24 Април, 2024
0.3248

Зврлевски го преживеа „Пржино“, но сега деновите му се одбројани

Објавено во: Анализа 06 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Јавниот обвинител Марко Зврлевски успеа да ја сочува функцијата пред засилувањето на преговорите во Пржино од кои произлезе договор Никола Груевски да не биде премиер и да се формира преодна техничка влада во која влегоа повеќе кадри на СДСМ, имаше привремен уредник на МРТВ, а се формираше и ад-хок тело за оценка на работата на медиумите кое беше активно во предизборниот период. Пред речиси две години во Пржинскиот договор се шпекулираше дека Марко Зврлевски ќе биде разрешен, па дури и се размислуваше кои обвинители би можеле да го заменат. 


Сега тоа се чини како далечно минато бидејќи шпекулациите никогаш не се реализираа, но откако се формираше новата влада предводена од Зоран Заев токму една од првите пораки која ја испрати премиерот беше дека ја очекува оставката на Зврлевски. 

Повиците на Заев речиси една недела не допираат до Зврлевски кој нема обрска сам да си даде оставка бидејќи како јавен обвинител има мандат до јануари 2019-та. Сепак, сосема јасно е дека премиерот Заев ќе достави предлог на Влада за негово разрешување кое потоа ќе треба да доби верификација и во Собранието на Република Македонија со обично мнозинство. 

Зврлевски беше спомнат и во објавените „бомби“ во разговор меѓу екс министрите Ставревски и Јанкуловска за отфрлање на кривична пријава за која тој кажал дека им ја завршил задачата и се било во ред со предметот. Токму неприфаќањето на прислушкуваните разговори, но и тоа што немаше ефикасни истраги доведе до формирање на Специјалното јавно обвинителство.

Предвремена смена на јавниот обвинител не е никаков преседан бидејќи ВМРО-ДПМНЕ токму Шврговски го избра на местото на Александар Прчевски. Процедурата за избор на нов јавен обвинител мора да ја „аминува“ и Советот на јавни обвинители и тоа по 15 дена откако на огласот кој ќе го распише Собранието на Република се пријават кандидати. Доколку и по 15 дена не даде ниту негативно ниту позитивно мислење се смета дека процедурата може да продолжи. 

Засега се уште нема конкретни имиња кои би го замениле иако се шпекулира дека Фатиме Фетаи е сериозен кандидат да го преземе Јавното обвинителство на Република Македонија. 

Автор: Христијан Станоевиќ