07 Март, 2021
0.0277

2021 - BETWEEN PESSIMISM AND OPTIMISM? (2021 година – помеѓу песимимот и оптимизмот?)

Објавено во: Колумни 05 Јануари, 2021

Новата година е секогаш во корелација со нов деловен и личен почеток, а тоа е така особено ако се има во предвид дека претходната беше бурна година, која, многумина, а би рекол и сите ние сакаме да ја заборавиме. Денес, ова е една природна форма на самоодржливост низ која поминува човештвото, однесуваќи се како мало дете или ако милувате како „мој Теодор“ кој кога беше тригодишен, ќе ги затвореше очите и ќе ми речеше: „Повеќе не се плашам, ништо нема таму“... Напротив, јас би рекол дека годината која сега е конечно зад нас, беше една од извонредните научени лекции како за стопанството и макроекномијата, така најмногу за нас поединците. Практично, 2020 година ни ги отвори очите за важноста на врските помеѓу нас луѓето, со цел да се направи еден нов почеток за светот кон подобра иднина. Но, да не заборавиме: сѐ зависи од нас како поединци, поточно зависи од нашето единство.

Во насока на тематиката, сакам да го поставам следново прашање: Дали ја гледате чашата полупразна или полуполна?

Имено, да се биде песимист или оптимист во врска со животот во голема мера се определува од начинот на функционирање на мозокот, и би додал дека тоа е под влијание на нашите гени. Ако е така, а така е, тогаш се поставува следново прашање: Како може да изградиме балансиран пристап кон сите видови ситуации што можат да се појават?

Еден мудар човек ќе напише: „човештвото е поделено на два дела - песимисти и оптимисти, лево-ориентирани и десно-ориентирани, мажи и жени“. Практично, како и да ја диксутираме поделбата, на верска, расна, политичка, класна, полова... таа е реалност. Природата на нештата создала различност или со други зборови создала разновидна реалност, на која мора да гледаме како на предност, а не како на начин за меѓусебни поделби, ова особено е важно за македонското општество. Ако научиме да се поврзуваме едни со други на начин со заемно надополнување, тогаш сите нијанси и разлики (било какви и да се: верски, политички, класни, полови...) ќе се спојат во убав баланс. Таквото спојување ќе создаде еден вид на урамнотежена целина што ќе го движи напред системот. Додека во спротивност, ниту еден општествен дел ако е самостоен, не ќе може да ја достигне таа состојба од претходно. 

Како пример, во насока на постигнување на рамнотежа во групите и компактност во разликите притоа, во едно од моите претхдони писанија истакнав, а еве тука, уште еднаш ќе ја обележам потребата од наша колективна активност, со цел да покажеме дека македонската држава (граѓанска на сите) е столб на доверба и таа знае да покаже покајание (иако не мора) за евентуланите грешки од минатото, кои битно влијаеле во одлуката за заминување на нашите граѓани во дијаспората. Ако вака настапиме, искрено, со почит кон дијаспората, таа ќе почне да размислува поинаку (ајде да не напишам - ќе се враќа тука)... Поточно, потребно е да покажеме дека немаме проблем со нивните карактерни карактеристики и особености на т.н. традиционален патриотизам (кој претставува нивна емотовна потреба за придобивање и канализација на нова енергија во непознатото или во отсуство на „домот“). Легитимен е тој нивен традиционален пристап во емоциите. За таа цел, треба да се пронајдат форми на соработка, за да направат еден баланс, со цел да се учиме како да се поврзуваме едни со други на начин со заемно надополнување за изградба на урамнотежена целина што ќе го движи напред економскиот систем. Мој предлог - да се направи Секретаријат за дијаспора (како тој за европски прашања, на пример).

Зошто е важно сето ова?

Неофицијалните податоци во последиве две години покажуваат дека иселениците од дијаспората во нашата држава годишно праќаат од 800 милиони, до 1 милјарда евра. Таа бројка драстично беше поголема во изминатива декада. Дури се движеше до 1,8 милјарда евра или некаде близу 2 милјарди евра годишно (ова е периодот на златните времиња во Куманово и Тетово, со работниците во Ирак и Авганистан). Иако, во 2020 година состојбите драстично се влошија, но еве ќе анализирам за годините пред тоа, со надеж дека ќе се стабилираме на тоа ниво на странски девизни приливи веќе на крајот од оваа 2021 година.  

Оттука, во интерес на читателите правам напори да извадам еден т.н. просек на ваквите девизни приливи на дијаспората. За таа цел, ја земам бројката 1,5 милјарда евра годишно, пари што ги испраќаат иселениците во македонската економија. Ова е просек на анализа на изминатава декада (читај: не важи за 2020 година). Овие пари се трошат за тековни трошоци, плаќање сметки и секојдневни потреби на нивните семејства дома. Само мал дел од нив се инвестиции - ова е многу битен податок за успехот на парите да бидат оплодени тука. Во проценти, таквиот прилив од дијаспората покажува дека од 50 до 80% од приливите се користат за лична потрошувачка, а помал дел околу од 10 до 15% се наменети за инвестиции и за долгорочно штедење. Исто така, важно е да се каже дека во изминатава декада девизните приливи од странство во македонската економија континуирано растат, дури и во кризни години, а во релативни бројки тие се движат од 18 до 23% од БДП на земјата. Најголемиот дел од нив доаѓаат од западна Европа (читај: Германија).

