28 Март, 2024
0.0243

Бајден го атакува Путин!

Објавено во: Колумни 22 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Американската тешка „артилерија“ се јави. Како и што најавивме пред некоја недела на овие страници, пишувајќи за обраќањето на рускиот претседател Владимир Путин на сесијата на т.н  Davos Agenda кон крајот на јануари,  дека „останува наредниов период да се јават Американците со своите ставови и погледи“, така и бидна.  

Претседателот на САД Џо Бајден веднаш по виртуелниот Самит на Г-7, во петокот, речиси со истите учесници се обрати на он-лајн сесијата на Минхенската конференција за безбедност и соработка. Ако се занемари неговата средба со вработените  и речта во Стејт департментот пред десетина дена, ова беше негово прво  обраќање на меѓународен настан со обраќање на надворешно политички теми. И со директен напад врз Путин, А потоа и врз Русија. Недипломатски, но тоа е дел од најавуваната американска политика кон Русија. Русија сигурно нема да остане должна.

Сесијата во Давос траеше од 25 до 29 јануари, а покрај Путин на неа се обратија и многу други лидери. На пример, канцеларката Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, премиерите на Италија, Индија, Израел и Јапонија, кинескиот претседател Ши Џинпин, а крајот беше резервиран за Бил Гејтс. Сесијата на Минхенската конференција во петокот беше посветена на американско европската соработка.

Отсуството на руски претставник на оваа сесија на конференцијата во Минхен и некои искажувања на неа беа повод за реакција на МНР на Русија. Во реакцијата се вели :“ Со оглед на најавената агенда меѓу точките кои се на неа а се глобални теми, како „актуелни теми од светскиот развој“, „проблеми од промената на климата“ и „борба со пандемијата од коронавирусната инфекција“,  составот на учесниците, во најмала рака, делува збунувачки.  Во суштина проблемите што стојат пред целото човештво се планира да се разгледаат во „стеснет формат“.

ДЕМОКРАТСКИ ВРЕДНОСТИ

Организаторите за дискусија ги поканиле раководствата на САД на ЕУ, а исто така и генералниот секретар на ОН и генералниот директор на СЗО. Не стана збор за привлекување за учество и други земји, вклучувајќи ги Русија и Кина. Напротив тие во дискусијата се разгледуваа како закани и соперници со кои треба да се бори“. Оттука и констатацијата за зацврстениот стремеж на западните партнери во последните години, проблемите да се решаваат во тесен круг, протежирајќи решенија кои им одговараат ним, а кои подоцна на другите членки од меѓународната заедница ќе им бидат наметнувани низ призмата на „светски поредок заснован на правила“. И повик за ваквите теми да се соработува во ОН.

Што кажа Бајден? Прво дека САД тесно ќе соработуваат со сите партнери од ЕУ и земјите од континентот, од Рим до Рига. Потоа дека САД имаат стратешка цел, а тоа е американско воспоставување на непоколебливи предности на Америка, „за да можеме да одговориме на денешните предизвици од позиција на сила“.  Според Бајден: „Тоа значи зајакнување на нашите економски основи, враќање на нашата улога во меѓународните институции, подигнување на нашите вредности дома и застапување за нив низ целиот свет, модернизирање на нашите воени можности при истовремено водење на дипломатијата, оживување на американската мрежа на сојузи и партнерства што го прават светот побезбеден за сите луѓе.

Американскиот претседател многу смета на демократските вредности. Вредности кои се изградени врз основа на визијата за иднината , каде што секој глас е важен, каде што правата на сите се заштитени и се почитува владеењето на правото. Нагласувајќи дека во многу земји и во Европа и во САД демократскиот прогрес е под закана, Бајден рече дека работат врз стратешка концепција за во целост да се постигнат демократските вредности. „За нас настана преломниот момент меѓу оние кои тврдат дека на фонот на сите проблеми со кои се судираме  - од четвртата индустриска револуција до глобалната пандемија, дека автократијата е подобар пат за развој и оние кои разбираат дека е неопходна демократија за решавање на тие проблеми“, рече Бајден.

