19 Април, 2024
0.0254

Анализа: Како рекордната IPO на ANT на Џек Ма ќе донесе нова ера на глобалната економија?

Објавено во: Анализа 02 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Кинеската економија е можеби единствена која годинава нема да ја заврши со рецесија и пад на БДП, туку и покрај кризата предизвикана од КОВИД-19 ќе забележи економски раст. Кинескиот модел на приватен капитал и државна поддршка овозможи Џек Ма, сопственикот на Alibaba Group и еден од главните инвеститори на технолошкиот и фин-тек гигант Ant да атакува на рекордот и на саудиската нафтена компанија Aramco со државен удел од 29 милијарди долари на почетна јавна понуда на акции. Со тоа Ant ќе го потврди трендот на оддалечување на интересот на берзите од вложувања во природни ресурси како нафта кон управување со електронски податоци и трансакции, кои што како трендови ги гледаме и во бизнис моделите на Google, Facebook, PayPal, Uber и слично.

Ant групацијата со двојното IPO на берзите во Хонг Конг и Шангај има големи шанси да ја оствари замислата да собере 35 милијарди долари инвестиции во акциите и да стигне до проценета пазарна вредност од 350 милијарди долари. За трговската војна меѓу САД и Кина, како и новите трендови кои ги наметнуваат технолошките гиганти анализираме со Владимир Бошњаковски, магистер по меѓународно право и дипломатија, адвокат и консултант за стратегија и преговори. 

- Овој рекорд нема само економска симболика, туку тој гледано низ призмата на геополитиката е екстремно значаен. Можно е за неколку века од денеска, историчарите да го наведуваат овој момент како формален почеток на една нова фаза на светската историја.


Многу е интересно што за пократко од една година рекордот на Saudi Aramco (една нафтена компанија) ќе биде срушен од Ant (една фин-тек компанија). Имено, секоја доба има свој ресурс кој што ја дефинира – од секојдневието до геополитичките стратегии. Некогаш тоа било железото, некогаш јагленот, а во XX-от век тоа беше нафтата. За црното злато во претходната доба се водеа војни, организираа картели, се развиваа конгломерати и технологии.

Со развојот на технологиите на зелена енергија и поради општествените притисоци кои произлегуваат од се поголемата свест за цената на тој ресурс (во пари, животи и загадување), значењето на нафтата се намалува. Доказ за овој тренд е што во 1980 година, во топ 10 најголеми компании на Fortune 500 листата имало шест нафтени компании, додека денеска има само една.

За сметка на тоа имаме огромен раст на значењето на информатичките технологии и бизниси, кои што редефинираат како комуницираме, како ги носиме одлуките и најверојатно како водиме војна. Така, на сцена стапува нов ресурс – тоа се податоците (личните и други) во електронска форма. Ние сме во раните часови на оваа доба, но веќе гледаме какви се работи може да се направат со комбинацијата помеѓу моќни компјутери, софистицирани алгоритми и масовни бази на податоци, потенцира Бошњаковски.

Ова се случува во деликатен период на трговска и технолошка војна меѓу САД и Кина. Администрацијата на претседателот Трамп и натаму ги држи на сила санкциите против повеќе кинески компании меѓу кои и Huawei и ZTE. Од една страна се води кампања дека кинеските телекомуникациски гиганти имаат врски со кинеската влада и податоците на информациските мрежи може лесно да се злоупотребат за безбедносни и хибридни операции, а од друга страна се врши и притисок за американските компании да се вратат во САД, да отворат работни места во производство на уреди, што се чини дека е однапред загубена и залудна заложба на Трамп.

Борбата за изградба на 5G мрежа ќе се интензивира и токму кинеското влијание врз комуникациските системи беше една од клучите причини за блокирање на кинеските компании.

- Тврдењата дека ваквото постапување на САД е поради некој економски интерес не е издржано. Прво, западните производителите на 5G инфраструктура кои би го замениле Huawei во голема мера не се американски. Додатно, колку и да се големи Huawei или ZTE, нивното значење за кинеската економија е минорно. Затоа ова прашање не треба да се гледа само во контекстот на економијата или актуелната трговска војна.

Вистината е дека мотивацијата на САД да ги блокира кинеските комуникациски компании како Huawei и ZTE произлегува од стравот дека тие компании и овозможуваат на кинеската влада т.н. backdoors, преку кои што тие неовластено би ги преработувале податоците на западните држави. Во воените кругови на САД се стравува дека токму преку злоупотреба на тие инфраструктури, Кина би можела да го помести балансот на сила во нејзина корист и тоа без да мора да пројде низ долгогодишниот, политички тежок и економски скап процес на градење на подобра армија и флота. Овој страв во голема мера е оправдан. 

