19 Ноември, 2019
0.0382

Агонијата допрва почнува - Партиите си почнаа кампања, се договорија за избори

Објавено во: Македонија, Анализа 21 Октомври, 2019

Дали владејачката партија на чело со Зоран Заев знаеше однапред дека не е возможно да добие зелено светло од Франција за почеток на преговорите за членство во ЕУ, па однапред и ја почна својата предизборна кампања „На прав пат“. Премиерот Заев долго време стоеше на ставот дека нема да дозволи земјата да влезе во предвремени пролетни избори кои би ги успориле реформите како што бараше опозицијата, но по фијаското во Брисел се согласи дека ќе мора да се оди на „брзи“ избори според Пржинскиот модел.

Македонија и со сменето име и Устав не успеа да ја тргне бариерата за евроинтеграциите. Овој пат Макрон цврсто се спротистави дури и да ги започнеме преговорите за да се реформирал процесот на пристапни приговори со земјите кандидати, како и внатре Европската Унија да се консолидира.

Проблемот е што и самото референдумско прашање гласеше дали сакаме да влеземе во НАТО и ЕУ со прифаќање на Преспанскиот договор. Европската иднина е доведена во прашање, иако и тука постојат шанси за наредната година повторно европските лидери да размилат како ќе пристапат кон проширувањето, процес кој сега целосно ја изгуби својата кредибилност. По одржаната лидерска средба кај претседателот Пендаровски јасно е дека Преспанскиот договор нема да биде предмет на никакви радикални потези, туку партиите ќе бараат шанса за освојување на довербата на народот во меѓусебни напади.

„Сега е прејасно дека Заев имал план Б, ама не за државата, туку за својата судбина. Психодрамата околу датумот не била случајна, туку намерно, ад арте креирана, за што поголем фокус да се стави на одлуката на ЕУ, а што помала вина да се бара во недоследностите на нашите власти. Очигледно од власта биле и посвесни за малите шанси Франција да попушти, во спротивно зошто Заев би инсистирал 4 месеци за средба со Макрон, без притоа да дојде до тоа. Јаки советниците и нивните контакти со кабинетот на Макрон иначе. Што пак кажува дека Заев не бил лажен, можеби бил од евробирократите, но не и од амбасадорот на Франција, кој во повеќе наврати испраќаше предупредувачки пораки и до јавноста. Што значи, дека Заев ја лажел јавноста, како што ја лажеше од прв момент кога пред година дена најави сигурен датум за преговори. Како што лажеше дека нема да дозволи предвремени избори. Но, се било глума“ пишува Ивор Мицкоски на Фејсбук.

Наместо да се смени општествената енергија во конструктивност и европска перспектива сега ќе поминеме неколку месеци во предизборно сивило во кое ќе гледаме како партиите си прават милион сопки во Пржинската влада која прашање е како ќе функционира, реформите кои и како збор веќе е мачно да се изговорааат ќе бидат целосно ставени под тепих и ќе остане само општествената поделба без јасни идниции што и како понатаму.

„Ми се стемни кога прво се заколнаа на верност на „камшикарот“. Второ, да бевме нормално општество и на вакви трауми и фрустрации опозицијата ќе сакаше блицкриг. Оваа калкулира - лошо...Трето, ќе чекале прво да влеземе во НАТО, па дале рок до април. А кој им го гарантира исходот на политичката криза во Шпанија!? Четврто, од денес (всушност, веќе извесно време) до 12 април ќе минуваме низ неподнослива, црна и маратонска предизборна кампања. Се’ ќе биде ставено во функција на изборите и ништо друго нема да биде важно... Уште вечерва министерката за правда направи негативна симболика со април како месец поврзан со злата на ВМРО-ДПМНЕ... Петто, горчливо е чувството кога го гледаш среќен оној што нема ни два прста образ да си даде оставка... И уште ќе бара нов мандат место да се покрие од срам! Простете, ама некако не чувствувам ниту олеснување, ниту егзалтација (не сакам да го „ситнам отпорот”, ама ... ми недостасува катарза и енергија. Ова е калкулација!)“, пишува професорката Билјана Ванковска на Фејсбук.

