20 Април, 2024
0.0248

Агенција за храна најостро го демантира пчеларот Менде: Маркетите не се преплавени со мед од Кина

Објавено во: Агробизнис 03 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber


Агенцијата за храна и ветеринарство ги демантира наводите на претседателот на Пчеларски сојуз на Македонија, Менде Трајковски, кој во својата последна изјава за медиумите порача дека македонскиот пазар е преплавен со фалсификуван неквалитетен мед по потекло од Кина и дека истиот се продава во маркетите.

„Како одговорна институција за безбедноста на храната и заштитата на правата на потрошувачите, најодговорно тврдиме дека во земјава се увезува безбеден и квалитетен мед и дека на македонскиот пазар не се продава мед по потекло од Кина. Увоз на мед од оваа земја не е реализиран ниту лани, ниту во 2018 година“, велат од АХВ.

Еден ден претходно Трајковски предупреди дека кинескиот мед кој се набавува по цена од 1,30 евра за килограм продавачите го мешаат со домашниот и го продаваат како домашен. Оваа мешавина некогаш достигнува сооднос од 9:1.

„Од лани увезените 35 пратки со мед, со вкупна количина од 220 515 килограми, најголемите количини, или 29 пратки тешки 156 238 килограми се по потело од соседна Србија. Три пратки со вкупна тежина од 63 000 килограми минатата година се увезени од Молдавија, една пратка со 1 151 килограм мед е од Австралија и една од Франција, со тежина од само 126 килограми“, додаваат од агенцијата.

Од таму тврдат дека сите пратки со мед кои се увезуваат во земјава подлежат на задолжително лабораториско испитување при влез во земјава со цел контрола на резидуи и контаминенти, одредување на квалитетот на медот, начинот на пакување и означување и утврдување на евентуално недозволено присуство на антибиотици во медот. 

„Од сите земени мостри од увозните пратки со мед, досега не се евидентирани отстапувања по однос на овие параметри, односно медот кој се увезува во земјава е безбеден и квалитетен“, велат на крај од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Трајковски претходно ги советуваше потрошувачите да купуваат мед само од проверени производители кои пчелините семејства ги чуваат во чиста околина и не користат додатоци во нивната исхрана, а не од маркетите. Како што вели тој, медот кој се произведува со помош на дохрана со шеќер нема својствен мирис, тој или е без мирис или има мирис на восок. Според него, потребна е поголема контрола од страна на пазарните инспектори на  медот кој се продава по маркетите. Нашата држава произведува висококвалитетен мед кој не може да се најде во маркетите каде што се продава увозен кинески или фалсификуван мед.

– Дури 80 отсто од медот што се продава низ маркетите во државата е фалсификат. Со овој проблем се соочуваат сите земји во регионот. Затоа треба да се води поголема битка за да се намали процентот на фалсификуван и на неквалитетен увозен мед од кој најголем дел е кинески. Нема логика една тегла од 750 грама да се продава по 250 денари. Ако се работи за чист мед минималната цена треба да биде 400 денари, рече Трајковски.


Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари