25 Април, 2024
0.0295

Американец во Украина - многу прашања, малку одговори

Објавено во: Колумни 10 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Во средата вечер во Украина допатува американскиот државен секретар Ентони Блинкен, придружуван од одамна „задолжената “ за Украина, Викторија Њуланд, која од неодамна и официјално е потсекретар за политички прашања и „нашиот“ Филип Рикер, кој ја врши должноста помошник за државниот секретар за Европа и Евроазија. Четвртокот Блинкен го мина во средби во парламентот, во владата, во украинското МНР, со првиот човек на новата - Православната црква на Украина и со претседателот Владимир Зеленски. Ова е прва посета на Блинкен на Киев, во својство на државен секретар, градот од каде што потекнуваат неговите дедо и прадедо. Последниов, Меир Блинкин, бил писател кој го опишувал живото на Евреите во време на Руската империја.

Посетата на Блинкен се подготвуваше подолго време. Во изминативе месеци имаше неколку телефонски разговори меѓу Киев и Вашингтон на ниво на министри. А Киев со нетрпение го чекаше телефонскиот повик од претседателот Џо Бајден до Владимир Зеленски. Руските воени маневри го забрзаа разговорот. Па Бајден крена слушалка да го увери Зеленски дека САД ја поддржуваат Украина. Но, Бајден направи телефонски повик и до претседателот Владимир Путин. Поразговараа за состојбата во и околу Украина и Бајден го покани рускиот претседател на средба. Тоа како да беше добредојдено за Путин. Независно што Бајден претходно, во едно интервју го потврди новинарското прашање, дали Путин е убиец? А овој пак му посака „добро здравје“, алудирајќи на возраста на Бајден. Очигледно интересите се големи и на обете страни. Поголеми од отворените или посредните навреди што си ги упатија еден на друг во тоа време. Средбата се подготвува и Украина ќе биде точка на дневен ред. Но сигурно на неговото дно.

И така, по почнатото повлекување на дел руски трупи од близината на границата со Украина, Блинкен допатува во Киев.  Впечаток, според реакциите во Киев, е дека на разговорите имало многу прашања, но малку одговори. Особено ако се имаат предвид најавите или желбите на украинската власт. На пример САД да постават ракети „Патриот“ во Украина. Или САД да дадат некакви гаранции дека Украина ќе стане дел од НАТО, односно дека ќе почне со планот за дејствијата за подготовки за членство. Или пак дека САД ќе го убедат ММФ да и даде пари на Украина. Или дека САД со НАТО заедно ќе гарантираат заштита од Русија. Или дека САД ќе направат се’ да се прекине изградбата на гасоводот „Северен поток -2“...

ПРОПАГИРАЊЕ НА НОВАТА ЦРКВА

Се’ ова се трубеше во украинските медиуми. Но кога дојде до посетата во парламентот Блинкен официјално се соочи со конкретни барања и од страна на лидерите на парламентарните фракции. Па Блинкен можеше да чуе зборови за влез во НАТО, за агресијата од страна на Русија. За борбата со сиромаштијата, барање вакцини, критики на Зеленски, на кадровски решенија, бркање  од работа на луѓе блиски до САД. Конкретно на директорот на „Нафтагас“ Андреј Кобољев. Па примирје на Донбас како основа за спроведување на Минските договори, дијалог на САД со Русија. Па барање договор за стратешка воена соработка со САД, нешто како што имаат Јапонија и Јужна Кореја. Еден вид сојузник надвор од НАТО. Па зборови за важноста на реформите. Се разбира сето тоа во зависност кој од која партија е. Според некои извори Блинкен зборувал само три минути. Рекол дека САД ја поддржуваат Украина, но треба да се води борба со корупцијата и за такво нешто антикорупциските органи треба да се независни. „Архитектот“ на современа Украина, Викторија Њуланд, ги оладила соговорниците. Конкретно им рекла да не ја форсираат темата – НАТО. А за ситуацијата со сменетиот Кобољев рекла дека тоа е проблем и власта не е во право.

