29 Март, 2024
0.0249

Бајден ги вознемирува Украинците!

Објавено во: Колумни 13 Јуни, 2022

Добивај вести на Viber

Една изјава на американскиот претседател Џо Бајден дадена минатата недела ја вознемири Украина. На удар беше претседателот Владимир Зеленски. Демек не ги слушал предупредувањата од Бајден за руската инвазија. До денес Зеленски не се јави со одговор или коментар на зборовите од американскиот претседател, иако секој ден се обраќа до јавноста, но затоа тоа го направија неколку негови соработници.

Што лошо рече Бајден? Станува збор за постојаните најави на Американците и на Британците, уште од есента лани, дека еве, еве, утре или за некој ден Русија ќе влезе во Украина. И така со месеци. Сето тоа предизвикуваше чудење во јавноста, не само украинска. Инвеститори почнаа да ја одбегнуваат земјата, Украинците реагираа. Велеа дека со таквите изјави е направена штета од милијарди долари. И не само тоа, со таквите изјави се внесуваше и немир во јавноста. Напразни беа повиците на официјалните претставници на Украина да се престане со таквите изјави, кои шират паника меѓу населението, кое веќе почна да ги напушта градовите. А САД и Британија, како да му се обраќаа на Путин, а не на Украина. Во смисла, „знаеме дека ќе нападнеш“.

Особено по отфрлањето на рускиот „ултиматум“ до САД и до НАТО за преуредување на безбедносната архитектура. Конкретно за невлегување на Украина во НАТО, за повлекување на натовската инфраструктура и војска од државите членки после 1979 година...И САД и НАТО ги отфрлија руските предлози. На прашањето што ќе преземе Русија, ако САД и НАТО ги отфрлат нивните предлози, одговорот на Русија тогаш беше дека ќе бидат преземени воено-технички мерки. Што се криеше зад изразот„воено-технички мерки“, сигурно претпоставуваа на Западот, дотолку повеќе што таму зад кулиси веќе се подготвуваа за руска инвазија на Украина. И ја дочекаа подготвени.

НЕИЗБЕЖНА ИНВАЗИЈА

Џо Бајден на еден собир во Лос Анџелес изјави дека и Зеленски, како и други лидери не ги сфаќале сериозно американските предупредувања за неизбежноста на руската инвазија. Напротив многу од нив не сакале да слушнат за такво нешто. Според Бајден:„Многумина мислеа дека јас можеби преувеличувам. Но јас знаев, ги имавме сите податоци, кои потврдуваа дека Путин се подготвува да ја пресече границата. Во тоа немаше никакви сомневања. И Зеленски не сакаше тоа да го слуша, како и многумина други“.Во суштина ова е и обвинување на Зеленски, дека недоволно ја подготвил Украина за инвазијата од Русија. И покрај неколкугодишните обуки на нејзината војска според западни стандардии испорачаното оружје.

Сето ова ги вознемири Украинците, особено оние од околината на претседателот Зеленски. За што се работи? Да не решил Бајден да го пушта по вода претседателот? Или не е задоволен од него.Тоа е она што на прв поглед би се заклучило по изјавите на Бајден. А Украинциве ем гинат, ем виновни за тоа! Од канцеларијата на претседателот Зеленски му одговорија на Бајден.  Портпаролот на Зеленски, Сергеј Никифоров, на новинарите им рече дека претседателот барал превентивни санкции против Русија, пред инвазијата, но партнерите „не сакале да слушаат“. Според Никифоров, Зеленски тогаш имал три-четири телефонски разговори со Бајден во кои се разменувале мненија и оценки за ситуацијата. „Затоа фразата „не сакал да слуша“ веројатно треба да се прецизира. Претседателот на Украина, ако памтите, ги повика партнерите да воведат пакет превентивни санкции. Па затоа може да се каже дека и нашите партнери „не сакаа да не слушаат““, им изјави Никифоров на новинарите.

Советникот во Канцеларијата на претседателот, Михаил Подољак, смета дека не е убаво да се обвинува Украина за нешто. Според него тие знаеле дека Русија подготвува разни сценарија за експанзија. Имале разузнавачки податоци. Киев се подготвувал кон различни агресивни сценарија. „И конечно, клучното: ми се чини дека е апсурдно да се обвинува земја која ефективно води целосна војна против многу поопремен противник повеќе од 100 дена, ако клучните земји не успеале превентивно да ги запрат милитаристичките апетити на Руската Федерација, знаејќи ги совршено добро “- резимира Подољак.

ОБВИНУВАЊЕ НА ЗЕЛЕНСКИ

Некои политичари, министерката Ирина Верешчук, вели дека може западни политичари да зборуваат дека Зеленски не ги слушал нивните предупредувања за руската инвазија, можат да шпекулираат на таа тема.., „но после нападот од страна на Русија нашиот претседател не го напушти Киев, без оглед на сериозните безбедносни закани за него“. Тој не ги послушал западните партнери, што се покажало мошне значајно.Дека Украина се подготвувала за војна зборува и министерот за одбрана Алексеј Резников. Во едно интервју тој нагласува дека  и Украина, како Русија и Белорусија под предлогот за „обични маневри“ донесле опремена војска од касарните на нови локации. Направиле макети од авиони и системите за против воздушна одбрана, а вистинските ги скриле. Па Русите првин удриле врз макетите при што потрошиле многу муниција.