Да не заборавиме дека преку таа 5G инфраструктура не проаѓаат само податоци од нашиот Facebook и Instagram, туку и комуникација која содржи деловни тајни, банкарски податоци, па дури и државни и воени податоци. Додатно, таа инфраструктура се користи за управување со многу безбедносни, енергетски и клучни сообраќајни системи. Замислете што ќе се случи во една држава, доколку некој може да влезе и да ги измести сите податоци за компании, луѓе, сообраќај или едноставно да го изгаси интернетот, вели Бошњаковски.

Сепак, двојното IPO на Ant на берзите во Хонг Конг и Шангај има и огромно економско значење затоа што ако ја оствари целта да собере 35 милијарди долари инвестиции во акциите и да стигне до проценета пазарна вредност од 350 милијарди долари ќе ја промени перцепцијата за економската позиција на Кина во светот.

- Рекордот кој може да го постигне Ant ќе биде доказ дека Кина и Азија нема да бидат само алка во глобалните ланци на производство или голем пазар за продажба. Напротив, Кина ќе биде лидер на Азија Пацифик регионот со свои финансиски центри како Шангај и Хонг Конг, кои што ќе бидат конкуренција на Ну Јорк, Лондон, Франкфурт и Париз и ќе го тргнат фокусот од Северниот Атлантик.

Додатно, тоа покажува дека Кина нема да биде конкурента само во трудово интензивно области каде што клучната конкурентска предност е евтината работна сила, туку и дека таа може да испорача производи кои што зависат од високо нивно на технологија, know-how и креативност. Ова ќе продолжиме да го гледаме не само во сферата на фин-тек. Имено Стратегијата Made in China 2025наведува десет области во кои Кина сака да постигне врвна светска конкурентност до наведената година. Меѓу нив се индустриската роботика, возилата без возачи, стратешки материјали, биофармација, аеронаутиката и слично.

Финално, приходите на Ant во 90% потекнуваат од домашниот пазар. Тоа значи дека Кина развива економија која што покрај силна извозна компонента, има и сериозна домашна потрошувачка. Со тоа таа ќе стане поимуна на надворешни економски шокови и поиздржлива во трговските војни, Тоа воедно е и доказ за растечката средна класа на државата, смета Бошњаковски

Неодамнешните блокади и санкции може да бидат и потенцијална закана за империјата на Џек На, но и на слични кинески компании при иден глобален раст.

- Најверојатно главната заштита на Ant од евентуални притисоци е дека, за разлика од Huaweiи ZTE, нејзините приходи и корисници во најголем дел се концентрирани на кинеското тло. Тоа значи дека таа не е конкурент на западните фин-текили social media компании инема пристап до податоците на државјани на западните земји.

Сепак, доколку таа почне значително да расте вон границите на својата земја, особено во земји што припаѓаат во потесната зона на американското влијание, тогаш компанијата сигурно ќе се соочи со разни блокади. Тие блокади ќе варираат од многу фини до многу груби.

Најблагиот начин на блокада би било преку регулатива која што ќе го оневозможи моделот на концентрација на услугите кој го нуди Ant, а кој би можел за публиката да се оправдува со наводни мотиви за заштита на пазарната конкуренција, личните податоци, финансиската стабилност, правата на потрошувачите и слично. Сепак, како што покажаа последните месеци во игра се и директни и нескриени блокади. Имено, ова лето Доналд Трамп на ByteDance (кинеска компанија сопственикот на TikTok) му даде ултиматум: или да го продаде TikTok на американска компанија или да ја напушти земјата, анализира Бошњаковски.

Овие процеси иако се далеку за земја како Македонија, сепак имаат одредено влијание, пред се во заложбите за воспостаување на 5G мрежа и комуникациска инфраструктура како земја членка на НАТО и потврден сојузник на Западот.

- Македонија треба добро да размисли како да инвестира во развој на знаење кое што ќе допринесе до развој на некои мали, но сепак глобално успешен start up компании во сферата на фин-теки некои други апликациски производи.

Исто така, Македонија ќе треба добро да размисли дали ќе инвестира во заменување на кинеската инфраструктурна информациска мрежа со опрема од западните држави. За тоа таа ќе има повеќе мотиви меѓу кои да ги задоволи своите клучни стратешки партнери, но исто така да ги заштити клучните податоци и инфраструктура, заклучува Бошњаковски


Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!