За набљудувачите од страна неочекувана е средбата на Блинкен со првиот човек на Православната црква на Украина Епифаниј. Експертот Михаил Павлив за средбата вели:„ „Ова е направено така за никој да не се сомнева чиј проект е расколoт во светското православие и кој всушност стои зад прогонот на Украинската православна црква“. Политологот Андреј Золотарјов вели дека „: Псетата на Бликен на првиот човек на ПЦУ Епифаниј зборува за тоа дека САД ќе продолжат да играат со религиозната карта. И никому не му е грижа што тоа во очите на верниците изгледа како чисто политички проект“. Очигледно Украинската православна црква, која е најголема во Украина, за Американците е експонент на руската политика. Па Блинкен сака да им каже на Украинците дека САД стојат за ПЦУ. Веројатно, надевајќи се дека со таквиот пропаганден потег ќе натера уште некој верник да се приклучи кон ПЦУ.

ДВА ПРЕДИЗВИКА ПРЕД УКРАИНА

Средбата на претседателот Зеленски со Блинкен требаше да внесе јасност за некои прашања, но и од неа немаше одговори. Зеленски пред Блинкен го покани Џо Бајден да ја посети Украина на 30 годишнината од независноста на земјата во август. Блинкен рече дека поканата ќе му ја предаде на Бајден, но поради пандемијата со коронавирус претседателот има проблеми со посетите, па ќе дојде кога ќе може. Ладен туш, затоа што наголемо во  тек е подготовката на средбата на Бајден и Путин. И посетата на Бајден на Европа. Индиректно ова значи дека САД нема да присуствуваат на промоцијата  на т.н. „Кримска платформа“, планирана на 30 годишнината од независноста на Украина. Целта е кон крајот на август во Украина да присуствуваат што повеќе лидери од Европа и од светот.  Како што стојат работите засега некаков одговор има дадено претседателот на Советот на Европската Унија Шарл Мишел.Сигурно во Киев тогаш би дошле и некогашните членки на Варшавскиот пакт и Балтичките земји. Со други зборови Блинкен кажа дека Американците сами го одбираат времето кога ќе дојдат. За нив е поважно Украина да ги исполни реформите.

На тој план Блинкен беше многу јасен. „Пред Украина има два предизвика. Првиот е Русија. Вториот се олигарсите и корупцијата, кои работат против интересите на Украина“. И тој и Зеленски нагласија дека Русија ги нема повлечено војските од украинските граници. „Русија повлече дел од војската. Но значаен број остана. Па Русија за кратко време може, ако сака, да дејствува агресивно“, рече државниот секретар.  И некои медиуми, „Њујорк Тајмс“, на пример, пишуваше за 80 илјади војска. И дека Москва на тој начин му покажува на Киев дека Запад не сака да го заштити. Наводно, опкружувањето на Бајден веќе зборува дека САД не можат да ја зголемат воената помош на Украина за да не ја провоцираат Русија да влезе во Украина. Па затоа една од задачите на Блинкен во Киев била да се „намали температурата“ на конфликтот.

НЕЗАВИСНОСТ НА АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ

Што се однесува до предизвикот – олигарси и корупција Американците, иако Блинкен тоа не го кажа јасно, настојуваат за преиспитување на одлуката за менување на Кобољев. Тие бараат независност на антикорупцискиот суд и другите антикорупциски тела, па реформа на службата за безбедност. За нив важно е и спроведувањето на законот за земја, кој им дава можност на странците да купуваа земјоделско земјиште во Украина, а на што таму има големи отпори, па законот постојано се менува. На Американците не им е по мерак и пратеничката неприкосновеност, имунитетот. „Народот сака да види спроведување на законите. Тука се вклучува и борбата со корупцијата“, порача Блинкен. Бидејќи тој дојде во инспекција на Украина, виде како стојат работите и нарача продолжување на реформите. Иако, за волја на вистината, нивни „приврзаници“ има во антикорупциските тела, ама и таму работите не одат.

