19 Април, 2024
0.0281

АЛАРМАНТНО: Нивото на Преспанско Езеро е најниско од 1917 година, пратеници бараат итни разговори со грчката и албанската страна

Објавено во: Македонија 19 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Состојбата е алармантна. Нивото на Преспанското езеро е најниско од 1917 година па наваму, практично откако постојат мерењата. Последиците од оваа состојба врз биодиверзитетот и квалитетот на водата се катастрофални, а би можеле да се предизвикаат и неповратни штети.

Ова, меѓу другото, стои во информацијата за Преспанското езеро која ја подготвиле тројца пратеници од владејачкото мнозинство, односно Бети Рабаџиевска Наумовска и Ненад Коциќ од СДСМ и Касртриот Реџепи од движењето БЕСА. Тие бараат оваа информација да биде ставена како точка на дневен ред на првата наредна седница на Собранието.

Народните избраници предлагаат и серија од мерки, кои, според нив, под итно треба да бидат преземени, со цел неповолната состојба колку што е можно повеќе да се ублажи, иако се признава дека сето тоа ќе чини пари.

Пратеничката Бети Рабаџиовска Наумовска за Фактор вели дека информацијата ја подготвиле со цел за Преспанското езеро да се иницира расправа во Парламентот и што поскоро да се бара решение. Додава и дека информацијата од поодамна е подготвена, но сега сметаат дека се создадени услови точката да се најде на дневен ред на собраниска седница.

Инаку, пратениците во овој документ објаснуваат дека Преспанското Езеро е составено од две взаемно поврзани езера, и тоа Големо и Мало, на тромеѓето меѓу нашата држава, каде припаѓа најголем дел од Големото Преспанско Езеро, Република Грција и Република Албанија.

Големото Преспанско езеро има површина од 284 km² на надморска височина од околу 850 m (варијабилно) и најголема длабочина од 54 метри. Од површината на езерото, 65 отсто и припаѓаат на Република Македонија, потоа 18 проценти на Република Албанија и 17 отсто на Република Грција. Малото Преспанско езеро, пак, се наоѓа на територијата на Република Грција и само мал дел во Република Албанија. Ова езеро зафаќа површина од 45,59 km² и е за три метри повисоко од Големото Преспанско езеро.

ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ОДАМНА ГО ЗАФАТИЛ ПРОЦЕС НА „СТАРЕЕЊЕ“

„Нивоата на водите на Преспанското Езеро, кое некогаш (во неогенот) било дел од Големото Десаретско Езеро, се во постојано намалување. Според геолозите, и ова езеро, како и останатите езера од Македонија, одамна е зафатено со процес на ‘стареење’. Преспанското Езеро е со реалтивно голема количина на вода и слив и има постојан подземен истек, кој го поврзува со Охридското Езеро, чија слободна водена површина се наоѓа за околу 150m пониско од Преспанското“, навеле пратениците во информацијата.

Нартаму, како што додаваат, има користење на водите од Малото Преспанско Езеро и префрлање на вода во Корчанскиот систем за наводнување, надвор од сливот на езерото.

Исто така, поставени се црпни пумпи кај Асамати и Сирхан за префрлување на вода во системот за наводнување на Ресенското Поле, има пуштање во употреба на систем за наводнување во сливот на малото езеро, подигнување на преграда на спојот меѓу малото и големото езеро, при што е спречен природен површински истек од малото кон големото езеро.

Дополнително се поставени табласти затворачи кои ги контролираат и поголемите води, кои го плават крајбрежјето на Мала Преспа и истекуваат неповратно кон Албанија. Со зголемување на температурите, пак, во сливот на езерото се интензивираат изведувањата на нови бушотини за индивидуално црпење на вода и локално наводнување.

„Сите овие човекови активности, директно условуваат брзо спуштање на водостојот на водите во езерото, а зголемените температури на воздухот, намалената влага и ветровите, го забрзуваат процесот на испарување, што доведува до забрзано губење на големи количини на вода“, алармираат овие тројца пратеници.

Тие се децидни дека без континуиран заеднички хидрометеоролошки и мониторинг на користење на водите од страна на сите три држави, тешко може да се изработи биланс на водите во сливот и на езерото. Исто така, тоа може тешко да се заштити ако заеднички не се вклучат трите држави.