Партиските апологети веќе на социјалните мрежи прогласуваат победи, дека нивните лидери ќе ги одведат до нови изборни триумфи, дека ќе добијат мандати, фотелји и функции. Безобразието е што никој не се обидува да и покаже на јавноста како да се излезе од оваа апатија, од оваа безнадежност и изгубено време, со нови македонски порази и најверојатно нови условувања. Преспанскиот договор беше жртвата која македонските граѓани во голема мера ја прифатија за повеќе да немаме причини да бидеме уценувани, блокирани и надгласувани, но очигледно е дека и покрај сето тоа некој не направи доволно за да ја усмери земјата кон вистински реформи. А, тие да бидеме искрени речиси и да не постојат со калкулантски амнестии на политичари и моќници.

Дел од опозиционерите се радуваат што Заев ќе си поднесе оставка од премиерското место наскоро според Пржинските прописи, а потоа ќе следела „обновата на Македонија“.

„Бидете претпазливи и бидете на нивото на задачата, затоа што ова е победа која треба да ја донесеме за Македонија и нејзината иднина. Македонија е горда, Македонија е исправена и со кичма цврста како карпа. Изборите се шанса за нов почеток, за нови победи, за цврста и силна земја која гордо чекори напред. Еве ја таа шанса да кажеме “да, и јас бев дел од таа голема победа за Македонија”. Одиме силно, одиме до самиот крај, за ВМРО, за Македонија, против противник кој донесе поделби, срам, криминал и одземено достoинство“ истакна Игор Јанушев генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Припадниците на власта пак, на социјалните мрежи го фалат лидерот Заев што прифатил предвремени избори на кои сигурно ќе победеле затоа што биле „на прав пат“, па бараат „чист“ мандат што алудира дека кампањата ќе биде да се добијат повеќе гласови за да може полесно да се носат важни законски решенија.

„Победа и чист мандат од граѓаните за да одиме напред. За нови реформи, работни места, уште повисоки плати, повисоки пензии, уште посилна градежна инфраструктура и инвестиции. Чист мандат за да не ја кочат правдата и одговорноста за украденото, за да не се врати радикализмот и националнизмот, да не се врати расипништвото на ДПМНЕ, да нема тензии и затварање медиуми, студенти и невини граѓани“ истакна Љупчо Николовски генералниот секретар на СДСМ.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ ЗА ДОМАШНИОТ ПРИТВОР НА ЈАНЕВА: Ова не е правна држава, ова мора да се смени

ВМРО-ДПМНЕ ЗА ДОМАШНИОТ ПРИТВОР НА ЈАНЕВА: Ова не е правна држава, ова мора да се смени

Jaнева отиде во домашен притвор, лицето си го криеше со капуљача

Jaнева отиде во домашен притвор, лицето си го криеше со капуљача

Владата иницира нов закон за дивоградбите

Владата иницира нов закон за дивоградбите

Јанева е подготвена да ја напушти Шутка

Јанева е подготвена да ја напушти Шутка

Апелацискиот суд определи и мерки за претпазливост за Катица Јанева

Апелацискиот суд определи и мерки за претпазливост за Катица Јанева

Jaнeва заминува во куќен притвор

Jaнeва заминува во куќен притвор

(ВИДЕО + ФОТО) Полицајци и цариници запленија 100 килограми марихуана

(ВИДЕО + ФОТО) Полицајци и цариници запленија 100 килограми марихуана

Дуковски: Му викаат „нека умре п*дерот“, Боки 13 е третиран нечовечки

Дуковски: Му викаат „нека умре п*дерот“, Боки 13 е третиран нечовечки

Владата ќе носи закон за стратешки инвестиции, кои се тие?

Владата ќе носи закон за стратешки инвестиции, кои се тие?