26 Октомври, 2021
0.0199

Анализа со Цвијиќ: Без интеграција на Македонија и Западен Балкан, ЕУ не може да биде глобална суверена сила

Објавено во: Анализа 09 Февруари, 2021

Европската Унја го губи кредибилитетот пред Македонија и земјите од Западен Балкан кои се во опасност да останат вечно во чекалната на преговори и наметнување на нови услови. Според аналитичарот Срѓан Цвијиќ во регионален контекст за политичката стабилност и развојот на општествата во овој дел на Европа значи дека сегашната состојба на „не-проширување“ е крајно штетна за стабилноста на регионот, но на крајот и на ЕУ како целина. Срѓан Цвијиќ е српски експерт од Брисел, политички аналитичар специјализиран во областа на Југоисточна Европа, дел од Институтот за европска политика на Фондацијата отворено општество и член на Советодавна група за политика на Балканот во Европа (BiEPAG). Со Цвијиќ анализираме за перспективите на Македонија во ЕУ и земјите од региониот, поттикнати од извештајот „До ЕУ е, не е до проширувањето на Западен Балкан“.

Во извештајот за перцепцијата на француските граѓани за приемот на Македонија во Европската Унија откако Макрон пред две години стави вето на нашето започнување на преговорите за членство, меѓу главните заклучоци стои дека иако речиси 60% од француската јавност е против проширувањето, тоа пред се е рефлексија за негативниот став кон самата ЕУ, а не кон конкретна балканска земја. Последиците секако се значајни, а дебатата не се фокусира самона иднината на Македонија, но и воопшто на иднината на проширувањето на ЕУ.

Се забележува ли раст на скептичноста на граѓаните од Западен Балкан за процесот на проширување. Според последните истражувања иако поддршката за членство во ЕУ и натаму е многу висока, се бележи постојан пад на довербата. Како да ги толкуваме овие сигнали?

- Зависи за која земја од Западен Балкан зборувате, падот на поддршката за ЕУ варира, но мислам дека можете безбедно да кажете дека во сите земји постои загрижувачки негативен тренд. Во мојата матична земја, Србија, на пример, во 2009 година, кога ЕУ даде визна либерализација, приближно 70% од Србите беа за ЕУ. Денес, тој број, во зависност од прашањето што ќе го поставите, се движи од 45% до 55% од граѓаните што се изјасниле дека сѐ за ЕУ. Овие бројки сепак, не треба да се земаат како показател за тоа како граѓаните на земјите од Западен Балкан би гласале на идниот референдум за членство во ЕУ. Земете ја Хрватска како пример, во април 2011 година, кога Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ги осуди генералите Анте Готовина и Младен Макрач од прв степен на долги затворски казни, 23% од Хрватите изјавија дека се за членство на нивната земја во ЕУ, додека 50% беа против. На референдумот две години подоцна 67% од Хрватите гласаа за ЕУ ​​наспроти 33% против. Анкетите за истражување на јавното мнение на прашања што немаат непосредна политичка важност во моментот на спроведување на анкетата, не треба да се земаат здраво за готово“, смета Цвијиќ.

Недостигот од интеграција може ли да отвори простор за влијание на нови странски фактори со оглед на амбициите кои ги покажуваат Турција, Русија и Кина како сили кои може да влијаат на процесите во Западен Балкан?

- Да апсолутно. Ако ЕУ навистина сака да стане „суверена“ глобална сила, како што тоа би сакал да го види францускиот претседател Емануел Макрон, тогаш треба што побрзо да го интегрира Западен Балкан. Колку повеќе чекаме, толку повеќе други сили ќе ги шират своите малигни, дестабилизирачки влијанија во регионот, истакнува Цвијиќ за Фактор.

Македонија по втор пат е ставена во позиција да прифаќа компромиси за националниот идентитет. Постои обид и спорот со Бугарија да се наметне како еден од главните услови за отпочнување на преговорите за членство. Дали ЕУ треба да најде нови механизми на одлучување, за овие важни процеси да не зависат од наметнати билетерални спорови?

- Апсолутно, многу долго време се залагав за воведување на квалификувано мнозинство во сите фази на пристапните преговори. Без ова тешко дека ќе забележиме напредок на фронтот за пристап на ЕУ на Западен Балкан“ вели Цвијиќ.

Колку ангажманот на европските лидери зависи од расположението на нивната домашна јавност, како на пример анкетното истражување во Франција каде се покажа дека Французите гледаат негативно на процесот на проширување и прифаќање на земји како Македонија и Албанија, и ако е така што можеме ние да преземеме?

- Тоа зависи од земја до земја. Негативните ставови кон проширувањето се слични во Франција и во Австрија и Германија. Во зависност од анкетата, разликата е само во еден или два процентни поени. Сепак, германските и австриските влади силно го поддржуваат проширувањето, додека, не треба да им го кажувам тоа на Македонците заради ветото во 2019 година, француската влада е крајно скептична. Германците знаат дека „за“ или „против“ проширувањето нема големо влијание врз нивното јавно мислење. За нив ова прашање не е толку значајно и тие не го исполитизираа. Французите го поставија прашањето за проширување како тема на нивната изборна кампања, но нашето истражување покажува,  дека тоа го направија од чиста параноја. Нашето истражување покажува дека прашањето за проширување на Западен Балкан воопшто не е важно прашање за Французите, не ги мотивира да гласаат за оваа или за онаа партија. За споредба, членството на Турција во ЕУ е исклучително важно за францускиот електорат и гласачите на тоа гледаат многу негативно, смета Цвијиќ.

Заморот на европската агенда понуди и неколку можни алтернативи како поголема соработка на земјите од Западен Балкан во т.н. Мини Шенген, членство во Европската економска заедница, а некои пак нудат и членство во Евроазиска Унија предводена од Русија. Многу хипотези, а малку решенија. Дали тоа остава простор за раст на популизмот, но и на национализмот во недостиг на прогрес и етаблирање на Западен Балкан?

- Многу правилно кажавте, ниту едно од овие решенија не е конкретно, туку обична можност, понекогаш не е дури ниту тоа, туку само популистичка гласина. На пример, Русија никогаш сериозно не разговарала за членството во Евроазиската унија со која било од земјите на Западен Балкан. Оваа опција воопшто не е на маса, па дури и да е, позначајно прашање е зошто некоја од земјите од регионот би сакала да се приклучи на толку слаб и нестабилен блок. Тоа секако не би им донело никакви политички придобивки, а да не ги спомнуваме економијата и благосостојбата на населението. Од друга страна, Мини Шенген, Царинска унија на Западен Балкан (што ќе ги отстрани нетарифните бариери во трговијата) се добри идеи, но тие никогаш не можат да бидат замена за крајната цел, членството во ЕУ. Тие се добар инструмент, пред земјите од регионот да влезат во ЕУ, заклучува Цвијиќ.

Христијан Станоевиќ