19 Април, 2024
0.0582

Радио па Радио.......

Објавено во: Колумни 03 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Откако од повеќе од оправдани причини го игнориравме 2-ри мај (денот што многумина кои сакаат да бидат интересни по социјалните мрежи го нарекоа пролетерски празник) ми остана да се сетам дека третиот ден на најубавиот месец се слави како меѓународен ден на новинарството. Новинарство како професија задолжена да ја кажува вистината и само неа и да се бори за неа.

Новинарски потекнувам од школата наречена Македонско Радио - расадникот на безброј знајни и незнајни новинари чие основно и единствено кредо беше навремена, вистинита и непобитна вест.....кога во автобус или пак на пазар ќе чуеш „само што јавија по радио“ знај дека не си ја утнал работата - не учеа во Дневната Редакција......некој ќе рече уште ти ни фалеше со ова дрндање, твоето е одамна поминато. Ти си старомоден новинар - ми врати еден мој ученик, сега марка меѓу новинарите. Не знам колку е во право, ама нека му биде, нека биде дека вистината е во копи-пејст веста на олтарот на бистрината!

А токму него и уште 50-тина ученици кои мојата маленкост го внесуваше во професијата со седум корки, ги учеше дека вистината нема боја - не е ни сина ниту портокалова, таа е сурово безбојна, но врши работа....

На 4 ти мај 1980 година со Брада (Јосиф Ќурчиев ) дреждиме на Северна и чекаме кога конечно вардарци ќе се смилуваат и ќе и брцнат на Олимпија гол, кога почна по разглас да се повикуваат еден по еден разни полициски челници и поситни државни службеници веднаш да дојдат на работа.....му викам на брадестиот ајде батка да си ги збираме парталите, јасно е што е ова. Пред стадион го најдовме Баже, дежурниот шофер и тој веднаш не однесе во Нерези. Јас, Брада, Трафка, Ричка и Томе - баба сељо, бевме во првиот тим за деј ди - неминовниот крај на Другарот Тито - кога требаше да проработи лавината вести и информации од клинички во Љубљана па натаму, како што беше до најситниот детал испланирано.

Во Дневна штама сите се тука, по список..... дури вечерта тргна по телепринтер првата шлајфна на соопштението за смртта на саканиот претседател........ја диктирам содржината на Аница која е бледа како крпа (кој знае какви сме биле ние со другар ми што на први септември седумдесета ме внесе откај влезот на кејот на Вардар на барање на Хари Миновски да донесе некој како него), ја редактира Брада, ја лекторира Мето Пендо, ја чекаат Миле Поп и Оливера Попанкова и така којзнае колку долго беше соопштението на ЦКСКЈ..... јас па Брада, Брада па јас, а нашите шефови и учители стојат немо бледи како крпи, по некој поплачуе, а ние двајцата новинрски копиљаци немаме ни срце ни душа, како да не сме врзувале црвени шамии на Денот на Републиката, не сме гледале слетови за Денот на младоста, не сме објавувале вести од многубројните патувања по неврзаните....ние немаме душа ни срце работиме осум часа, па одиме дома, доаѓа екипата бе, па це, по 16 часа повторно ние кеко пупунци неспани и возбудени до бескрај......и се така до 8 ми мај денот на закопот за кој имаше друг план за известување и пренос на брановите на радиото...и да не бидам досаден и старомоден.....

Гледам деновиве по социјалните мрежи мои млади колеги бесат слики на стари радио апарати Тесла и Космај, што постар тоа е поголема љубовта спрема куќата во која својата професионална судбина ја врзале генерации и генерации новинари и не само тие - вработени со професии врзани за информирањето, образованието, спортот, културата и забавата......повикуваат да му се врати стариот сјај на Радиото. Сите знаат до кое дереџе е стасано, а никој не знае како......не знам ни јас, веројатно има некој што знае, а дали сака тоа е друго прашање!

Радио не радио свира ти радио!!!!!!!  

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок