28 Март, 2024
0.0271

Зошто над милијарда евра лежат по трансакциски сметки во трите најголеми банки ?

Објавено во: Анализа 31 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Од сите пет милијарди евра депозити, над една и пол милијарда евра лежат по сметки во трите најголеми банки во земјава. На тие милијарда и пол евра не течат камати ниту пак тие се вложуваат во некакви инвестициски проекти, а да не збориме за тој потенцијал во контекст на корпоративните обврзници. Овие пари не обезбедуваат никаква развојна компонента и се голем товар за банките зашто се ризик. Од што се плашат Македонците па избираат наместо во вложување  на своите сметки да чуваат повеќе од милијарда евра кои може да им бидат достапни во секое време? Има ли визија новиот естаблишмент како да создаде клима за дел од овие пари да се ангажираат за создавање нова вредност?

Клиенти на трите најголеми банки во земјава : „Стопанска банка Скопје“, „НЛБ Банка“ и „Комерцијална банка“ на своите трансакциски сметки имаат повеќе од 1,5 милијарди евра! Ова се официјални податоци со состојба до крај на 2016 година кои ги доби „Фактор“ од извештаите на трите најголеми банки.

Тие пари ги чуваат граѓани и фирми во форма на депозити по видување што значи дека парите лежат по сметки на сопствениците на сметки и можат да се подигнат во секое време, односно не се орочени и нивните сопственици немаат никакви договорни обврски кон банките. Но заради тоа пак и не добиваат камати односно и да ги добиваат тоа се износи во промили од вредноста на внесените средства.

Во „Комерцијална банка“ на крајот на 2016 година клиентите по видување чувале 651,5 милиони евра односно 40,2 милијарди денари. Тоа е износ што во вкупната депозитна структура учествува со 45,9 отсто и е најголема поединечна ставка во споредба со краткорочните и со долгорочните банкараски депозити. Износот на депозити по видување на крајот на 2016 година е за 92,3 милиони евра поголем од износот на тие средства на крајот на 2015 година. Тој раст во најголема мерка се должи на априлската депозитна криза предизвикана од политичката состојба во земјава.

Во „Стопанска банка“ по видување на крај на 2016 година се чувале 402,1 милиони евра и тоа е 36 отсто од сите депозити. И во таа банка депозитите по видување се најголема ставка во депозитната маса. Во однос на 2015 година кога изнесувале 354,9 милиони евра депозитите по видување бележат раст од 13,3 отсто.

Во „НЛБ Банка Скопје“ депозитите по видување на крајот на 2016 година изнесувале 49 отсто од сите депозити односно биле 461,6 милиони евра. Тоа се безмалку 50 милиони евра повеќе од 2015 година односно имаат раст од 12 отсто. Нивниот раст е проследен со пад на учеството во структурата кај орочените краткорочни и долгорочни депозити. 

Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот