16 Октомври, 2021
0.0200

Авганистан ги обединува „демократијата и автократијата“

Објавено во: Колумни 06 Септември, 2021

Веста што вчера беше пренесена од јапонската телевизија NHK  дека идната недела, на 8 септември, ќе се сретнат министрите за надворешни работи на Г-7 за да ја разгледаат ситуацијата во Авганистан , а на која се поканети Русија и Кина, обнадежува. Јапонскиот министер за надворешни работи Тошимицу Мотеги изјави дека е „важно да се работи со Талибанците, вклучувајќи ги Кина и Русија, кои имаат определен степен на влијание врз нив. Намерата е на средбата да се разгледа односот со Талибанците“.

Најавата дека Кина и Русија се поканети на оваа средба не е потврдена од официјални руски и кинески извори, но чим е дојдена покана, веројатно за тоа веќе имало подговителни разговори. Сега се очекува Москва и Пекинг да ги координираат ставовите кои би ги искажале на таквата средба. Оваа средба обнадежува од едноставна причина што дојде време Авганистан да ги обединува „демократијата и автократијата“! Инаку и Италија подготвува самит на Г-20, на кој тема би бил Авганистан.

Минативе денови во Италија беше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, каде што се сретна со својот домаќин, Луиѓи ди Мајо. Последниов на средбата повеќе пати ја нагласи важноста на Русија во решавањето на авганистанското прашање. Оттука и барањето Русија да помогне во организацијата во септември на итниот самит на Г-20 за Авганистан. Русите не се многу ентузијасти околу тој самит. За Лавров приоритетите на самитот не се исти со руските. Наместо борбата со тероризмот за Русија е поважно обезбедувањето на руските сојузници кои се граничат со Авганистан. Русија не се откажува од самитот на Г-20, но Лавров нагласи дека активностите пред се ќе се координираат во рамките на ОДКБ(Организација на Договорот за колективна безбедност) и ШОС(Шангајската организација за соработка). Тој пред Ди Мајо на Западот му порача да ги проучи лекциите „после Ирак, Либија, а сега и после Авганистан“. А главната е дека „Обидите да се наметне туѓ систем на вредности се многу експлозивни“.

ДВОДЕЦЕНИСКО СПОНЗОРТСТВО НА КАБУЛ

На Американците и Западот сигурно не им е многу мерак да зборуваат со Кинезите и Русите, но реалноста ги тера кон тоа.  Пред извесно време генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Русија и Кина, заедно со други земји треба да учествуваат во спротивставувањето на тероризмот во Авганистан.  Во интервју за The Telegraph.тој изјави: „Во целост сум согласен со тоа дека целата меѓународна заедница, вклучувајќи ги Русија и Кина треба да работат над спречувањето Авганистан да се претвори во место, каде терористичките групи можат слободно да дејствуваат и да подготвуваат, да организираат, да планираат, да финансираат, напади врз нашите земји“. И британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб во август предложи приклучување на Русија и Кина за „спречувачко влијание“ врз Талибанците.

Првиот кој крена тревога околу влијанието на Москва и Пекинг врз Авганистан беше Жозеп Борел, врховниот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика. По една средба на министрите за надворешни работи од земјите членки на ЕУ, тој истакна дека настаните во Авганистан се катастрофа за довербата кон Западот во светот. Додавајќи дека „ЕУ треба да се позиционира во однос на новата политичка реалност во Кабул. ЕУ не треба да дозволи Русија и Кина  да ја земат контролата над ситуацијата во Авганистан и да станат спонзори на Кабул“. Борел овде веројатно го имаше предвид дводецениското спонзорство на Западот, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО, на Кабул. Во земјата се водеше војна, гинеа луѓе, на видикот хуманитарна катастрофа, терористички напади, бегање од кабулскиот аеродром, а тој Русија и Кина. Епилогот е видлив, а Борел трча како прле пред магаре. Ќе видиме што ќе каже на 8 септември, ако го поканат на средбата. Инаку Борел е за тесна соработка со САД и за создавање заедничка позиција со сојузниците. Тој смета дека треба да се води дијалог со Талибанците, и да се соработува со оние кои имаат влијание врз ситуацијата во Авганистан.

Сличен став, за соработка, искажува и јапонскиот министер Мотеги. Работа со Талибанците, со Русите и Кинезите. Што би можеле да се договорат министрите на 8 септември? Ќе се охрабри ли Борел па да им каже на Русите да не земат контрола врз ситуацијата или пак да не станат спонзори! Ќе и се закани ли на Кина да не го направи истото? 

КИНЕЗИТЕ ВЛОЖУВААТ ВО АВГАНИСТАН

Возот од Авганистан  е веќе заминат за Западот, освен ако нема некаков договор со САД. Кој досега не е обнароден.  Во меѓувреме, додека се водеа борби во Авганистан и Кина и Русија беа домаќини на делегации на официјален Кабул и на Талибанците, иако нивната организација во Русија е забранета. Кина нема долга граница со Авганистан, но таа таму е присутна со разни проекти. Неа Авганистан и е битен поради геостратешка положба. Заедно со Пакистан, Кинезите вложуваат и ќе вложуваат во Авганистан. И не само во нови патни коридори. И експлоатација на минерални суровини. Се смета дека Авганистан е многу богат со литиум. А Кина сака да ги црпи и тие богатства.