КОРУМПИРАН СИСТЕМ

Веројатно возбуден од излагањето тој ја претскажа и иднината! Па рече дека : „ Историчарите ќе го изучуваат ова време и ќе пишуваат за него како преломен момент. И јас верувам дека демократија ќе има и таа ќе триумфира. Треба да покажеме дека демократијата се’ уште може да му донесе полза на нашиот народ во овој изменет свет. Во тоа, според мене, е и нашата мобилизирачка улога“. И ова беше вовед во тирадата проти Русија и Путин.

Таа мобилизирачка улога и триумфот на демократијата, вели Бајден, се однесува и на тоа како „ние може да  се спротивставиме на заканата од страна на Русија. Кремљ ги напаѓа нашите демократии и ја користи корупцијата како инструмент за да се обиде да го поткопа нашиот систем на управување. Руските власти сакаат луѓето да мислат дека нашиот систем е покорумпиран или дека е корумпиран исто како нив. Но светот знае дека тоа не е така, вклучувајќи ги и Русите – граѓаните на самата Русија. Путин се стреми да го ослаби европскиот проект и НАТО. „Тој сака да го поткопа трансатлантското единство и нашата решителност, бидејќи на Кремљ полесно му е да застрашува и да се заканува на одделни држави, отколку да води преговори со силна и тесно сплотена трансатлантска заедница“, вели Бајден. 

Па затоа одбраната на суверенитетот и територијалната целосност на Украина е животно важна за Европа и САД. Според Бајден, Русија смета дека се’ и е дозволено, па затоа борбата со тоа и нејзините хакерски напади на компјутерските мрежи во САД, во Европа и во цел свет е критично важна  за заштита на колективната безбедност.

По тирадата против Русија Бајден кажа и сектори каде што може да се соработува. Се разбира онаму каде што САД имаат интерес. Во прв ред пандемијата со коронавирус. Потоа соработката околу климатските промени. Притоа тој ја повтори најавата дека на 22 април, Денот на планетата земја, ќе организира Самит на лидерите на земјите за решавање на климатските промени.

НОВА ПОЛИТИКА

Ќе бидат ли Кина и Русија, кои се високо на скалата на загадувачи, поканети на самитот засега не е јасно. Тој се пофали за продолжувањето на Договорот СТАРТ3 со Русија уште на пет години. И најави дека САД ќе се вратат на Договорот со Иран. Исто така најави и борба со терористичките групи кои сакаат да дојдат до радиоактивни материјали.

Настапот на Бајден може да се окарактеризира како почеток на спроведување на новата политика кон Русија, а која во изминативе месеци беше повеќе пати споменувана и од него и од неговите соработници. Американците во иднина ќе го атакуваат Путин, Кремљ, а ќе даваат поддршка на опозицијата и нема да ги напаѓаат Русите. Тоа е новата стратегија. Демек ние не сме против рускиот народ, туку против неговите лидери и нивната околина, односно Путин и неговата околина. Нормално на Путин ова му е јасно и сигурно соодветно ќе одговори на овој нов американски приод кон Русија.

Одделни московски коментатори осврнувајќи се на обраќањето на Бајден, особено личната атака врз  Путин го сметаат тоа за нешто невидено, дури и во времето на Студената војна.  Тие сметаат дека Бајден ја поминал црвената линија  и таа ситуација ќе го стави прашањето за доверба меѓу двете земји на најниско ниво. Во таква ситуација, експертите сметаат дека не може да се зборува за заеднички активности, затоа што кога се преоѓа на личности, тоа значи дека Бајден не го прифаќа Путин како партнер во преговорите. Со други зборови Бајден го третира Путин како Ким Џонг Ун, лидерот на Северна Кореја, на пример. А тоа значи дека преговорите меѓу САД и Русија ќе се водат на пониско ниво, а Бајден и Путин нема да се сретнат за целиот мандат на американскиот претседател!

Некои експерти сметаат дека на Американците им е најважно да распалат антируски расположенија и да ги доведат до точка на вриење, а потоа малку да се тргнат настрана, за кон тоа прашање да се приклучат нивните европски сојузници. Дури и повеќе од ова, САД имаат намера да се оддалечат од директните американско-руските конфронтациони модели и да ги активираат земјите од постсоветското пространство, како што се Украина, Грузија, средноазиските републики. Вашингтон ќе ја одвраќа Москва по периметарот на нејзините соседи.

