16 Април, 2024
0.0304

АТРАКТИВНИ ИЛИ ПРАВЕДНИ - со Бугарија и Косово имаме најниски даноци во регионот

Објавено во: Македонија 17 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Македонија, Бугарија и Косово, имаат најнизок данок на личен доход во регионот. 

Притоа, Македонија и Бугарија персоналецот го наплатуваат по стапка од 10 отсто, и тој важи за сите граѓани, без разлика на висината на нивните примања. Тоа значи дека двете држави имаат рамен данок, наспроти другите земји, кои имаат прогресивен данок на личен доход, што значи дека оние што имаат повисоки заработувачки, плаќаат данок по повисока стапка.

Во Косово, пак, данокот на личен доход се наплатува по стапки од 4 до 10 отсто, што значи дека тој е прогресивен, но многу низок.

Ова го покажала Анализата на министерството за финансии, која оттаму ја изработија со цел таа да им даде насоки како да го реформираат даночниот систем на земјава во следните три години, за што веќе е изработена и стратегија, за периодот од 2020 до 2023 година. 

Со оглед на тоа што даночната политика стана главна област за конкурентност помеѓу државите, особено кога станува збор за привлекување на странските директни инвестиции, навеле од Финансии, многу е важно да се види какви стапки имаат и државите од регионот, но и оние од Европската унија и од еврозоната. 

„Се забележува дека РС Македонија има меѓу најниските стапки за сите видови на даноци“, констатира анализата.

Сите други држави имаат повисоки даночни стапки. Во Србија стапките се од 10 до 20 отсто, а во Албанија данокот е прогресивен, со стапки од 13 до 23 проценти. Од 24 до 36 отсто се наплатува данок на личен доход во Хрватска, а Словенија е убедливо на прво место по тоа колку даноци им наплаќа на граѓаните, па тие се движат од 16 отсто, до фрапантни 50 проценти за оние најбогатите, што имаат највисоки приходи. 

Ако се гледаат европските држави, рамен данок има и Чешка, но тој е повисок од кај нас и од Бугарија, и таму стапката е 15 отсто. 

Другите имаат прогресивен данок и тоа Германија од 14 до 47,5 отсто, во Словачка стапките се од 19 до 25 отсто, во Италија од 23 до 47 проценти. 

Како земја со убедливо најпрогресивен данок може да се прогласи Австрија, каде стапката е од 0 до дури 50 остто, што значи дека има граѓани кои воопшто не плаќаат данок, и тоа се оние кои се најсиромашни, додека оние со највисоки приходи плаќаат огромни стапки, од дури 50 отсто. 

Најбогатите плаќаат огромни даноци и во Грција, односно 55 отсто данок на личен доход, за разлика од тие со најниски примања, кои плаќаат 22 проценти. 

Во ЕУ просекот на максималните стапки всушност е 39,4 отсто, додека во земјите на еврозоната просечната стапка е уште повисока и изнесува 43,2 проценти. 

Откако го замрзана прогресивниот данок кој предвидуваше и втора стапка од 18 отсто за заработувачките над 1.500 евра, сега Владата бара нов модел за праведно оданочување. Велат дека ќе се насочат кон вертикална праведност, за која тврдат дека е подобра од прогресивниот данок. Тоа значи дека кога ќе се даночи, нема да се гледа поединецот, туку колку приходи има вкупно едно домаќинство, колку таму има издржувани лица и слично. 

Исто така, за оние со многу повисоки приходи, можно е да има уште повисоки даночни стапки, односно поголема прогресија.


Кога станува збор за данокот на добивка, од регионот - ние, Косово и Бугарија имаме рамен данок со најниска стапка од 10 отсто, а Србија и Словенија исто имаат рамен данок, но со многу повисоки стапки, 15 и 19 отсто соодветно. 

Во Албанија и данокот на добивка е прогресивен, од 0 до 15 отсто, што значи дека фирмите со повисок профит и плаќаат повисока стапка на државата, а во Хрватска стапките, зависно од добивката, се од 12 до 18 отсто. 

И Европа сака да биде пријателска кон бизнисите, па стапките се движат од 15,1 отсто во Грција, до 29,3 отсто во Словачка, што е во голема мерка „солено“, што значи дека речиси една третина од својата добивка фирмите треба да и ја дадат на државата..

Просекот на данокот на добивка кај ЕУ е 16 отсто, а во еврозоната 16,2 отсто.

Во земјава од левичарски кругови често се заговара дека прогресија треба да се воведе и кај данокот на добивка, односно компаниите и банките со многу високи профити да плаќаат повисок данок на добивка, но тоа засега тешко дека ќе се случи. 

Еве што вели Владата во Стратегијата: 

„Има потреба од дополнителна и опширна анализа на ефективната даночна стапка кај данокот на добивка, согласно најдобрите пракси од ЕУ и слични држави, заедно со целосна анализа на потенцијалното влијание врз пазарот, на подготвеноста да се плаќаат даноците од компаниите и имајќи ја предвид се полесната миграција на капиталот“, се вели во документот.

