Ангелов: Скандирањето „УЧК“, „Етничка Албанија“ и каменувањето на полицајците не водат кон помирување
Објавено во: Македонија 27 Февруари, 2021
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов повторно реагираше за скандирањата на вчерашниот протест за случајот Монструм и вели дека тие не водат кон помирување.
„Скандирањето „УЧК“, „Етничка Албанија“, мавтањето со мапи на „Голема Албанија“ како и каменувањето на полицајците кои само си ја вршеа својата работа, за време на вчерашниот протест за Монструм, не одат во прилог на процесот на помирување за кој толку многу зборуваме и се залагаме, поради што треба да бидат цел на силна општествена осуда од сите значајни општествени фактори“, реагира Ангелов.
Додава дека иако правото на протест е неприкосновено, сепак иритира фактот дека вчера се протестираше против судски пресуди со кои за виновни се прогласени убијци и помагачи на убијци на 5 лица од кои 4 деца.
Осум приведени и седум повредени полицајци е епилогот од протестот. Ова е втор протест за случајот Монструм годинава.
Владата најостро ги осудува нападите врз новинарите што случија за време на протестите после судските одлуки во случајот Монструм.
„Во демократски општества секој има право на изразување незадоволство, но насилничките инциденти се неприфатливи и недозволиви“, наведуваат од Владата.
Поаѓајќи од својот јасен став за нула толеранција за ваквите инциденти, Владата укажува дека секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, ќе биде најостро осуден и санкциониран и дека сите институции во државата, како и обвинителството и судовите, треба да постапуваат максимално брзо и професионално за било кој напад или закана против медиумските работници.
фото Фејсбук