ПРОПАГАНДИСТИЧКА РЕТОРИКА

Од обраќањето во Давос може да се заклучи дека на Путин му било јасно што го очекува во соработката со САД и пред да го чуе Бајден. Иако конкретно не ги споменува тој истакна :„ Ние веќе гледаме, чувствуваме, дека степенот на надворешно политичката пропагандистичка реторика расте. Може да се очекува дека поагресивен ќе стане и карактерот на практични дејства, вклучувајќи притисок врз оние земји кои не се согласуваат со улогата на послушници- сателити, користење на трговски бариери, ограничување на финансиската, технолошката и информационата сфера“. Американското враќање во лидери на голема врата, кое поодамна го најави Бајден за Путин е само минато. „Очигледно дека епохата поврзана со обидите да се изгради централизиран, еднополарен светски поредок заврши. Всушност, таа и не почна. Беше преземен само обид во таа насока. Но и тоа веќе помина. Таквиот монопол според својата природа противречи на културната, историската разноликост на нашата цивилизација“, вели Путин.

Во вакви услови како би се развивале односите меѓу САД и Русија? Кавгата ќе биде околу Украина и таму може да дојде до вжештување на работите и до нови воени дејства. Бајден во Минхен не го спомна гасоводот „Северен поток 2“, бидејќи знае дека канцеларката Ангела Меркел имаше кавги со Доналд Трамп околу тој проект. Бајден сега ќе сака да најде некое решение, ем да ја задоволи Германија, ем да и наштети на Русија. Постои ли такво нешто?

Што се однесува до киберкриминалот, кој го спомна Бајден и загриженоста на САД, едно да е јасно. Во светот се води специјална војна, чии манифестации се дезинформациите, пропагандата...Атакуваат едни на други и од запад и од исток. Од Северна Кореја, па се до САД, преку Кина, Русија, Европа, Велика Британија. Специјални подразаделенија само напаѓаат. Некои признаваат дека се нападнати, а други молчат и покрај штетата што им е нанесена. Трамп своевремено се пофали за еден таков напад врз Русија и огромната штета што и ја направиле. Путин на 25 септември лани предложи, а САД избегнуваат преговори и договор за регулирање на киберкриминалот. Имаат различни приоди кон тоа прашање. Но како одат работиве, се чини ЕУ ќе биде првата која ќе ги натера да седнат и да се постигне сеопфатен договор.

НЕМА ДА БИДЕ ДОСАДНО

Конечно можни се тешки преговори за постигнување на некои нови договори околу оружјето. Продолжувањето на Договорот СТАРТ-3 е добра основа да се тргне во таа насока. Но само основа, бидејќи не се сега во прашање само САД и Русија. Тука се и Кина,  Велика Британија и Франција. Има развој на нови видови оружја. Вселената се повеќе се споменува како идно воено поле!

Како тргнале работиве во светов нема да му биде досадно никому. Ако не им е досадно на големите уште помалку ќе им биде на малите. Овде не напишавме за делот од обраќањето на Бајден во кој се споменува Кина, па и за други теми, за Европа на пример, која тој се обиде во Минхен да ја утеши и да ја охрабри пред опасностите од исток. Или за реалистичниот и резервиран тон во излагањата на Меркел и Емануел Макрон, наспроти Бајден. Тие не можат да го заборават изливот на американска демократија во Вашингтон на 6 јануари. А потоа и медиумските блокади на Трамп.

Европа си имаше доста проблеми со Америка, со Трамп, изминатите четири години за да може сега наеднаш тоа да го заборави. Така што желбите и најавите на Бајден се едно, а фактичката состојба во Европа се сосема друго.  А Русија? Таа е директен сосед на Европа. Европјаните поинаку ги чувствуваат проблемите во соработката со Русите, отколку Американците кои се далек од таа страна на Атлантикот. И за Европјаните, можеби не за сите, Путин е адресата на која се обраќаат, за разлика од Бајден. Можеби причина за тоа е она што своевремено го кажа Путин, кога Бајден му рекол дека „не гледа душа во неговите очи“, тој му одговорил:„Ние добро се познаваме“.

Мирче Адамчевски  


Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?