Спомнувањето на народот од страна на Блинкен не беше случајно. Негови соработници дента се сретнаа со претставници од народот. Се разбира претежно граѓански активисти и разни експерти. И во Украина имаат „соросоиди“ , активисти кои ги сметаат за американски„производ“, но и критичари на Америка. Еден од учесниците на таква средба со претставници од штабот на Њуланд, кажува дека токму така треба да се организираат посетите за да се добие широк спектар одговори и мислења за разни прашања и проблеми.  „А проблеми многу: беа поставени прашања за енергетската политика на земјата, корпоративното управување, војната и мирот, безбедносни прашања, управувањето со воено-индустрискиот комплекс.., вели политологот Руслан Бортник. Средбите од овој вид Западот, и Американците ги прават кога немаат доволно доверба во елитите кои се на власт. Што е знак за предупредување на претседателот Зеленски

Од изјавите и разговорите на Блинкен може да се заклучи дека посетата на Американецот беше да види до каде е Украина по затишјето кое настана во односите со САД за време на Доналд Трамп. Па и наводните скандали  на синот на Бајден, Хантер Бајден. И се разбира да ја види Украина однатре, а не само кавгата со Русија. Многу работи не беа спомнати, а секако биле разговарани. На пример Донбас и перспективите. Потоа Минските договори. Па кинеското влијание врз украинската економија. И сето тоа во светлината на средбата што се подготвува меѓу Бајден и Путин. Да се види што е случува во земјата. Како Зеленски ја води државата. Да се види има ли други политички сили на кои Американците треба да обратат внимание за во иднина. Особено поради фактот дека претседателот ја губи популарноста. Да се осознае колку се подготвени Украинците за договор со Русија?  За некои украински политичари најважно е што дошло до посетата. А резултатите? На нив ќе се чека.

ЊУЛАНД ВО МАКЕДОНИЈА

Можеби власта наредниве денови ќе излезе со некое ново решение или идеја за да ги задоволи Американците. А не постојано да се вади на Донбас. А, се јавува проблем дома, а, се крева врева околу Донбас. Не дека им е лесно на Украинците што се во власта, ама сега кога ќе треба да се води вистинска борба со олигарсите и со корупцијата ќе им биде уште потешко. Над главата ќе им виси набљудувачот - САД. Впрочем Бајден и во својата предизборна програма најави дека ќе води борба против корупцијата насекаде. Украина е прва во списокот. Да сакаш да „уништиш“ олигарси како каста не е мала работа. Ќе почнат и таму да викаат како кај нас „оставете ги луѓето, тие вработуваат  илјадници работници“, независно што се главни во корупцијата. Ако кај нас вработуваат по две до три илјади, во Украина станува збор за десетици илјади работници. Тешка ќе биде битката со корупцијата и олигарсите.

Ентони Блинкен ќе има што да му соопшти на Бајден по посетата на Украина. А главно ќе му помогне околу подготовката на најавената средба со Путин. Инспекцијата на Украина сигурно покажа што и колку може САД да направат за неа во поглед на односите со Русија. А што се однесува до односите со Москва, Блинкен пред да дојде во Киев беше во Лондон и во интервју за БиБиСи обопштено, изјави дека „би претпочитале постабилни и предвидливи односи со Русија, но тоа зависи од господинот Путин“.  

Посетата на Блинкен на Украина е важна и за нас. Се гледа на дело дека зборовите на Бајден за борба со корупцијата не се за фрлање во ветер. Нема да не чуди ако за некој месец дојде овде, не Блинкен, но некој од неговите придружници. На Пример Викторија Њуланд, па да ги протресе домашниве корупционери од власта. Да кажат како и колку се борат со корупцијата. Па да позборуваат за односите со Бугарија. Па да ја спомнат и црквата. Не дека американската амбасадорка кај нас, Кејт Брнз, не си ја врши работата. Ама сепак Њуланд е Њуланд. Во Украина направи „револуција“ со давање колачи и познатото „кој ја е*е Европа“. Кај нас би можела да направи многу повеќе од тоа, само да не прави револуција.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД