20 Април, 2024
0.0306

Атанасоски: Ако запре се без почеток на преговори за ЕУ значи дека сме неспособни да функционираме

Објавено во: Интервјуа 12 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Македонија повторно е во голема неизвесност за својата европска иднина и владее слична атмосфера како пред фамозниот самит во Букурешт 2008 година кој потоа на бранот на гневот од грчкото вето му ја зацементира власта на Груевски. Сега во исчекување на средбата со канцеларката Меркел и можното одложување на почетокот на преговорите за членство во ЕУ се наѕира нова политичка криза која може да кулминира со пад на Владата и вонредни избори. Со политиколог Благојче Атанасоски анализираме дали ветришта од Брисел ќе предизвикаат бура во Македонија, како ќе се спроведе "метлата", зрели ли сме за нов изборен модел и кој најмногу се плаши од такви измени, ќе има ли политички консензус за пописот и каква е реалната закана од доаѓањето на власт на Мицотакис во Грција оваа есен.

Фактор: Најавената метла во државните институции е сега условена и со тоа дали ова лето ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ или тоа ќе се одложи наесен или дополнително. Што очекувате, навистина ли премиерот Заев е сериозен во намерата да ја распушти Владата и да оди на нови избори доколку Европскиот совет ја одложи одлуката за старт на преговорите?

Атанасоски: Сериозна грешка ќе биде доколку „ метлата“ сега е условена со тоа дали ова лето ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Најавената чистка, популарено наречена „ метла“ е одговор на граѓанското незадоволство од функционирањето на одредени носители во извршната власт на министерско и директорско ниво, па истата треба да претставува ресетирање на владиниот тим се со цел испорачување на ветените предизборни  политики од страна на владејачката партија. Од друга страна, ако „ запре“ се , доколку не добиеме летоска датум за преговори со ЕУ , тогаш индиректно признаваме дека ние сме тотално дисфукнционално општество и институционален систем, и таа парализа е одраз на нашата неспособност да функционираме без „ тутори“ одозгора. Нови предвремени избори се на штета на стопанството и бизнисот, и во ситуација кога редовните се за помалку од 18 месеци, во овој момент се непотребни. Целата енергија треба да се насочи кон реформирање на сите општествени сфери на живеење, не за да добиеме датум за преговори, туку за нас самите како општество, држава и граѓанство да си го подобриме стандардот и нашето живеење во земјава.

Фактор: Бриселските ветришта се закануваат дека ќе донесат нова политичка криза во Северна Македонија доколку не добиеме јасна перспектива за интеграциите. Сега се отвори и темата за промена на изборниот модел, со отворени листи и прекројување на изборните единици. Дали оваа тема е засега само пробен балон за занимавање на јавноста со изборни математики, може ли Заев да го одржи оптимизмот по извесното влегување во НАТО, продолжување на реформскиот процес и зајакнување на економијата?

Атанасоски: Промената на изборниот модел, во функција на поголема демократизација на политичкиот систем долго време се провејува во јавноста како тема која одвреме на време се актуелизира. Верувам дека интенцијата на претседателот Пендаровски е токму за таа цел, а не „ пробен балон за занимавање со јавноста“. Едноставно, изборниот модел треба целосно да ја рефлектира изборната волја на гласачите, а не како до сега, да претставува фаворизирање на „ мејнстрим“ големите партии. НАТО приказната треба да финишира кон крајот на оваа, или почетокот на следната година, и после тоа, а и во меѓувреме , зајакнување на економијата и продолжувањето на реформскиот процес треба да биде секојдневна „ преокупација“ на владините функционери, односно целокупната енергија да биде насочена и канализирана во таа насока. Македонија, едноставно мора да изгради стабилен и функционален институционален систем, кој ќе биде „ имун“ на честопати вештачко генерираните политички кризи. Членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ треба  да ги зајакнат капацитетите и да го изградат тој предвиден систем.

Фактор: Дел од опозиционерите отворено навиваат да не добиеме почеток на преговорите со цел да настапат со тезите „Заев џабе го продаде името“, „Странците не изневерија“, „Народот ќе си ја врати власта“... Се однесува ли опозициската ВМРО-ДПМНЕ конструктивно во овој процес?

Атанасоски: Децениска заложба на партијата ВМРО-ДПМНЕ е членство во НАТО и ЕУ, и во најмала рака би било невкусно и антинационално доколку некој „ навива“ или уште полошо работи практично на терен Македонија да биде назадувана, или да стагнира во европските и евроатланските процеси. Декларативно, првенците на опозициската партија, велат дека со своите контакти низ коридорите на официјален Брисел, работат за добивање на датум за преговори со ЕУ, и покрај како што велат „ катастрофалните и ретроградни“ политики на оваа власт. Националниот консензус помеѓу сите политички партии и елити за влез во НАТО и ЕУ треба да биде и практично спроведен, односно да нема дилема дека некој изразува злорадост, бидејќи цената од неуспех ќе ја платиме сите ние граѓаните.

Фактор: Во четврток премиерот Заев ќе се сретне со германската канцеларка Меркел каде се очекува да биде појасно како ќе продолжи евро-интегративниот процес на Северна Македонија. Засега дипломатските канали не се преголеми оптимисти и се наведуваат повеќе причини за одложување на дебатата во Бундестагот, од исходот на европските избори и коалиционите математики, внатрешните проблеми со функционирање на европските институции, па се до „привезокот“ Албанија кој се заканува да ја потоне и нашата држава. Што очекувате вие?