Од ова, синтетизирам неколку заклучоци:  

(Прво): дококу не работиме на интензивирање на поврзувањето едни со други, на начин со заемно надополнување и изградба на урамнотежена целина, задачата да се подобри процентот (погоре) во искористувањето на парите од девинзите приливи од странство нема да е толку лесна;

(Второ): да не заборавиме дека најголем дел од дијаспората има изгубено верба во нашиот систем. За сето ова е потребен прв чекор на државата, а тоа е: правда и правен систем; и  

(Трето): на дијаспората треба да и се понудат атрактивни проекти, како на пример: коморски бизнис здружувања, силни инвестициски форуми, стручно финансиско образование од банкари и финансисти за млади инвеститори од дијаспората, олеснувања на регулативата при влез на берзата, слободна економска зона за дијаспора и сл., како и основање т.н. Секретаријат за дијаспора, со цел да се подобри комуникацијата со нивните здруженија.  

Ние, не можеме да го промениме просекот на масите - народот, кој е 80% (следејќи го правилото 80-20), но ДА - ние можеме да ја промениме енергијата која ја црпиме од нив, преку волшебната моќ на “алатката патриотизам”, а во функција на претприемачки развој. Како? Прво, со влијанија за експанизија во квантитетот на странските девизни приливи (зголемување на трансферите од странство), а потоа со нивен ре-трансфер во подобрување на квалитетот во економијата.

Во 2020 година, намалувањето на странски девизни приливи, поради глобалната криза со пандемијата и намалените активности, негативно се одрази на земјите од Западен Балкан, а со тоа и на македонската економија. Причините се бараат во зголемувањата на бројот на невработени лица, особено во земјите од Западна Европа. Но, морам да укажам на една оптимистичка перспектива за ваквите неповолни трендови. Тие ќе бидат краткорочни. Иако давам оптимистичен поглед на состојбите, треба да се биде претпазлив во ваквите толкувања, ако се земат во предвид направените анализи на Светската банка, некаде на почетокот на кризата во 2020 година. Имено, таа предвидува дека дознаките од иселениците до своите семејства во матичните земји на глобално ниво годинава ќе се намалат за 20% или тоа е за 4 пати повеќе од периодот на економската криза во 2009 година, па ова ќе биде најголем пад досега (во апсолутни бројки околу 116 милијарди евра).  

Почитувани читатели, да се биде постојан оптимист не е идеално од една едноставна причина - што ако, на пример, не ја препознаеме опасноста својствена во дадената ситуација. Тоа може да предизвика состојба на невоља. Од друга страна пак, не е добро ниту да се биде континуиран песимист. Би завршил со тоа дека треба да научиме да ги поврзуваме ваквите две спротовни тенденции на еден балансиран начин, како што е позитивната и негативната тенеденција во електричниот систем. Еве јас на пример, ќе го балансирам својот силен оптимизам, но од друга страна пак, вие кои сте во постојан песимизам, ајде и вие корегирајете го тоа во состојба на рамнотежа. Ако погледнеме малку подлабоко ќе откриеме дека во рамките на секој песимист има и малку оптимизам и обратно. Ние, како единки сме констурирани така што имаме нешто заедничко преку кое можеме некако „чудно“ да се поврземе и да комуницираме со другите кои имаат спротивни квалитети. Тоа е така, со цел да се задржи секоја една сила на квалитет на минус (негативната) страната во еден човек, каде преовладуваат силите на омраза, разделба и отфрлање, и да се придодаде на позитивната страна т.е. на силите од комплементраната особина на истиот тој човек (обединување, љубов). Така постигнуваме состојба на рамнотежа (баланс).

Според ова, за да ја надградиме нашата перспектива во животот, треба да се поврземе со луѓе кои се различни по: вера, пол, етникум; и со луѓе кои имаат различни погледи и ставови од нашиот. Комбинацијата на спротивности е неопходна за градење на комплетен работен систем. Во последниве години, овој пристап на размислување, за кој пишувам сега, е анализиран во областа на науката, технологијата и иновациите. Оттука, резултатите кажуваат дека најзначајните проекти бараат многу високо ниво на интеграција. Од друга страна, меѓународниоте студии покажуваат дека оптимистичките луѓе имаат тенденција да се фокусираат на напредокот и растот, додека песимистите првенствено се занимаваат со доверба и стабилност, внимавајќи притоа да не преземаат ризични активности. Правилната комбинација на двете тенденции може да нè придвижи напред со доверба и сигурност на оптимален начин.

проф. д-р Синиша Наумоски,

директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје - Хајделберг Институт


Можеби ќе ве интересира

Вирусот, банките и копнежот

Вирусот, банките и копнежот

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!