Арбен Таравари ја доби назад Алијанса за Албанците
Објавено во: Македонија 13 Септември, 2024
Арбен Таравари објави дека по судски пат Алијанса за Албанците се враќа кај неговото политичко крило, откако претходно пред парламентарните избори печатите ги зеде Зијадин Села.
„Алијансата за Албанците е наша!Апелациониот суд пресуди дека партијата Алијанса за Албанците припаѓа на апсолутното мнозинство. Партијата се враќа кај членството. Честитки за сите вас!“, објави министерот за здравство.
Со одлука на тетовскиот суд во април годинава печатите на партијата Алијанса за Албанците и припадна на крилото на Зијадин Села. Во Основниот Суд Тетово се водеа два предмети, односно две барања за упис на промени во судскиот регистар на политичките партии во кој како барател и во двете барања се јавува Алијанса на Албанците со седиште во Тетово.
Алијанса за Албанците пред изборите се подели на две крила – едното на Таравари и другото на Села, кој по напуштањето на лидерската позиција стана претседавач со партиското собрание а причина за расколот беше настапот на партијата на претседателските и парламентарни избори.
Крилото на претседателот на партијата Арбен Таравари се приклучи на опозицскиот блок во кој се БЕСА на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гази и Демократското движење на Изет Меџити и ја формираа коалицијата Вреди, додека пак крилото на АА предводено од Села на претстојните избори коалицираше со ДУИ и стана дел од коалицијата Европски фронт.