Згора на тоа Кинезите бараат од Талибанците да не креваат никаква врева за состојбата со Ујгурите во Кина. Пекинг е загрижен од распространување на екстремизам во покраината Синцјан. За тоа е разговарано со месеци наназад со талибански делегации во Кина. Неодамна разговараа телефонски и Путин и Ши Џинпинг. Кинескиот претседател го информирал неговиот руски колега дека Кина е подготвена да соработува со други земји за да ги натераат сите страни во Авганистан да создадат инклузивна политичка структура, одвоена од терористички групи. 

Прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, на прашање дали на средбата со Бајден на 16 јуни во Женева се разгледувала темата – Авганистан, одговори потврдно. Да, разговарале за можното повлекување на американските војски, но деталите од разговорите не биле јавно пренесени. После средбата Бајден кажал дека станало збор за тоа „како секој од нас може да придонесе  да се обединат напорите за спречување на подем на тероризмот во Авганистан“,  и додал дека „Путин рече дека се надева дека ние можеме да го поддржиме мирот и безбедноста, а јас му кажав дека тоа е многу поврзано со него и тој укажа дека е подготвен да помогне во Авганистан“. 

ДЕМОКРАТСКА АЛИЈАНСА

Можеби така одел разговорот на двајцата претседатели. Па сега еве ќе почнува и дијалог меѓу “демократијата и автократијата“. Бајден по повлекувањето од САД изјави дека епохата на САД за преуредување на други земји е завршена.  Тоа значи дека САД се откажуваат од функцијата „светски џандар“. А што ќе правиме со неговите поранешни политички заложби за борба со автократијата? САД подготвуваат и самит на демократски земји кој треба да се одржи во декември. Значи САД не се откажуваат од надежта да останат светски лидер. И создавање на „демократска алијанса“, како што напишаа деновиве некои медиуми, за борба со противниците – Кина и Русија и други земји, кои во западниот свет се сметаат за „авторитарни“. Медиумите посочуваат дека идејата за „алијанса на истомисленици“ која Бајден ја озвучил за време на предизборната кампања, треба за прв пат да се реализира на самитот на „лидерите за демократија“ на кој ќе учествуваат лидери на земји кои во САД се сметаат за демократски, а исто така и граѓански организации и филантропи. Самитот е планиран за 9 и 10 декември. Главни теми ќе бидат спротивставувањето на авторитаризмот, борба со корупцијата и унапредување на демократијата. Можеби ќе биде поканета и нашата демократија.

Минатата недела на Источниот економски форум во Владивосток рускиот претседател Путин на прашањето кој ќе води сметка за светскиот поредок, доколку САД се откажуваат од функцијата „светски џандар“, лаконски одговори дека „За поредокот во светот треба да одговара ООН и нејзиниот Совет за безбедност, во тие рамки и петте постојани членки на СБ“. Путин се надева дека ќе има осознавање дека да се дејствува од позиции на „цивилизирање“ на други народи, носејќи кај нив елементи од современата цивилизација, како од оние кои тоа го прават, е погрешна политика. Тој смета дека станува збор за колонизација, но овој пат, не духовна или економска, туку обид да се сочува своето влијание под предлог за унапредување на принципите на демократија. А што не треба да се прави со насилни методи.

Русија како да дава поддршка на Талибанците што побрзо да влезат во семејството на цивилизирани народи. На тој начин со нив полесно би се контактирало,  би се разговарало, да се бара почитување на определени цивилизирани правила.  Ова од причина што со дезинтеграција на земјата ќе нема со кого да се разговара. А тоа значи и закана за безбедноста на Русија. Оттука и потребата од обединување на напорите. Затоа е и добредојден дијалогот на „демократијата и автократијата“.

Но, тука Русија е внимателна. Путин во Владивосток изјави дека некои високопоставени претставници од САД зборуваат дека сега ќе ги ослободат своите сили и напорите ќе се сосредоточат на продолжување на борбата со Кина или Русија, па порача:„вие најнапред разберете се со оние со кои војувавте 20 години, па потоа зборувајте дека ќе се спротивставите на Русија и Кина“. Нему не му е јасно зошто се даваат сега такви изјави. Тој смета дека сега е потребно обединување за ефикасно спротивставување на тероризмот, поради кој и беа влезени американските војски во Авганистан.  Да се води борба со наркотрговијата, организираниот криминал. „Има заеднички закани, а  бидејќи се заеднички, ефикасната борба со нив може да се бори само заеднички“, рече Путин во Владивосток.

За многумина Авганистан досега, а и сега не е само фактор на ризик, туку и поле на можности. Централна Азија одново е во фокусот на светската јавност благодарејќи на авганистанските закани. Дали сето тоа ќе биде доволно „демократите и авторитарците“ да најдат заеднички јазик на нивната средба? Или пак се’ ќе заврши со отворање на нов фронт околу Авганистан? Со оцртување на нови линии на делби и спротивставување. Се разбира доколку  Русите и Кинезите дојдат на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-7.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

БДП vs. ИНФЛАЦИЈА - ПАРАЛЕЛА СО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

БДП vs. ИНФЛАЦИЈА - ПАРАЛЕЛА СО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

Русија и САД пред сериозни преговори

Русија и САД пред сериозни преговори

Две децении – јубилеј на Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје

Две децении – јубилеј на Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје