23 Април, 2024
0.2540

Американците почнаа да удираат по сојузниците

Објавено во: Македонија, Колумни 28 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Пред десетина дена Американците повторно посегнаа по санкции. Наводно против Русите, ама се чини дека повеќе ќе ги погодат сојузниците и некои западни држави. Во воениот буџет што го потпиша претседателот Трамп законодавците од претставничкиот дом вградија мерка со санкции насочени кон гасоводите „Северен поток-2“ и „Турски поток“. Овој последниов, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, треба да го пушти на 8 јануари. А од „Северен поток -2“ се поставени 97 проценти од трасата и остануваат околу 160 километри.

Потегот на американските законодавци не е изненадувачки, ако се има предвид Русија. Против неа до сега има еден куп санкции, некои велат над дваесетина. Американците видоа дека и досегашните санкции немаат доволно заканувачки и штетен ефект врз Русите. Не дека не нанесоа удари врз економијата, ама не во оној степен во кој очекуваа американските законодавци – и републиканци и демократи.

Овој пат на удар се најдоа западни компании. Не можејќи да удрат по коњот, тие удрија по самарот. Не удрија по западните инвеститори во „Северен поток-2“, туку по изведувачите на работите. На пример швајцарската компанија Allseas, која ги поставува цевките од гасоводот. Швајцарците, како секогаш – неутрални, веднаш се повлекоа по заканите од САДи останаа во исчекување  да добијат некакви објаснувања од Американците за санкциите. Вчера има кажаа дека можат да работат до 20 јануари.Но!

Заканите кон ова компанија отидоа до таму што двајца американски сенатори, ТедКруз и РонЏонсон упатија писмо, еден ден пред да ги потпише Трамп буџетот, со предупредување за санкциите до швајцарската компанија. Првиот и го публикувал писмото. Тие ја повикаа компанијата веднаш да прекине со учеството во изградбата на гасоводот, зашто во спротивно против неа ќе бидат воведени „пеколни санкции“. Компанијата ризикува „битно да и се намали вредноста на нејзините акции и да  банкротира“.Сакциите не се само против компании, туку и против нивни менаџери. Фирмите нема да бидат допуштени на американскиот пазар, менаџерите не ќе можат да влегуваат на американска територија, а ќе бидат блокирани сите трансакции поврзани со нивниот недвижен имот или активи во САД.Нормално, по ова, бродовите PioneeringSpirit и Soliter, кои припаѓаат на компанијата Allseas ја прекинаа работата во Балтичкото море.

„Северен поотк 2“ е гасовод кој од територијата на Русија близу Санкт Петербург оди по дното на Балтисжчкото море до копнената територија на Германија. Капацитетот е 55 милијарди кубни метри годишно. Должината на двете нитки на гасоводот е 2.400 километри, односно по 1.200 секоја. Оператор е компанијата NordStream 2 AG, а инвеститори се „Гаспром“,OMV, WintershallDea, Uniper, Shell и Engie. Значи руска, австриска, две германски, една британско-холандска и една француска компанија. Сите овие имаат вложено околу 9,5 милијарди долари во проекто, од кои 50 проценти се на „Гаспром“.

Американците веројатно сакале да воведат санкции и против овие компании, но очигледно нешто ги спречило и удриле врз швајцарската Allseas. Најмалата од нив, но и значајна, бидејќи градењето на гасоводот, без бродови кои ги поставуваат цевките, неговото завршување ќе се одолговлечи. Без санкциите гасоводот беше планирано да биде завршен околу Нова година. Сега роковите ќе бидат, во најдобар случај, кон средината, а во најлош случај до крајот на идната година. Ова со оглед дека и Русите имаат брод за поставување  цевки, но тој е кај Владивосток и за да дојде во Балтикот ќе му треба еден месец, а згора на тоа потребни се технички зафати, кои исто така бараат време, за да може да ја врши работата како што тоа го правеа Швајцарците.

Најновиот развој на настаните околу „Северен поток -2“ и „Турски тек“ го отвора прашањето за преземањето на екстериторијални мерки од страна на САД. Тоа ним досега им успеваше сооглед дека беа преземани против држави кои не им се по мерак на Американците. На пример, Русија, Иран, Куба, Венецуела, Ирак, Сирија, Јемен, Либија...Во најмала рака санкциите кон овие земји беа поддржувани од сојузниците на САД или државите кои гледаат благонаклоно кон нивната политика. Но сега се во прашање санкции кон западни земји и кон компании од сојузнички држави кои би имале огромни загуби доколку проектот „Северен поток- 2“ се одолговлечи. Тие компании имаат земено огромни кредити за кои плаќаат камати. Згора на тоа се уриваат и нивните развојни планови. А веројатно и плановите на земјите од каде што се компаниите.

И нормално неминовни беа реакциите. Интересна е Русија. Таа вели дека ќе одговори во иста мерка. Не со „пеколни санкции“. Но сепак ќе ги има, такви кои ќе водат сметка и за интересот на земјата од нивното воведување. Во руските медиуми имаше анкети за тоа какви контрасанкции да се воведат, па некои предлагаа затворање на сите „Мекдоналдси“ во Русија или други компании. Но официјална Русија нагласува дека санкциите  нема да бидат на штета на странските инвеститори во Русија. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во едно интервју рече дека станува збор за „циничен акт на мешање во работите на европскиот бизнис“. И целта не е грижа за европската енергетска безбедност. Туку станува збор за „ужасен пример на несовесна конкуренција и политизација на енергетската сфера“. Портпаролката на министерството Марија Захарова вели дека се работи за заплашување. И ако се гледаат работите од американска точка на гледање, тогаш и Русија треба да ги почитува своите национални интереси или меѓународните приоди кон енергетскиот сектор. Со други зборови поврзување на енергетиката со политиката. Според Лавров Европа ја осознава ползата од дополнителната извозна маршрута, иако има и земји кои се „подготвени да работат за прекуокеанските старатели на штета на сопствената енергетска безбедност...“