„Со груба пресметка може да се каже дека во просек езерото годишно има недостаток од 53,0*106m3, или претворено во протек, тоа значи неповратно истекување во текот на годината на количина од Q=1,68m3/s. Колку вода била искористена надвор од сливот, колку вода била задржана во сливот на Малото Преспанско Езеро, колку вода била искористена за наводнување во самиот слив и слично, се тоа ќе остане како претпоставка. Со податоците со кои се располага, тоа не е можно детално да се покаже. Подземниот истек е приближно рамномерен во однос на истекот на изворите на Црн Дрим кај Св.Наум и нема докази дека е зголемено истекувањето, но секако и тоа треба да се провери со подетални мерења на истекувањата низ карстот со помош на современи методи, но и со континуиран мониторинг на изворите. Реално, во ноември лани нивото на Преспанското Езеро е на кота од 842,30 mнм, а тоа значи дека тоа претставува апсолутно измерен минимум“, објаснуваат пратениците во Информацијата што ја подготвиле.

Или, практично, како што велат тие, нивото на Преспанско Езеро сега е најниско откако се вршат мерења од 1917 година, што е цел еден век и состојбата е крајно алармантна. Последиците од оваа состојба врз биодиверзитетот и квалитетот на водата се катастрофални и може да бидат неповратни.

Со оглед на повеќегодишниот тренд на деградација и климатската криза кои ќе продолжат во блиска иднина, при што се проценува дека количината на врнежи на снег и дожд во регионот ќе се намали за 30 отсто до 2100 година, состојбата ќе продолжи да се влошува.

25 ОТСТО ОД ПРИЛИВОТ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Е ОД ПРЕСПАНСКОТО

„Тоа го става во опасност не само опстанокот на Преспанското Езеро, туку и на Охридското, во кое приливот на свежа вода во голема мера (околу 25 отсто) доаѓа директно од Преспанското“, се вели во информацијата.

Пратениците навеле неколку мерки кои треба да се преземат. Меѓу нив се итни состаноци и разговори и со грчката и со албанската страна.

„Под итно иницирање на состанок на Комитетот за Преспа Парк (во рамки на Договорот за заштита и одржлив развој на Парк Преспа со Грција и Албанија, кој стапи во сила мај 2019 година) со намера за интезивирање на соработка за Преспанско Езеро), каде ќе се разговара со Албанската страна во врска со истекот на водите од Мала Преспа кај месноста викана Грло во правец надвор од сливот кон Албанија, како и разговор со Грчката страна во врска со испуштање на одредена количина на вода од Мала Преспа во големото езеро. Потоа, контрола на сите водотеци кои придонесуваат со свои водни количини во водите на езерото (особено поголемите реки како што се Герман, Брајчинска и Голема во горните делови од сливот и пред влив), контрола на подземните води, контрола за запирање на истекот кај месноста Грло, контрола за спроведување на договореното испуштање на вода од Браната на Мала Преспа, мониторинг на изворите на Црн Дрим кај Св.Наум, изворите кај Тушемишти и друго“, нагласуваат пратениците во информацијата.

Меѓу другото, тие предлагаат и воспоставување на заеднички меѓудражвен мониторинг за следење на квалитативната и квантитативната состојба на водите во сливот и на самото езеро кај сите три соседни држави, потпишување на Анекс кон Договорот за Преспа за размена на хидролошки, метеоролошки и податоци за квалите на водите меѓу трите соседни држави, како и редовни средби на експертите од наведените области за мониторинг.

Се бараат и итни мерки за заштита од намалување на водата во Преспанското езеро кои директно влијаат врз живиот свет заради заштита на видовите и живеалиштата од национално и ЕУ значење.

Пратениците во информацијата бараат и да се направи анализа на предложено решение во рамки на Планот за управување со сливот на Преспанско Езеро - за градба на резервоар и брана на Чешинска Река, со вкупно складирање на вода од 20x106 m3, со цел подобрување на наводнувањето и водоснабдувањето во сливот, проект за кој навеле дека би чинел 30 милиони евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?