По ваквите украински реакции на изјавата на Бајден за „непослушниот Зеленски“, која воУкраина ја окарактеризираат како обвинување на претседателот,  како и во други наврати следеше корекција или ублажување на реченото од Бајден. Амбасадорката на САД во Украина Бриџит Бринк, испрати соопштение во кое се вели дека: „Русија се обидува да ја уништи украинската нација и нејзината култура, а САД нема да стојат на страна и нема да дозволат тоа да се случи. Претседателот Зеленски и народот на Украина го инспирираа светот со својата храброст и издржливост, покажувајќи му на светот дека Украина никогаш нема да биде потчинета од Русија“, се вели во соопштението. Амбасадорката на крајот од соопштението нагласува дека: „Претседателот Бајден има голема почит кон претседателот Зеленски и лидерството што го покажа во текот на оваа криза“.

Дали може да се работи за нов гаф на Бајден или пак станува збор за сериозна забелешка на однесувањето на Зеленски во изминатиов период. Се војува над 110 денови. Загубите се огромни. Некаде во медиумите имаше искажувања дека западот не е задоволен од големиот број воени жртви, па дури и дека Украина го криела нивниот број од нејзините партнери. Може ли ова да значи дека Западот ќе ја подготвува Украина за преговори со Русија. Затоа што е 

јасно дека тој не испраќа војници, туку оружје, а гинат Украинци. Нивното раководство, пак, постојано бара нови и нови пратки оружје.

ЦЕНАТА НА МИРОТ

ИТАР-ТАСС вчера од Хелсинки пренесе изјава од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. „Мирот во Украина е можен. Прашање е која ќе биде неговата цена. Колку територија, слобода и демократија сме подготвени да платиме за тој мир“, беа пренесените зборови на Столтенберг. Според него НАТО има намера да и помага на Украина со цел да и овозможи подобра преговарачка позиција. Исто така и дека Алијансата не сака ескалација на нови воени дејствија надвор од границите на Украина. Зборовите на Столтенберг се толкуваат како прашање на кои отстапки ќе се согласи Киев за мир во Украина.

И Џо Бајден на почетокот на месецов одговараше на прашање дали Украина треба да и отстапи дел од територијата на Русија за да прекине војната? Бајден кажа дека неговата политика останува дека Соединетите Американски Држави нема да носат никакви одлуки за Украина без Киев.Кажа дека „тоа е нивна територија“ и дека нема да им кажува што треба, а што не треба да прават.„Ми се чини дека во некој момент ќе мора да дојде до договор“, кажа Бајден и истакна дека не знае како таквиот договор би изгледал, но дека САД ќе продолжат да им помагаат на Украинците да се бранат.

Говорејќи на годишната безбедносна конференција Шангри-Ла Дијалог во Сингапур, кинескиот министер за одбрана Веи Фенгхе рече дека Пекинг е заинтересиран да се стави крај на војната во Украина што е можно поскоро, но додаде дека „максимален притисок и санкции“ од Западот против Русија нема да придонесуваат за тоа, туку само ја влошуваат ситуацијата. Според него, САД и НАТО треба да преговараат со Русија за ставање крај на војната.„Кина го поддржува преговарачкиот процес меѓу Русија и Украина“, рече тој, нарекувајќи ја позицијата на Пекинг „фер и објективна“. Министерот увери и дека Кина во овој случај ќе придонесе за изнаоѓање политичко решение за ставање крај на војната.„Мислам дека историскиот контекст [на војната] во Украина е јасен: кој е коренот на оваа криза, кој е мозокот зад неа, кој најмногу губи и кој има најголема корист, кој се залага за мир и кој долева масло на 

Мислам дека ги знаеме одговорите на овие прашања“, рече тој без дополнително појаснување.

ПОВТОРНО КИСИНЏЕР

Сите зборуваат за преговори. Но нив се’ уште ги нема и прашање е кога ќе почнат. Вчера беше публикувано и интервју на бившиот државен секретар и советникна американскиот претседател за национална безбедност Хенри Кисинџер. Тој одново, како и на Светскиот економски форум во Давос, се изјасни, во интервју за „Сандеј тајмс“, дека Западот треба да ги почитува руските интереси при разгледувањето на мирното решение на кризата во Украина. „Сега прашањето е како да се заврши таа војна. По нејзиното завршување треба да се најде место за Украина, а исто така и за Русија, ако нејќеме Русија да стане претстража на Кина во Европа“, изјави Кисинџер.

Поголема јасност во сето ова може да внесе најавената посета на канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција Емануел Макрон и премиерот на Италија Марио Драги на Киев. Датумот не се знае. Но Украинците од посетата очекуваат јасен сигнал дека можат да станат кандидат за стапување во ЕУ. Нема да изненади „тројката“ да разговара и за преговори за мир во Украина. Дотолку повеќе што Италијанците имаат подготвено и предлог-план за тоа. Мирот е предизвик. Дневно во Украина гинеа од 50 до 100 војници пред десетина дена, сега се зборува дека во Украина дневно гинат 100 до 200 војници. Тоа го велат самите Украинци. А ако се знае дека во војна се кријат вистинските бројки, тогаш мирот е уште понеопходен. А вознемирувањата од Бајден нека бидат сфатени како вовед во него. Само да не излезе работава сметка без крчмар. Сите зборуваат за Украина. Дали Русија во овој момент е подготвена за мировни преговори? Тоа го знаат само САД и НАТО.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?