Атанасоски: Искрено,лично и јас, а и целокупното граѓанство ќе биде многу разочарано , ако и овој пат не „ извисат“ во однос на добивањето на децениски очекуваниот датум за преговори. Промената на уставното име, преку Преспанскиот договор, беше тектонско поместување во позициите на евроатланските интеграции, и доколку и сега „ булдужерите“ од официјална Европа, најдат причини и изговори за одложување, тоа ќе биде  продолжување на тридецениската агонија на оваа држава, која тоне во нерешени проблеми и не може да се уреди како нормална и функционална држава. Едноставно е, без катализатор од надвор ( процес на пристапување кон ЕУ и полноправно членство), ние како општество не сме капацитетни и кадарни да се реформираме сами од себе. Недобивањето на датум за преговори ќе канализира и огромна негативна енергија, која ќе се почувствува насекаде во сите општествени сфери на живеењето.

Фактор: Доколку се реализира најлошото сценарио извесно е дека ќе се организираат вонредни парламентарни избори. Мицкоски вели дека нема да поддржи „пазарење“ меѓу СДСМ и ДУИ и ќе поддржи само изборен модел кој ќе донесе најдобар напредок, но нема конкретна идеја каков би бил тој, од една до 120 изборни единици. Од што стравува ВМРО-ДПМНЕ при промена на изборниот модел?

Атанасоски: Веројатно од расцепкување на десничарското гласачко тело и  ефектуирање на десничарските гласови во Собранието на Македонија преку други партии и пратеници, надвор од орбитата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тука пред се мислам на  десничарската  скороформирана партија ГДУ на Петар Колев, „ Единствена Македонија“ на Јанко Бачев, движењето „ Бојкотирам“ на Филип Петровски , партијата „ Глас за Македонија“ на Солза Грчева, и слични партии кои во моментов изгледаат маргинални но може да откинат од десничарскиот гласачки резервоар, и да ги поматат сметките на првиот опозиционер.

Фактор: Политички консензус ќе биде потребен и за носење на новиот закон за попис кој треба да се спроведе во април следната година. Пропаднат попис веќе имаме зад нас, колку сега ова прашање ја комплицира политичката мапа?

Атанасоски: Официјално само Македонија и Сомалија ( распадната земја на „ рогот на Африка) од граѓанска војна беа двете земји на целата земјина планета кои не можат и немаат спроведено попис на населението. Некаде прочитав дека и Сомалија спровела попис, па останавме единствено ние да го носиме срамот, дека сме некапацитетна држава да се преброиме. Пропаднатиот попис во 2011 година, е доказ дека и една навидум техничка операција на пребројување кај нас е комплицирана бидејќи се политизира за етнички цели и придобивање на етнопартиски поени. Пописот треба да биде и е, техничка операција за демографско, географско, стопанско, економско пребројување, скицирање и планирање на идниот развој на една држава и едно општество во идните 10 години. Се надевам дека предвидениот за идната година во месец април, ќе биде успешен и признаен од сите чинители како веродостоен, бидејќи секое друго „ сценарио“ ќе биде катастрофично и погубно за сите нас.

Фактор: Нова Демократија на Мицотакис сосема извесно е дека ќе дојде на власт во Грција наесен и веќе се заканува со вето за Македонија, додека пак Мицкоски вели дека е подготвен да ре-преговара за Преспанскиот договор. Колку се сериозни најавите на опозиционерите на двете земји?

Атанасоски: Сакам да напоменам дека постигнатиот Преспански договор во суштина не е прифатен од мнозинството во грчкото општество и во македонското општество ( особено кај етничките Македонци). Истиот беше постигнат под жесток притисок и медијација на меѓународната заедница пред се на Американската дипломатија и на канцеларката Меркел. Најавите за репреговарање на веќе постигнат и меѓудржавно ратификуван Договор се најблаго кажано невозможни, од проста причина што да сметате дека ќе постигнете подобар договор од постоечкиот со извесно идниот премиер на Грција Киријакос Мицотакис , синот на Константинос Мицотакис ( премиерот кој го создаде и хистеризираше овој апсурден спор околу нашето државно име) и братот на министерката за надворешни работи Дора Бакојани, која ја „ спушти рампата“ за наше полноправно членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година се нереални. Да вие може да „ репреговарате“ , но или никогаш нема да постигнете нов Договор ( а со тоа ќе ја продолжите агонијата и блокадата во евроатланските интеграции), или ќе добиете десетпати полошо решение од постоечкото, кое е далеку од поволно и добро за нас. Едноставно е , асиметрични позиции имаме во овој апсурден спор, и тоа мошне добро го искористуваа грчките политички елити овие три децении, колку што траеше спорот. Членството во НАТО не може да се поништи, за кое изјава даде и грчкиот опозициски лидер Мицотакис, бидејќи грчкиот парламент го ратификуваше нашето членство, а тоа е државна ( не партиска ратификација на СИРИЗА ) на еден меѓудржавен договор, но со позициите и реториката на Мицотакис, и тоа како може да се искомпликува нашето членство во ЕУ. И да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ, тие ќе траат многу години, се до затворање на последното 36 поглавје, и никој ( па ни најголемите меѓународни авторитети) не може да гарантираат дека овој процес ќе врви „ мазно“ , без нови уцени, закани и евентуални блокади за ЕУ. Треба да се создава клима на нормализирање на реториката и поврзување на земјите на економски, културолошки и инфраструктурен план. И да, дијалогот, а не обвинувањата , уцените и заканите да бидат водилка во меѓусоседските односи. Ќе видиме времето што ќе покаже, но со познатата реторика на грчката десница, многу извесно е дека ќе имаме потешкотии во идниот период, во кој треба да го направиме најголемиот исчекор во нашето европско интегрирање и заокружување на нашето полноправно членство  во европската асоцијација.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“