Со 18 отсто стапка на ДДВ и 5 отсто повластена стапка која важи за храната, становите и други категории, Македонија има и меѓу најниските стапки и кај данокот на додадена вредност. Во Косово стапките се 8 и 18 отсто, во Албанија 6 и 20 проценти, во Бугарија 9 и 20, а во Србија 10 и 20 отсто, во Словенија 9,5 и 20 отсто, додека во Хрватска ДДВ е убедливо највисок и има три стапки, 5, 13 и 25 отсто.

И во европските држави се значајно повисоки стапките на ДДВ од земјава, што може да се види и од следнава табела.

Придонесите кај нас се 27 отсто. Од земјите во регионот екстремно ниско зафаќање со придонеси има Косово, само 10 проценти, а пониски стапки од нас има и Бугарија, додека кај сите други држави фирмите плаќаат повисоки стапки на придонеси.

Кај нас се плаќа данок на имот од 0,1 до 0,2 отсто и него го одредуваат општините. Додека, пак, во Србија на пример, одредени моќници со големи имоти плаќаат и многу поголем данок на државата, дури до 2 проценти. 

Во европските држави данокот на имот се движи од 0,1 до 1,5 проценти, од оние држави што се дадени за споредба.  

За праведно оданочување и кај нас се размислува во делот на данокот на имот. Според Владата, сегашната пресметка придонесува кон зголемување на нееднаквоста во богатството а со тоа и кон нееднаквост на приходите. 

„За решавање на ова прашање ќе биде направена детална анализа се со цел воведување на праведна вредност на имотот на кој што се плаќа даночната стапка, односно даночната стапка да се пресмета на вредноста на имотот која што е реална во моментот на оданочувањето“, навеле од власта во Стратегијата.

Деновиве министерката за финансии Нина Ангеловска и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска им ја презентираа стратегијата на бизнисмените, како и на невладините и на експертите. Дали тие ќе ги прифатат новините, ќе се дебатира во наредниот период.

Доколку победи на изборите, пак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека данокот на личен доход не само што ќе остане рамен, туку стапката прво ќе се намали на девет, а потоа и на осум отсто.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

„СЕВЕРНОМАКЕДОНСКАТА ВЛАДА Е ТРГНАТА, ГРЕШКАТА Е ИСПРАВЕНА“ - се огласи МНР по пропустот на Европскиот парламент

„СЕВЕРНОМАКЕДОНСКАТА ВЛАДА Е ТРГНАТА, ГРЕШКАТА Е ИСПРАВЕНА“ - се огласи МНР по пропустот на Европскиот парламент

Пад на бројот на ученици,затворени 14 училишта

Пад на бројот на ученици,затворени 14 училишта

„ОСМАНИ Е ЕДНА ОД ГОЛЕМИТЕ ГРЕШКИ НА СДСМ. ДАЛИ Е МЕЃУ ГРЕШКИТЕ ШТО ГИ ПРЕПОЗНАВААТ?“: Најчевска со реакција на изјавата на Османи дека нема да присуствува на средби на Отворен Балкан

„ОСМАНИ Е ЕДНА ОД ГОЛЕМИТЕ ГРЕШКИ НА СДСМ. ДАЛИ Е МЕЃУ ГРЕШКИТЕ ШТО ГИ ПРЕПОЗНАВААТ?“: Најчевска со реакција на изјавата на Османи дека нема да присуствува на средби на Отворен Балкан

Малолетник од Тетово украл автомобил и направил сообраќајка

Малолетник од Тетово украл автомобил и направил сообраќајка

СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ И ДЕНЕС ШТРАЈКУВААТ - се уште нема конкретен одговор од надлежните, предизборниот период главна кочница

СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ И ДЕНЕС ШТРАЈКУВААТ - се уште нема конкретен одговор од надлежните, предизборниот период главна кочница

„ДИРЕКТОРОТ НА ТОКСИКОЛОГИЈА СИ ЈА ВРАБОТИЛ СНААТА“: Новинарот Фуркан Салиу со уште еден „упад“ во клиника, овој пат обвинува за непотизам на Токсикологија

„ДИРЕКТОРОТ НА ТОКСИКОЛОГИЈА СИ ЈА ВРАБОТИЛ СНААТА“: Новинарот Фуркан Салиу со уште еден „упад“ во клиника, овој пат обвинува за непотизам на Токсикологија

ЕВЕ КАДЕ ГОРИ ВО МАКЕДОНИЈА: Евидентирани 22 пожари

ЕВЕ КАДЕ ГОРИ ВО МАКЕДОНИЈА: Евидентирани 22 пожари

КОЈ ПИЕ НАЈМНОГУ ВО ЕВРОПА: Изненадувачки податоци за Македонците, еве колку пијат

КОЈ ПИЕ НАЈМНОГУ ВО ЕВРОПА: Изненадувачки податоци за Македонците, еве колку пијат

КАРПОШ ПОВТОРНО ВИСОКО НА ЛИСТИТЕ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ – Охрид останува уште една „медина“ за градежниците, еве каде најмногу ќе се гради

КАРПОШ ПОВТОРНО ВИСОКО НА ЛИСТИТЕ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ – Охрид останува уште една „медина“ за градежниците, еве каде најмногу ќе се гради