Германскиот министер за надворешни работи ХајкоМаас ги критикуваше санкциите со зборовите:„ Европската енергетска политика се определува во Европа , а не во САД“. Мешањетооднадвор и екстериторијалните санкции Германија ги отфрла. Во оваа земја речиси идентичен е ставот на сите политички партии. Речиси сите зборуваат дека САД се простиле со намерите да ги сметаат членките на ЕУ за свои сојузници. Исто така се мешаат во внатрешните работи на тие земји.Канцеларката Ангела Меркел изјави:„ Јас не гледам друга можност, освен да водам преговори за тоа, дека ние не прифаќаме таква практика“. Некои германски медиуми оваа изјава ја оквалификуваа како „објавување војна“ на Трамп.

Вакви реакции изостанаа од Брисел. А тоа го искористи американскиот амбасадор во Германија Ричард Гренел, изјавувајќи дека „15 европски земји, Европската комисија и Европскиот парлаент се сомневаат во проектот, па затоа санкциите се многу проевропско решение“. Се чини дека работите ќе водат кон преговори. Дотолку повеќе што неделава Русија и Украина, под европски надзор и германски патронат, се договорија за транзит на гас низ Украина. Впрочем мерките на САД беа потткнати о од опасноста Украина да остане без транзит со што ќе изгубеше најмалку три милијарди долари годишно. Сега кога се постигна согласност, а пред потпишување е и договор, не е исклучено ЕУ или пак Германија и Франција да се обратат до САД да ги преиспитаат санкциите. Веројатно ќе следуваат обиди на „Гаспром“ побрзо да се завршат работите на гасоводот во што ќе има поддршка од неговите европски партнери. Зашто загубите ќе бидат значајни не само за „Гаспром“.

Посегнувањето на САД по екстериторијални санкции секогаш било проблематично и  спорно. Не во случај кога со нив биле опфатени американски компании на кои им се забранувало да работат во  или со некои држави. Но во случајот на „Северен поток -2“ зависноста на Европа од руски гас е нејзин проблем, а не американски. Оттука и ставовите и заклучоците во некои европски држави дека „САД никогашдосега така отворено не се обидувале да ја искористат својата моќ за сопствена полза – конкретно за унапредување на сопствените испораки на гас во Европа“, како пишува австриски „Стандарт“. И додава: „Не треба да се дозволи американскиот претседател, кој самиот сака да ја игра улогата на додворувач на Путин, да им диктира енергетска политика на европските држави“. Според весникот, „Северен поток -2“ е законски проект, а американскиот закон не е“.

„Се е во парите“ би рекол Трамп во негов стил. Тој не случајно, многу одамна ја обвинува Германија дека и дава пари на Русија, плаќајќи го гасот, а САД трошат пари за одбрана од неа. Па настојува да го промовира американскиот течен гас во Европа. Засега тоа не му успева. Според некои податоци Америка неодамна малку ја надмина Русија во продажбата на течен гас во Европа. Гасот добиен низ гасоводите е и поефтин од течниот. Инаку деновиве беше изнесен податок дека уделот на руски гас во Европа е над 50 проценти.Тоа е знак на голема зависност, но за нејзино намалување можат да се искористат економски или законски мерки од Европа, а не екстериторијални санкции од САД. Тие можат да ги променат работите и со намалување на цените на америкнскиот течен гас што би го продавале во Европа.

Јасно е дека работите не се такви и дека станува збор за политизација на енергетиката. Во Русија по повод санкциите имаше подбивен коментар дека САД можат да воведат санкции со кои би „забраниле дишење“. Што би правеле американските сојузници во таков случај? „Заштитата на Европјаните од руската енергетска опасност“, не треба да го загрозува суверенитетот на европските држави. Ваквите потези на САД зборуваат дека се многу моќни од една страна, но и неинвентивни во спроведувањето на својата надворешна политика. Наспроти Русите, кои изминативе години доминираат и со идеи и со практични потези, Американците зборуваат и воведуваат само санкции. Санкции кон Русија, санкции кон Кина, санкции кон Северна Кореја, кон Турција, кон Венезуела...Или пак, ако се има предвид Украина и американската вмешаност таму последниве пет години, се зборува за притисоци, уцени, мешање во внатрешните кадровски работи, што кулминираше и со импичментот на Трамп. Како да нема друг начин да и се помогне на таа земја.

Треба да се запрашаат во Белата куќа, во Стејт департментот и во законодавниот дом, која  е причината за тоа и немаат ли знаење, кадар и можности да ги вратат САД во времето на ХенриКисинџер, ЗбигњевБжежински и други советници или државните секретари ЏејмсБејкер и ЏорџШулц, кои, иако го сметаа СССР за свој непријател, сепак водеа со него постојан дијалог. Потпишуваа договори за разоружувања...Го урнаа комунизмот. Очигледно САД денес имаат само најголема воена моќ во светот. А, како што тргнале го потврдуваат рускиот претседател, Владимир Путин, дека „слабите ги тепаат“. Па затоа треба да си силен, за да не те тепаат. Зашто наместо санкции, ако си слаб можеш да добиеш и ќотек. Сведоци сме дека по тој пат оди и Кина.

Како ќе се развиваат работите натаму околу овие санкции?  Европа ќе биде поделена. „Стара“ против санкциите. „Нова“ ќе ги поддржува. А велат дека цел на Путин е да ја подели Европа. Со санкциите излегува и САД ја делат Европа. Нека му ја мислат Емануел Макрон и Ангела Меркел.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП