маневар, но Русите досега никако не одговориле на директната покана. И на тоа треба да се посвети огромно внимание. Бремер за наводниот кибер напад на компанијата „Соларвиндс“ вели дека не им е угодно за економските санкции за него. „Ние, не заборавајте, САД ги имаат исто таквите кибер можности, што ги има и Русија, и ние со нив се користиме. И ние исто така се занимаваме со шпионажа – и тоа постојано. Се разбира на Русите не им треба тоа да го прават, но реалноста е таква, дека со тоа се занимаваат сите. Русите не нападнаа на стратешката инфраструктура на територијата на САД, како во Украина со вирусот „Нот Петја“ – тоа е црвената линија, која не треба да се наруши“, вели Бремер, додавајќи дека на тоа не треба да му се дава некое големо значење.

Во односите на САД со Русија и сегашната ситуација посебни теми за кои би требало да зборуваат Бајден и Путин секако, покрај Иран и Северна Кореја се и Кина, Украина...Некои сметаат и ситуацијата со Алексеј Наваљни. Но САД тука само предупредуваат на последици во случај тој да умре. Наваљни не е дел од разговорот за стратешките односи.

Многу работи ќе се разјаснат на 21 април. Тој ден Владимир Путин ќе има обраќање пред Федералното собрание. Сигурно ќе зборува за внатрешно политички теми, но не би се одлучил да ги игнорира внатрешните. Можеби тој ден и ќе се озвучи одлуката на Русија дали ќе учествува на самитот за климата или ќе го игнорира.  Би му направила отстапка на Бајден доколку се согласи. Се’ ќе зависи од тоа, како и колку Путин оценил дека сегашните санкции оставаат простор за дипломатијата. Особено имајќи предвид дека САД, со новата администрација, играат нова игра во односите со „противниците“. Тоа беше случај и во Аљаска на средбата меѓу високи претставници на САД и Кина, кога политичарите се надвикуваа пред новинарите. Можеби тоа е новата „Реалполитик“.

За крај, мешањето на Македонија, односно министерот за надворешни работи на Северна Македонија во спорот на САД со Русија. Некои членки на ЕУ, претежно поранешни членки на Варшавскиот пакт не дочекаа САД да ги донесат санкциите и истиот ден или дадоа изјави или протераа, а и протеруваат руски дипломати. Наводно за нарушување на безбедноста на САД. Демек рускиот кибер напад влијаел и врз безбедноста на ЕУ!. Погоре го цитирав Јан Бремер за тој кибер напад. Нашиот Османи, да не биди покусур од другите, иако не сме членка на ЕУ, на неговиот Твитер напиша дека и Македонија се приклучува кон санкциите за Русија, солидаризирајќи се со санкциите на САД. Да не се подготвува и протерување на некој руски дипломат? Не е виновен тој. Неговиот премиер кога стануваше збор за вакцините, не сакаше да помисли да земе руски вакцини. Со образложение, парафразирам: Ние сме ЕУ и НАТО. За потоа да си ја свитка опашката и да бара руски вакцини. Османи доби соодветен одговор од руската амбасада.

За неполн месец ова втора реакција на Русија кон Македонија. На почетокот на април руското МНР реагираше на приклучувањето на Македонија и Црна Гора кон санкциите од ЕУ кон Русија за „случајот“ Наваљни. Портпаролот Марија Захарова ги обвини за русофобство и механичко поддржување на чекори во чија разработка тие не учествувале.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?